Saturday, January 31, 2015

Блузирање (166-196)



(прва кавадаречка колумна)

Сонував сон: Како со најдобриот другар играме јамб, па одиме на кафе, разговараме за секојдневни и досадни нешта. Па си посакуваме се најдобро до утредента, до после работа. На едно кафе де... И се разбудив! Ниту другар ми е тука, ниту секојдневието е досадно, напротив – забегано е и неветувачко, ниту пак после работа нешто ми се дружи и разговара. Вчера сретнав двајца млади пријатели, образовани, убави луѓе – за три дена заминуваат од тука. Од тука, ама не само од Кавадарци, заминуваат од Македонија. И повторно истите прашања, повторно истите размислувања – мојот најдобар другар не живее во Македонија!
Колку човек и да не сака, мора да ги бележи негативните појави, бидејќи се мора и бидејќи се нарушува нормалното човечко живеење. А вам ако ви е добро и не ви сметаат секојдневните проблеми и асоцијални дивеења, тогаш прекинете веднаш со читање и ајде на некој од тоа ѓоамити националните канали и уживајте во турбо – фолк тракатанците, квази – пеачите и дебилните сапуници.
Деновиве имаме најава дека наскоро ќе добиеме некаков ред низ Кавадарци, барем кога станува збор за идиотското паркирање, а со воведување на таканареченото “зонско паркирање“. Затоа што сообраќајната некултура во градот го доживеа својот врв. Неверојатно е како сообраќајките со жртви и повредени и екстремно голема материјална штета никому не му се предупредување?! Не можам да се изначудам ниту пак на (не)практикувањето живот во зграда, кој подразбира пред се толеранција, своевиден соживот, грижа за заедничкиот простор и основна почит на мирот и секојдневието на соседот. Дури и кога постои Закон кој го регулира живењето во зградите (куќен совет и негов претседател сосе неговата одговорност; ограничување на времето за реновирање и прослави и сл.), живеачката во зградите наликува како да поголемиот дел од станарите живеат сами на светот, та чукат, тропат и бушат од сабајле до доцна навечер, гледаат турски серии прегласно од полноќ до утро. Тоа е така, па и поради тоа сме такви какви што сме – “до небо“ несоцијализирани, тмурни, завидливи и без збор – замолчени.
А на 27 јануари годинава се навршија 70 години од ослободувањето на концентрациониот логор Аушвиц. Зло кое не треба да се повтори, иако светските случувања и не ветуваат некаква си “светска светла иднина“. Милионските невини жртви предупредуваат. И оние од пред седумдесет и нешто години и денешните белосветски крвави случувања. Само нешто не видов/прочитав кавадаречката јавност да се “потресе“ од овој датум. Кавадаречкиот дел од социјалните мрежи и сличните интернетски “тракатанци“ и тој ден си го посвети себеси, на сопствените купатила, кујни, свадби, родендени, туѓи мудрости, украдени сеќавања, глупави селфија и слични домаќински и културни нешта. За жалење ќе да е работава.
А годинава пак, за која до пред некој ден велевме дека штотуку започнала, еве ја кај забрефтала и брза да помине, да ни се лизне низ рацете како и многуте пред тоа. Не од што така сакаме, туку од што толку не бива, та и таа не сака да има работа со нас многу долго. Еден настан ми дава за право дека барем еден ден овој период нема да го потрошиме залудно. Ете каде е понеделник, втори февруари, денот кога во кавадаречкиот Дом на култура ќе се случи интересна промоција на книга со вицови запишани и адаптирани на кавадаречки дијалект, но и дел авторски, на еден од последните вистински кавадаречки урбани ликови – Златко Вузевски Паја. Книгата се вика “Ѕидот на Паја“. Не би “тупел“ многу, само колку да му се заблагодарам на Паја што ми дозволи, покрај неколкумина други, да дадам скромен придонес во излегувањето на книгата и нејзината промоција. Паја го знам ми се чини целиот живот, а тоа значи бааѓи одамна. Не само како човек кој на социјалните мрежи ги руши македонските рекорди по членство во неговата хумористична фан група и за која (е)страдните извикани ѕвезди и ѕвездички можат вода да му носат. Приказните за него и од него не би ги собрало во десетици томови книги и затоа оваа негова книга со избор на вицови има посебна вредност. Пред се заради тоа што дел од неговата имагинација и креативност засекогаш ќе остане запишана и ќе патува со денешните и идни генерации низ времето, ма какво и тоа да било, што и да донесе. Оти, по кавадаречки кажано - Паја е убав човек. Еден од последните во градот. Повеќето си заминаа на овој или оној начин – засекогаш.
П.С. Сабота понекогаш ми е ден за одмор. Токму денешната е таква. И сам одлучувам како ќе го поминам драгоценото слободно време. А тоа значи дека не гледам телевизии кои ќе експлодираат од премногу политиканство, кои тежат од турбо – фолк по сите основи, “смрдат“ од нон – стоп сапуници во кои се допира дното од (не)квалитет и “новинари“ и  водители кои не знаат ни основен правопис и говорење. Затоа слушам музика во изобилство и тоа по свој избор, читам книги (сопствени, позајмени од библиотеката), пржам помфрит, пијам кафе, пишувам, гледам документарци направени по светски стандарди и се дружам, разговарам, пијам, мезам, се смеам со луѓе на кои не им е испржен мозокот и на кои не треба некој да им каже како да размислуваат и што да кажат.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Tuesday, January 13, 2015

Блузирање (165-195)



(прва кавадаречка колумна)

Од прво до четврто одделение учителка ми беше Павлина Ташева. Во Основното училиште “Димката Ангелов Габерот“ – Кавадарци. Не дека се правам дека многу паметам, ама оти паметам од поодамна, можам слободно да кажам дека првите четири години образование ги поминавме со педагог кој мислеше на нас учениците. Пилиштарци штотуку излезени од дома, ама сите до еден (како што ни кажуваа родителите) сме биле во сигурни раце. Да, кога бев второ одделение, во 1975 година, во катастрофален пожар изгоре Стоковната куќа. Цел град беше тажен, а ние деца ко‘ деца – уште потажни. Најважните работи во целиот Тиквешки регион се продаваа во кавадаречката Стоковна куќа. Легендите велат дека Неготино својата Стоковна куќа ја добило многу подоцна.
Од петто до осмо одделение класен раководител ми беше Босилка Мешкова. Вистинска госпоѓа. Кротка по табиет, не знаеше сите до еден на кого сме, што сме, кој за што го бива и заради неа до крајот на основното училиште немавме ниту еден повторувач во одделението. Знаеше со нас. Море знаеше и со учителите по другите предмети. Кротка дама, ама борец за своите ученици. Не од другото, ко‘ што ви кажав – знаеше за секого од нас кој за што го бива. Во осмо одделение бевме на седумдневна екскурзија низ тогашна Југославија. Случките сеуште ги раскажуваме. Деца бевме, ама ете останало нешто за раскажување. И да, нашиот класен раководител Босилка Мешкова, сопруга на почитуваниот доктор Мешков (омилениот градски детски доктор) ни предаваше по предметот македонски јазик. И ете јас денес овде нешто пишувам, ја терам на свој начин првата кавадаречка колумна. Ма, паметам јас уште многу нешта, оти ете - паметам од поодамна.
Многумина од вас знаат дека Градскиот плоштад во Кавадарци од скоро изгледа вака. Со сиромашно зеленило, тука таму по некој цвет во жардинериите, клупите испокршени, фонтаните нефункционални. За вкусовите не се расправало, ама пред комплетната промена на неговиот изглед, еден од неговите белези беше и зеленилото. А таму некаде до почетокот на деведесетите на минатиот век, плоштадот имаше и чувар кој го штитеше зеленилото. И никому не му стискаше да згазне по штотуку средената трева и посадените цвеќиња, не од страв туку од почит кон финиот изглед. Ама ете, велат за вкусовите не се расправало. Не се расправа ниту за бројните граѓани кои нози и раце и по суво испокршија на тие глупите скалила поставени таму каде што не му е местото, кај големиот маркет, накај таа смешната биста на Никола Бадев. Да сум јас Никола Бадев дебело би се навредил како ме извајале. Ама не сум. Таа е...
Деновиве пак, слушнав дека во внатрешноста на таа руината која сеуште ја нарекуваме хотел “Балкан“ истопорена на самиот Градски плоштад - почнале да растат дрва и грмушки. Низ ходниците и собите. Да ти е страв и од самата помисла на тоа. Белки некој стручен во овој град ќе собере храброст та да ни каже дали “објектот“ е сигурен и нема да ни се сруши пред очи. И онака, од немајкаде ми текна – за што служи таа стаклената зграда залепена до хотелот “Балкан“, чија е и зошто зјае празна кога веќе некој фрлил пари за да ја изгради? Оти од навика си молчиме и баш не заболе дека најверојатно не е во функција оти има нешто незаконско?! Или се лажам?!
П.С. Се изначитав, изнагледав и изнаслушав последните месец дена временски прогнози, која од која понеточна, особено кога се однесува за Кавадарци. Покрај другото и поради тоа, се почесто ме следи мислата дека сите ние всушност живееме во вицовите на Паја. Ама ете и покрај тоа, не знаеме да (прерас)кажеме виц или ни е страв да го сториме тоа. А екстремниот страв најверојатно ни го донесе мочаната дваесет и петгодишна транзиција. Или се лажам?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Tuesday, January 6, 2015

Блузирање (164-194)



(прва кавадаречка колумна)

“... Да ве навре митологијата на ваквото, да ве навре...“

(Ненапишан графит од непознат автор)

Како да се направи анализа на една година која штотуку замина, а тоа да не звучи ниту патетично, ниту критизерски? Незнам. А и не мора. Дебело ќе ги покриеме со прашина неубавите нешта од 2014 (а ги имаше и последиците допрва ќе ги чуствуваме?!), а за убавите, колку и да беа, ќе оставиме да разговараме низ годината која штотуку започна, не за да имаме за што да разговараме, туку да пронајдеме начин истите да ни бидат побројни за многу пати.
Снегот и студеното време со кои влеговме во 2015 најавуваат дека ќе треба да ги засукаме ракавите и здраво да се зафатиме за работа за да ги потсредиме нештата. Морално е! Оти еве каде е пролетта, па да првото посилно сонце да го пречекаме насмеани. Никој нема да ни подзачисти во дворот, ако сами не ја стегнеме метлата цврсто во рацете, па да се отарасиме од ѓубрето кое речиси дваесет и пет години ни го таложи ебената транзиција.
Новогодишните празници и онака имаат лажна магија, имитација на еуфорија со тука – таму расфрлани сијалички по улиците кои не фрлаат светлина ниту до слепите улички во кои катадневно заглавуваме, а на ќелепурџиите и онака не им е битно кој празник е, туку полни ги тоа ќесињата со сендвичи и сокчиња, оти се е бесплатно во државава додека не не опне законодавецот по џебот, та после офкај покрај огнот и трај да не слушнат комшиите.А бе да беше лавиринт до сега ќе го најдевме излезот, само да не беа тоа ќелепурџиите што ни ги лапаат трошките што зад нас ги оставаме. И немојте да се чудите што Македонија е завеана со снег овие денови, чудете се на тоа што во Кавадарци не заврна. Не чудете се што воздухот во Кавадарци мириса на изгорена гума, чудете се на тоа што еколошките друштва прават проекти да ги праќаат децата на летување по планини, место да му седнат на вратот на загадувачот. И се така некои исти приказни од лани, од преклани, од којзнае од кога преповторувани.
И потоа ти прави анализа на годината што заминала. А бе фани препиши од лани, од преклани и онака препишувачите овде се на цена, макар што го преспале школскиот час кога учителот предавал дека – Рацете се миат пред јадење, кога влегуваш некаде се вика добар ден, улица се минува на пешачки премин, на театарска претстава се плаќа билет, сок се пие од чаша, водата покрај за друго, служи и за миење на калта од опинците... И кога еден ден ќе дојде шумарот, ќе нема кого да избрка од шумата. Џабе ќе беснее по скајпот и виберот. За басните и да не зборувам. Ете ги животните каде се договараат никој повеќе ни да помисли да им стави човечки говор во устите. Оти волкот сеуште има остри заби и нема намера да ја трампа својата слобода за бесплатен сендвич.
П.С. Коледе е додека го пишувам текстот. Запалени огнови низ Кавадарци, баш не заболе за утре. И за мрсните вицови, кои додека се редат зборовиве, нема кој да ги каже како што му е редот, оти за да бидеш “безобразен“ по кавадаречки треба да си мајстор. А тукашниот мајстор е градски човек и каде и да е во деновите кои доаѓаат ќе не почести со збирка оригинални вицови “кажани по кав‘даречки“. Паја мајсторе, не дека си ја имаме живеачката, ама да си ни жив и здрав, па да го распаметиме градот наскоро со една промоција. Оти знаеме и можиме!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци