Monday, December 22, 2014

Блузирање (163-193)



(прва кавадаречка колумна)

“Okruzeni banalnoscu i noseni izbezumljujucom borbom za opstanak, najcesce nismo u stanju da prepoznamo i zaustavimo u vremenu stvari koje su zaista vazne…”

(Александар Жикиќ, книга “Место у меќави – Прича о Милану Младеновиќу“)

Никогаш не сум можел да ја разберам “финтата“ со петардите, ниту пак некогаш сакам да разберам употреба на таква глупост при (демек) веселби, особено за новогодишните празници. Да вознемируваш луѓе со пукање петарди, не ќе да е нешто арно и културно. Затоа сите кои ги “употребуваат“ никогаш нема да ја имаат мојата почит, ниту пак внимание. Оти, преку глава ми е од немањето основна култура на живеење. Токму во моментот кога започнувам да ги пишувам овие редови (речиси единаесет навечер), надвор како да се води, не дај Боже, граѓанска војна. Колку ли само треба да си недоквакан морон па да детонираш петарди по влезовите на зградите. Ве слушам како велите, а бе остај детска работа. А бре какви деца, кога на сред плоштад по таканаречените “новогодишни тезги“ (да, тоа грдотиите на плоштадот) и околу нив, без никаков страв и срам се продаваат стотици модели петарди. На главата ни се качија одговорните со “превентивните акции“. А малку да казнувате и воспоставете некој ред? Или нешто друго ви е во план?! (Во меѓувреме дознавам дека во Кавадарци имало успешна акција на заплена на петарди. И додека човек да рече “конечно“, ете ти (прегласна) канонада од испукани петарди. Најверојатно контигентот кој во Кавадарци се продава на црно не е ниту начнат со заплената.) Срамота!
Пишувам многу често, објавувам на интернет, го правам тоа, што би се рекло, бесплатно. Ретко дофтасувам до некој хонорар од страна, да ми го “стопле“ малку домашниот буџет, па ова со мултиплексираниот данок на хонорари, многу – многу и не ми се допаѓа. Зошто? Затоа што во ретките прилики да се заработи нешто настрана од платата (која е за жал, таква – каква што е), морам да пополнам едикаков формулар дека клекнат на колена, се откажувам од заработеното во интерес на дел од државата. Не заебавај!
И додека се занимаваме со секојдневните глупости, поминува уште една година. Уште еден декември дебело потрошен, па заглавени во зимските празници, не ни сеќаваме каде сме и што сме. Комуникациите со голем дел од блиските луѓе овие празнични денови ги тераме преку интернет, оти повеќето се некаде далеку, во некоја нова татковина, во која се пронашле себеси, се смириле, никој не ги тормози со политиканство, ветувања дека еве каде, веќе задутре ќе не биде, па кога ќе му ја удриме на една веселба, крајот нема да ни се знае. Еве и гласно да се запрашам - ќе има ли некој од тоа посаглам луѓето да остане, та овде да ја дочекаме староста?! Некако не ме врти мислата дека ќе има.
Како и да е, можеби и ќе има некој што малку размислува со своја глава, та ќе направи една мала анализа на годината која е при крајот, што всушност таа ни донесе и однесе. Не дека нема да има текстови и говори по медиумите, ќе ги има еден куп, како да сме најсреќните луѓе на оваа планета, ама една фина анализа од некој стручен во својата област, со троа храброст во изразот, колку да останеме на земја, не ќе е лошо да слушнеме или прочитаме. Секако дека за Кавадарци зборувам. Со оглед на тоа пак што културните и уметничките случувања траат речиси до последниот ден на декември, авторот на овие редови со случките од целава изминувачка година ќе се позанимава веќе во првите денови на среќната ли ни нова година.
П.С. Одамна нема снег во декември. Безснежните декемвриски денови се поклопуваат со транзициските години на лутање и ронење на сеуште незасушениот бетон на темелите на тукашната демократија. Иронија? Не. Онака, колку да се каже нешто, а да не звучи паметно. Оти паметта овде не вирее.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Tuesday, November 25, 2014

Блузирање (162-192)



(прва кавадаречка колумна)

Доаѓа и декември, а во декември еден од ретките настани во последниве неколку години кој со вакво нетрпение го очекувам, што за оние кои ме познаваат и нема да биде чудно со оглед на тоа што станува збор за настан од исклучително значење за мене како долгогодишен пријател и соработник на еден од воопшто најдобрите ликовни уметници од Кавадарци. Станува збор за изложба на ликовниот уметник Ристо Соколов Сокол, која тој ја реализира по повод 40 години негово бавење со ликовна уметност, настан кој уште сега можеме да го вброиме како културен, уметнички и воопшто општествен настан на годината за 2014. Зошто? Затоа што не станува збор за класична ретроспективна изложба, туку Ристо оди неколку чекори напред во уметноста, нешто што воопшто тешко ќе биде да се следи, не пак да се надмине во наредните години, не само на кавадаречката ликовна сцена. Но, еве каде е 12 декември 2014 и отворањето на изложбата која носи необичен, но сугестивен наслов “Ретро Арт – Нови моменти“, а ќе се случи во кавадаречкиот “Музеј – Галерија“.
Ристо Соколов Сокол, ми се чини го знам целиот свој живот. Една од првите сериозно посетени изложби беше токму неговата, во галеријата на тогашниот истурен простор на Младинскиот дом во Градскиот парк (популарно наречен “Кај Боби“). Потоа се е еден остварен сон во моето занимавање со култура и уметност. Толку многу се денови и години успешна соработка пред се, дружење, крепење во тешки денови (буквално делење парче леб) по кои станувавме уште појаки, не плашејќи се од сите предизвици кои низ годините ги носи ова време – невреме. Се сеќавам на неговото доаѓање во Радио Кавадарци, каде бев соработник и на честа која ја имав да го средам текстот на машина за пишување, со кој тој конкурираше на конкурсот за изработка на официјално знаме на општина Кавадарци. Денес неговата креација се вее во сите пригоди и е неминовен дел од сите (не)прилики на градот и општината. Се сеќавам и на неговото доаѓање во тогашниот Клуб “Галерија“. Не требаше многу муабет за да цело лето внатрешниот простор на клубот биде отворено ателје на Ристо, а платната од параваните негова инспирација која содејствуваше со музиката која ја пушташе авторот на овие редови. А музиката верувајте беше жестока, експлозивна и за него и повеќе од креативна. Ако започнам овде да ги редам сите настани и соработки, ноќите полни креативни разговори, верувајте, ќе ми требаат стотина изданија на оваа колумна за да ги покријам со збор. Би ги спомнал само неговиот Охридски циклус и деновите и ноќите поминати во креативно дружење во “Роберто“ и театарските гримиорни, неповторливиот “Арт Перформанс 2005“ за кого уште се раскажува, циклусот “Траги“ со кој (и со отворањето и делата) го возбуди регионот и ја разбуди уметноста на овие простори, а мене лично во ноќите на стварање на делата од овој циклус ми донесе инспирација за многу текстови и песни. За сеќавање и кажување се соработките при неговата изработка на неверојатните (уметнички) сценографии за театарските претстави “Госпоѓа министерка“ и “Дупло дно“ на кавадаречкиот Театар. Му бев десна рака при организацијата на неколку ликовни колонии, извонредно искуство за мене. Особено ми е драга соработката во раѓањето на делата од неговиот циклус “Некогаш и денес“ кој од темел ја помести кавадаречката ликовна сцена и постави нов и оригинален правец во македонското сликарство. Потоа, ми прави исклучителна чест што сум дел од неговото животно дело Уметничкото студио “Сокол Арт“ во кое се пронајдовме себеси како креативци и чиј тим и денес работи во повеќе видови уметности и секако, меѓу другото, неговата големина како човек и уметник максимално ја доживеав при подготовката, реализацијата и промоцијата на мојата емотивна збирка поезија “Мојот блуз“. Ништо не докажувавме, само покажавме што знаеме и умееме, без за тоа да ни биде потребно некакво признание. Оти покрај Ристо и нам уметноста ни стана живот, а животот – уметност.
Денес, соочени со уште едно големо животно искушение, заедно со Ристо Соколов Сокол, водени од неговата непресушна позитивна енергија, од неговата препознатлива и оригинална креативност, од неговата врвна уметност, го предизвикуваме градот и неговите извикани чаршиски приказни, да престане да се брани од убавото и да се спротистави на чемерот и јадот кој му го всадуваат налицканите и аздисани транзициски рожби и да се обиде да остане град. Ете го 12 декември, ние децата на Уметничкото студио “Сокол Арт“ ќе бидеме на отворање на новата изложба на најголемиот – Ристо Соколов Сокол. А вие?
П.С. Сакам овие редови да му ги посветам на еден млад уметник, во чија голема уметност во раѓање препознавам моменти на кои во иднина често ќе се радувам. На Трајче Јованов, чија енергија е за восхит и чија соработка и пријателство ептен многу ми значат.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Sunday, November 23, 2014

Блузирање (161-191)



(прва кавадаречка колумна)

Постојат неколку видови на публика која ги посетува културните и уметничките настани во Кавадарци. Да се разбереме – не сум социолог или слично некое занимање, па да правам чудни анализи кои никој нема да ги разбере, туку едноставно и професионално и приватно веќе дваесетина години се “судрувам“ со феноменот “кавадаречка публика на културни и уметнички настани“. Една од најизвиканите е онаа која добива бесплатни влезници за се и сешто и никогаш не доаѓа да ги искористи. Друга е онаа која сака да биде поканета на секој настан, инаку се навредува и не доаѓа. Заедничко со претходната е што всушност никогаш не доаѓа на настаните (?!). Трета пак има пари да ги откупи сите годишни настани на сите културни институции во градот и пошироко, сосе учесници, организатори и публика, ама не и се брка во џебот да плати 50 денари за влезница, оти ќе им дојде кусо за спонзорство на соседските “трифртаљки“ и џингрлака кафански социјализации. Но, тоа е така од самиот почеток на ебената тразиција, која ги “култивира“ набрзинка збогатените, кои од врамување капаци од бонбониери и естрадни постери, напреднаа во купување се и сешто по соседските молови и трговски центри, истовремено откривајќи го “благодетот“ на социјалните мрежи и ете ги фино истопорени со селфија по кичестите купатила и останати станбени површини полни имитација на разно – разни намештаи и пинк спални соби.
Има и друга публика која оди по културни и уметнички настани. Едната влегува и прашува дали ќе има коктел, за да остане до крајот на “дружење“, а другата прашува во колку часот е настанот - за да не дојде. Една публика пак доаѓа на сите настани кои се случуваат меѓу две емитувања или репризи на разно – разните сапуници по националните телевизии (проверено и точно), друга доаѓа по партиска наредба, трета пак доаѓа само на настани каде им пее/свири детето/внукот и ги фаќа с‘клет ако е последно на програмата. Има уште неколку видови на публика и за жал сите се пример за тоа како не треба да се однесува посетител на културен или уметнички настан. Често нивното однесување е навредливо за авторот/уметникот/музичарот, од причина што дошле да бидат видени, а немат поим каде дошле и им ѕврцкаат омилените ринг тонови на мобилните телефони и по десет пати за еден час. Сите обиди на културните институции за култивирање на публиката паѓаат во вода по прашањето: “може ли двајца со една карта“, а се урнисуваат кога посетителот добиениот каталог на било која изложба ќе го фрли на излегување во првата корпа за отпадоци, често и не погледнувајќи во него.
Со оглед на тоа што културните и уметничните настани се прават за публика, дури и ако авторот/уметникот/музичарот мисли поинаку, за да не го досегнеме дното од кое нема враќање, сеуште има публика која доаѓа на отворање на изложба за да поразговара со авторот, а наредните денови доаѓа натенане да види што сакал да каже авторот со делата. Има публика која доаѓа на концерт затоа што знае што ќе понуди исполнителот и го исклучува мобилниот уште пред да влезе во салата. Има публика која доаѓа на промоција на книга не само поради фактот дека го познава авторот, туку затоа што знае(претпоставува?!) што тој автор ќе понуди и сака да слушне што за делото мислат промоторите. Има публика што доаѓа на театарска претстава, не за да ја искористи бесплатната влезница и да се фотографира со актерите по претставата, туку затоа што е испровоцирана од понуденото и не суди однапред за прикажаното, не продава прикаски на невидено. Која публика преовладува на кавадаречките културни и уметнички настани и во која вие спаѓате, останува на вас да одлучите, без разлика дали станува збор за гостувачки настан или настан кој е креиран од кавадаречки автори. Оти културата и уметноста треба да се конзумират, треба да се фалат и критикуваат, па и да не натераат да размислуваме за општествениот поредок и секојдневието, некогаш да не поместат од место, да не размрдаат, налутат, насмеат или го потврдат она што го знаеме. Најмалку служат за пополнување на слободното време. Оти слободно време значи нешто друго. Ако не знаете, распрашајте се наоколу.
П.С. Одвреме навреме добивам понуди од некои “чудни“ сајтови за пренесување на блузирањево, демек да се чуе и виде за колумнава и подалеку одколку што допира основниот блог пост, за да најчесто се сведе на поставување на услови за малку поинакво пишување за Кавадарци. Арно ама, од ова поинакво размислување и пишување за Кавадарци – здравје Боже. Остануваме овде на блог платформата и на Кавадар4е, благодарејќи на вредниот Даниел Уневски, еден од поинаквите во овој град.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Sunday, November 9, 2014

Блузирање (160-190)



(прва кавадаречка колумна)

Кај Старата автобуска, кај Отекс, кај Југопластика, кај Стоковната, кај Орка, кај Старата аптека, кај Стариот катастар, кај Банката, кај Хотел Балкан, кај Новата банка, кај Горната книжара, кај Ќендо... Места, субјекти и локалитети кои повеќе не постојат во Кавадарци (или од поодамна не се нарекуваат така), но се поим за снаоѓање низ градот, секако за кавадарчани. Зошто и како се задржале и ден денес во градскиот говор и покрај тоа што денешните генерации ги немаат во своите сеќавања, тоа нека го раскаже некој друг. Нели денес имаме еден куп “школувани“ луѓе од разни занимања, па некој белки ќе се снајде и во овие води, да ни објасни зошто останале овие поими. И ако не за друго, туку бар за разно - разните познавачи на состојбите во Кавадарци кои се “утепаа“ љубејќи го Кавадарци по кафеанските маси или на микрофоните по разно  - разни прослави за широките народни маси, па да имаат можност меѓу две теревенки и две пополнети ливчиња во обложувалниците - да прочитаат два - три реда. Не мора ниту да сфатат, не е задолжително. За медиумите и нивното новинарско “познавање“ на Кавадарци, во некоја друга прилика.
Што се однесува до месец ноември и овогодишното негово издание, тој си го тера своето и без да не праша си ги брои своите денови, впрочем и тоа му е обврска, па кој ни е крив што во него не сме оставиле трага, не за да некој не памети, туку за да се чуствуваме подобро низ крвотокот на кавадаречкото секојдневие, кое најчесто ги џвака своите најдобри деца и плука далеку од себе, за да никогаш повторно не се наврати на нив. Од таму, зошто и тие би се навраќале на нас од таму каде што си ја нашле својата иднина и слобода можеби, ако ние овде не си ги зачистуваме по дворот долгогодишните “смрдливи“и веќе наталожени пајажини, на кои и “пајаците“ заборавиле. Впрочем, дозволете ми уште еднаш да констатирам, дека и во дејноста со која сум преокупиран и приватно и службено – културата (и уметноста) состојбите не се многу различни од остатокот на кавадаречкото секојдневие. Да се разбереме, зборувам за автентичниот кавадаречки креативен израз, квалитетни гостувачки проекти и годинава имавме сосем доволно. Пајажината и овде надвиснала врз креативноста на поголемиот дел на творците, чии капацитети по се изгледа се задоволуваат низ ретки групни евенти, криејќи ја индивидуалноста во масата. И годинашниов ноември заминува, а Кавадарци не виде сеуште (годинава) изложба на тукашен автор, иако се “топориме“ како град на (особено) ликовната уметност. Ма, ќе го дочекаме и декември, ќе дадеме шанса како конзументи, ама информациите велат дека оние кои што работат на својата уметност, а со тоа и на себе, ги има и без групни изложби и тоа впечатливо и реално и виртуелно. Ним не им е потребен “групен портрет“ за да некој се сети на нив. Ете и кавадаречките театарски аматери (често посилни и од извиканите професионалци низ Македонија) подготвуваат нова претстава, до чија премиера можеме само да жалиме што есенва не видовме повеќе репризи на извонредната “Последниот балкански вампир“ (здравје, напролет). Но како што реков, ќе го одживееме и декември, па ќе удриме една дебела анализа, па кому како се падне.
Инаку на денешен ден (9 ноември) пред 25 години падна Берлинскиот ѕид. Ако овде некого тоа денес воопшто го интересира?! 
П.С. За жал, денот во Кавадарци сеуште незавршен, доби трагичен тек. Се случи тројно убиство. Голема трагедија. Немам зборови, освен бесот кој се појавува кај мене кога се случуваат трагедии во кои нормален човек е немоќен да помогне. Институциите се на потег, експресно да го решат случајот и под итно да воведат 24 часовна акција за сузбивање на сите видови антисоцијални дејствија. Трагедии со човечки жртви се случуваат во Кавадарци. Потребна е работа, а не спиење на ловориките по неважни “успеси“. Зборовите ништо не значат кога луѓето предвреме заминуваат. Сочуство до најблиските на убиените.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Friday, November 7, 2014

Блузирање (159-189)



(прва кавадаречка колумна)

“…A onda, po tko zna koji put, pocne razmisljati o uskogrudnosti, prigluposti i nedostatnosti, svake nacionalno – politicke i partijsko – politicke doctrine sto se, svaka na svoj ograniceni nacin domogla grandomanskog izraza: nazor na svijet. Osjecao je kako nijedna takva doktrina nece moci zajamciti ni unutrasnji mir, a kamoli svjetski mir; one ce uvijek dovoditi do nemira, huskanja i mrznje izmedju naroda, uvijek ce izazivati ratove. I povijest je tako ucila. A svjesna krivotvorenja povijesti iz nacinalno – politickih interesa, sto su sebi oduvijek postavljala bogohulni cilj da matematskom tocnoscu mobiliziraju dio tradicionalne slave u majstorstvo nemira, mrznje i prolijevanja ljudske krvi, ne mogu prikriti gorku istinu, vec posve jasno pokazuju opasno i gotovo neizljecivo napredovanje sveobuhvatnog idiotizma…”
(“Gretchen u uniformi” – K.H. Helms – Liesenhoff, 1956)

Деновиве, некаде околу полноќ, гласни поединечни детонации се слушаа во таканаречениот нов центар на Кавадарци, околу кружниот тек (оригиналниот). Па спуштај ролетни, некоја весела будала да не ти проектира нешто директно низ прозорецот и ете ти белја. А немаш поим кој ја прави белјата, кој ли тоа детонирано се весели околу полноќ. Ма нема ниту кој да праша, оти и нема кого да прашаш, сите ја подвиткале опашката под јорганот (јамболите се на викендичките на Тиквешкото езеро), со нагласок на оние кои земаат плата за да знаат. Гласно било, некој те вознемирува во никое време? Па што тоа има врска со платата? Ништо, таа и затоа стигнува, за да преживееш, да ги израниш и израстиш децата, а не за да те интересира кој тоа вознемирува стотици, море илјадници граѓани.
Ете незнам, не сум толку паметен, што беше финтата со енормното зголемување на казните за прекршување на сообраќајните правила и прописи (освен полнење на буџетот де), кога казнувањето по се изгледа во Кавадарци не дава резултати, на што сме сведоци секојдневно. Сообраќајните бараби и натаму владеат со кавадаречките улици, тротоари и пешачки премини, чиниш деновиве нивната ароганција е дури и поголема. Токму на раскрсниците во центарот на градот (кај плоштадот и старата автобуска) е најзабележливо нереагирањето на сообраќајците (не забележуваат ли или нешто друго ќе да е?!) на однесувањето на безобразните сопственици на големи и скапи возила, кои се распашани како да се на сред “селско гумно“, како да Кавадарци е нивна “прчија“.
Инаку, и во Кавадарци е сеуште есен. Променлива, како што само таа знае да биде. Метеоролизите ни најавија снег и ете деновиве сонце, па троа повисоки температури, те настинки и грипови и слични причини за скапи приватни инвестиции, оти никаква субвенција не те спасува од купување лекарства додека се чудиш како опстојуваш со официјалната просечна македонска плата (цифрите не ти се совпаѓаат, нели?!), па се нервираш на ситното секојдневно зголемување на цените на продуктите кои ги конзумираш секој ден (храна!) и забележуваш дека дури и продавачките во колонијалите не ти враќаат мастика место кусур, оти или имаш точно пари за основните потребштини или нешто враќаш назад на полиците, за да, ете, имаш за основното. Да, точно е, бројот на вработувања во градот е зголемен, ама ете, не стигнува, а и малите маалски колонијали за пишанки ги снемува. И после се, нема потреба од чудење што сите седнале и паметуваат по социјалните мрежи (јад – јадосани), постирајќи мудрости и изреки, демек слободни, до наредниот избор и повеќегодишно продолжување на ебената транзиција и малограѓанство. Завршила транзицијата? Некој така рекол? Е тој што така ви рекол, нека живее со вашата плата, нека ги гледа вашите деца, нека ви ги плаќа сметките. Ете, во кавадаречко ќе се гради нова црква, па место во градинка, вашите деца ќе собираат добротворни прилози за верски потреби, а ако вашиот есап вели поинаку, можеби според него ќе го скокнат детството и директно на ваша сметка, таман да ги храните некоја година од пензијата. Се разбира, ако остане нешто откако ќе ги купите лекарствата. А за потоа, за потоа да сме живи, здрави и трпеливи. А сме трпеливи нели?
П.С. Пред некој ден ( 5 ноември 2014) се навршија дваесет години од заминувањето на Милан Младеновиќ (ЕКВ). И повторно се сетив на интервјуто кое го правев со него и Маргита (во емисијата “Музички клуб“ на Радио Кавадарци, под перфектна техничка реализација на Трајче Панов), пред нивниот кавадаречки концерт во 1993 година (во дискотеката Парк клуб, предгрупа им беа култните Skylab), се сетив на сите кои бевме “залепени“ за музиката и текстовите на Милан и нивната болна вистина. Ете дваесет години по физичкото заминување на Милан Младеновиќ, сеуште сме залепени за ЕКВ, оти содржината на текстовите на композициите на овој вонвременски рок бенд – и ден денес ја живееме.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци