Tuesday, May 20, 2014

Блузирање (147-177)



(прва кавадаречка колумна)
За нас децата од другите градови низ Македонија прошетката низ Скопје почнуваше и завршуваше кај сендвичарата “Чичко Стоилко“. Со сласт ги кркавме сендвичите со плескавица и тостовите по “прошетката“ низ главниот град, по која нозете не си ги чуствувавме. Читам/слушам деновиве ќе ја рушеле сендвичарата. А бе рушете, немајте гајле. Ете, каде и да е ќе започне колективизацијата, ќе го донесеме првиот петгодишен план, па електрификација, индустријализација, а во меѓувреме национализација. Потоа нормално следува приватизација и ајд‘ одново. И така во вечниот круг на садо - мазо животарење, се додека не замине и последниот мохиканец.
И ете, кога сме кај рушењето, памети ли некој дека во центарот на Кавадарци, веднаш до (сега руинираниот) хотел “Балкан“ спроти библиотеката, имаше една фантастична метална скулптура наречена “Гроздоберка“, која од едикојси причини буквално ја снема преку ноќ. На нејзино место никна чудната биста на Никола Бадев, која пак потоа во правењето на таканаречениот нов плоштад уште еднаш ја преместија и ете ја сега до големиот “мотор“ на клима уредот на големиот маркет, кој пак онака незаштитен и опасен по луѓето кои се движат покрај него е приказна сам за себе сосе маркетот. Во тоа време, уште кога не беа “распојасани“ социјалните мрежи низ интернетот, низ неколку тогашни (сеуште) пристојни овдешни медиуми неколкумина низ градот дадовме предлог, море и апел, истата таа “Гроздоберка“ да се заштити и да и се најде ново место за поставување, на пример во Градскиот парк. Подршката стигна само од два тројца уметници, ама и нивниот глас го однесе додворувањето на тогашниот политички естаблишмент (јако звучи, ама е мизерно во суштина), па последното пребивалиште на “Гроздоберката“ одреден период беше во задниот двор на општинската зграда. Што стана потоа со неа – не е познато. А беше заедно со “Детето со бродчето“ од Градскиот парк единствена урбана скулптура во овој град.
Годинава пролетта во Кавадарци и не е пролет. Ма не е и пошироко географски, ама овде сега сме лоцирани. Не затекна долготрајниот дожд сите нас навикнати од зимска да се “пикниме“ директно во летна гардероба и ете ти проблем со облеката. А месец мај е уште еден од оние со минусно салдо, па и не е баш препорачливо лимитираниот домашен буџет да се дотолчи со нова гардероба. Во меѓувреме, додека ова го пишувам, се случува катастрофална поплава во Босна и Херцеговина, во Србија и во Хрватска. Поплава од невидени размери! Помошта на загрозените им пристигнува од сите страни. Па и од Македонија, масовно. Ама ако човек се подзамисли, особено ако потегне по бројните статуси на социјалните мрежи, ќе помисли дека овде наголемо “цветаат ружи“, дека овде сите сме од “големото доброутро“, па не само што можеме да бидеме хумани, туку ако треба и животот ќе го дадеме за да ги спасиме соседите кои во некои нормално времиња може и не обожаваат. Особено поради фактот дека тоа радикалните илити “народните“ властодршци во најблиското ни соседство, кои до скоро имаа намера со две дивизии да стигнат до Гевгелија и “пртал“ да не сторат! И никој од тоа распишаните по интернетот “интелектуалци“ од Кавадарци, па и ширум државата да се сетат дека прва поплавена беше Босна и Херцеговина (милион луѓе раселени), дека предупредувањата стигнале од Хрватска, а за жал потопот бил неминовен во Србија. Тоа реката “Сава“ пишува некои нови неубави приказни.
Додека ги пишувам овие редови, траат собирните акции и во Кавадарци за хуманитарна помош која ќе се упати во настраданите подрачја. Во меѓувреме се случи убиство на млад човек во скопски “Ѓорче Петров“. Ништо потрагично за една држава од непотребното губење на млад живот. Сочуствата до семејството на убиениот се само парадигма на животарењето кое ни е судбина во кавадаречкото и македонско секојдневие. Исто како и националистичкото дивеење потоа. Едни рушат дуќани затоа што сопствениците се од друга националност, други рушат дуќани оти им треба просторот за нова инвестиција. Ете и штрајкот во најголемата странска инвестиција во Кавадарци беше и помина. За последиците од него читаме/слушаме/гледаме само во медиуми кои не се лоцирани во нашиот град. 21-ви век? Не заебавај!
П.С. Колумната ја посветувам на сите нормални луѓе во земјите на Балканот кои имаа несреќа да ги снајде катастрофална природна непогода. Со надеж дека сите добри луѓе кои низ годините наназад имав среќа да ги запознаам и стекнам за пријатели се добро и се заедно со нивните семејства. Јас ја пратив својата материјална и финансиска помош без да се топорам низ социјалните мрежи и му се радувам на денот кога повторно ќе се сретнам со своите скапоцени пријатели. И со чиста совест ќе појдам еден ден да ги посетам во нивните обновени домови во Славонија, Посавина, Срем, Банат, Црноречие, Маглај, Обреновац, Бољевац, Ковин, Горњи Милановац, Обреновац, Белград, Сараево, Подравина, Славонски Брод, Вуковарско – Сремско подрачје, Брчко, Босански Шамац...
By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment