Sunday, September 28, 2014

Блузирање (155-185)



(прва кавадаречка колумна)

“За слободата на народот свој“
(Споменик на револуцијата – Градски плоштад Кавадарци)

Несреќите не доаѓаат сами, особено сообраќајните несреќи. Кавадарци трагично загуби млад живот, а за тоа само по неколку објавени редови во медиумите. И што? Ништо. Сите ќе заборавиме на настанот по некое време, некрологот ќе избледее и падне, само семејството ќе ја живее својата тага. Кога би било ова општество барем во близина на нормалата, медиумите би кревале врева до небото, би анализирале, би повикале релевантни (иако ретки) стручни лица кои би предложиле решение, институциите на системот би функционирале 24 часа на ден, би паѓале оставки од срам или (не)одговорност, а сите заедно би си ја “чукнале црпката“ – што тоа со нас не е во ред?! Да не ни е потребно масовно психијатриско преиспитување?! А?
И ете не таму, каде што сме секојдневно. Изгледа сме во ера на некакво недоквакано превентивно делување?! А бе ај не заебавај, ами од превентивноста дојдовме до дереџе од кое ништо не може да не извади, освен дебели промени во делувањето на поголемиот дел на системот, а со тоа и на “граѓанството“ кое несанкционирано од никого, ни се качува на главата (силува, убива, прави тешки сообраќајни злодела, краде, узурпира...) заедно со оние кои се избрани и поставени и според законите кои сами ги носат – би требало да бидат стабилност и просперитет на оваа држава. И така едно 23 – 24 години, години низ кои се изнасведочивме на глупости, арамилак, назадување и себепромовирање, се некои нешта како пример за тоа како не треба да функционира едно нормално општество. Секако дека пред себе, во еден мал град како Кавадарци и во лице ги гледаме таквите “примероци“, седиме до нив и со нив по кафеаните, им гледаме во тилот на претставите, изложбите и концертите, тивко ги озборуваме и ги оставаме да дембелеат, очекувајќи дека еден ден ќе пукнат од дембелеење. И види мајката, тие не само што не пукаат, туку се котат и уште поцврсто ни стојат на главата и притискаат, ни серат врз неа, ни се кезат на маката, ама ете уште не е дојден денот за “камата и кубурот“, па си молчиме. И се така додека не дојде денот за заминување (на седми реон или џенем, сеедно), та некој друг да ја тегне маката, па можеби тој ќе има храброст да викне и да ја спотера мајчината. Оти, општествена одговорност не е да не креваш прашина, туку да кренеш бааѓи прашина и после тоа да подзаметеш и да ја фрлиш сосе насобраното ѓубре на депонија и дебело да го затрупаш – од хигиенски и здраворазумски причини.
По подолго време ми дојде да ве прашам – кога последен пат сте биле на изложба, театарска претстава, концерт, во библиотека, кога последен пат сте купиле книга? (Нема? Има, има...) Ама ете не ве прашувам, оти го знам одговорот. Не е поволен за вас. Најверојатно, на повеќето од вас сигурно ни малку не ви е лесно, особено што годинава не можете да пристигнете на сите концерти низ државата на вашите омилени турбо фолк тралалајки. Ама што ви е гајле, ете таканаречените национални телевизии (освен владините реклами од сабајле до сабајле) започнаа и директно да ги пренесуваат. Макар што тоа мене ми личи на директен пренос на нашата мизерија и тоа во троа поголема количина. Гледано локално, тоа би значело – вие си знаете.
П.С. Есен е, а со неа некои нешта пресликани од изминатите години. Пинџур, грозјебрање, вадење зимска гардероба, ќебиња и јоргани. Тивко поминува и годинашната берба на грозје, претивко. А продуктите на Градскиот пазар скапи, та прескапи. И што сега блузеру? Ништо посебно. Во град во кој во еден куп трафики доаѓаат (вкупно) само два примероци од број на стрипот “Алан Форд“ и во кој уличното осветлувањето во центарот и на Градскиот плоштад се вклучува два часа по стемнување – се е исто ко‘ и лани.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment