Friday, October 3, 2014

Блузирање (156-186)



(прва кавадаречка колумна)

До таму некаде почетокот на девеесетите години на минатиот век, Градскиот плоштад во Кавадарци беше само плоштад, со средено зеленило, фонтани, “водоскоци“, мермерни клупи и еден споменик. Го “заобиколуваа“ само Хотел “Балкан“ (денес руина, за која ништо не знаеме, нема никакви информации во јавноста – дали е сеуште стабилна градба или е опасен по минувачите), од спротива само Стоковна куќа – Скопје (со симпатичниот соцреалистички рекламен слоган “Сите убави работи купувајте ги во Стоковните куќи – Скопје“) и седмокатницата, во чие приземје беа продавницата за чевли на “Борово“, трафиката на Лотаријата и продавницата за мебел на “Црн бор“ (подоцна и “Астибо“). Да, тука беше и најмодерниот излог во Македонија во тоа време - на “Борово“ (на местото од денешно “Тоскано)...
Што се однесува пак до поранешната улица “ЈНА“, денешна “Тиквешко востание“ (ги сменивте личните карти?) и таа во тие години во (ептен) многу нешта се разликуваше од денешниот изглед. Една едноставна прошетка од кај “строгиот центар“ накај првиот триаголник (на времето – триаголникот, оти втор и немаше, тоа е денешна измислица), ни ја даваше следната слика: на почетокот беше драгсторот на Ангропромет – Тиквешанка, првата самопослуга во градот која работеше до неверојатните за тоа време доцни ноќни часови – единаесет навечер. Малку понатаму беше една од последните во вистинска смисла на зборот кафеани (димовица, вињак, лута домашна, келнерки) во градот “Верона“ на Баџовци, па понатаму месарата на Малинковци, за да се стигне до пекарата – ѓевречара и до неа слаткарницата на Ештрефите. Па до неа дуќанот на Лила фризерката (култен фризерски дуќан од тоа време), за да тој блок локали заврши со продавница за чевли “Дервента“. Понатаму имаше лимарски дуќан, па “лебарата“ на “Жито – Југ“, до неа некоја продавница за “алишта“, за да во куќата на Печковци да се смести “Ловец“ – продавницата за спортски и ловечки реквизити. Од таму до “првиот“ триаголник беше само уште (на една од многуте променливи локации низ градот) продавницата на “Чик“. Од другата страна, враќајќи се кон центарот на градот немаше многу “дуќани“. Месарата на “Тиквеш“ и до неа стаклорезачки дуќан. Веднаш до нив се наоѓаше последниот самарџија во градот (подоцна таму никна голема приватна куќа и во нејзиното приземје ексклузивната продавница на еден од најголемите брендови на екс – југословенските простори “Клуз“. Денес таму се наоѓа еден од извиканите градски маркети). Како се наближуваш до зградата на општинското собрание, те пречекуваа (со често променливи “ќираџии“) дуќаните во куќите на Чемерци, па слаткарницата на Анѓел слаткарот (со најубавите “благи ќофтинки“ од печени кикиритки), троа подолу имаше шнајдерски дуќан, па“Детска радост“ (едно време и фризерски дуќан на чичко Стево) со неверојатниот аквариум, за да комерцијалниот дел на улицата заврши со и ден денес активниот занаетчиски чевларски дуќан “Доки“. Да не заборавам да спомнам, дека во тунелчето до “социјалното“ своевремено никна најмалото кафуле во градот “Токку така“, подоцна фризерски дуќан на Тана (ќерка на Лила фризерката), која занаетот му го пренесе на Футето, кој пак се смести по некое време од спротива и долги години пред да замине преку “големата бара“ ја стрижеше кавадаречката младост.
Враќајќи се назад на плоштадот, повторно го јаваш пони велосипедот (рок групата “Токму така“ му посвети и песна на легендарниот велосипед) и вртиш кругчиња на плоштадот се додека не те избрка чуварот (да, да, плоштадот имаше чувар одговорен за плоштадот и зеленилото распослано на него). Така некако беше на и околу Градскиот плоштад во Кавадарци, до девеесетите години на минатиот век. Денес ниту преостанатата фонтана не е на истотото место (метро и пол повлечена наназад), ниту пак чудниот “водоскок“ (кај седмокатницата) со трите извитоперени човечиња профункционира некогаш од кога почна “демократијата“. Капитализмот има свои правила на функционирање и најверојатно ќе успеевме да влеземе во него да не беше транзицијата за која не знаеме дали некогаш ќе заврши. Приказните за Кавадарци се бројни. Само дали има некој да ги раскаже, тука – таму да ги запише, па да еден ден на раат да си спомнеме на нив. Макар секој со своја верзија за нив. Арно ама, денешната реалност од кавадаречко секојдневие и не ветува многу. Освен (неофицијалните) податоци дека само во Лондон живеат околу илјада кавадарчани во полна снага на животна активност (да се живи, здрави и радосни), може некој некогаш ќе се сети, ќе не преброи (кој спомна попис?!) и ќе повдене да сработи нешто, та и ние кои останавме да не си ја побараме живеачката некаде далеку од овие простори.
П.С. Октомври во Кавадарци. Ете го и панаѓурот во октомври, таа рурална и (во 21-век ептен) непотребна измислица на која, ако некој веќе одлучил и натаму да се одржува, под итно треба да и се смени и концепцијата и просторот на кој што се одржува. Оти, ете и пластичните тоалетни кабини кои според нечија замисла ги лоцираа на неколку позиции низ градот (некој “локатор“ ептен непрактичен и без грижа за општиот впечаток) веќе служат за подсмев и не можат да бидат замена за јавни градски тоалети. И онака “панаѓурците“ се “празнат“ во првиот влез на блиските згради или улички.

By

Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment