Tuesday, January 13, 2015

Блузирање (165-195)



(прва кавадаречка колумна)

Од прво до четврто одделение учителка ми беше Павлина Ташева. Во Основното училиште “Димката Ангелов Габерот“ – Кавадарци. Не дека се правам дека многу паметам, ама оти паметам од поодамна, можам слободно да кажам дека првите четири години образование ги поминавме со педагог кој мислеше на нас учениците. Пилиштарци штотуку излезени од дома, ама сите до еден (како што ни кажуваа родителите) сме биле во сигурни раце. Да, кога бев второ одделение, во 1975 година, во катастрофален пожар изгоре Стоковната куќа. Цел град беше тажен, а ние деца ко‘ деца – уште потажни. Најважните работи во целиот Тиквешки регион се продаваа во кавадаречката Стоковна куќа. Легендите велат дека Неготино својата Стоковна куќа ја добило многу подоцна.
Од петто до осмо одделение класен раководител ми беше Босилка Мешкова. Вистинска госпоѓа. Кротка по табиет, не знаеше сите до еден на кого сме, што сме, кој за што го бива и заради неа до крајот на основното училиште немавме ниту еден повторувач во одделението. Знаеше со нас. Море знаеше и со учителите по другите предмети. Кротка дама, ама борец за своите ученици. Не од другото, ко‘ што ви кажав – знаеше за секого од нас кој за што го бива. Во осмо одделение бевме на седумдневна екскурзија низ тогашна Југославија. Случките сеуште ги раскажуваме. Деца бевме, ама ете останало нешто за раскажување. И да, нашиот класен раководител Босилка Мешкова, сопруга на почитуваниот доктор Мешков (омилениот градски детски доктор) ни предаваше по предметот македонски јазик. И ете јас денес овде нешто пишувам, ја терам на свој начин првата кавадаречка колумна. Ма, паметам јас уште многу нешта, оти ете - паметам од поодамна.
Многумина од вас знаат дека Градскиот плоштад во Кавадарци од скоро изгледа вака. Со сиромашно зеленило, тука таму по некој цвет во жардинериите, клупите испокршени, фонтаните нефункционални. За вкусовите не се расправало, ама пред комплетната промена на неговиот изглед, еден од неговите белези беше и зеленилото. А таму некаде до почетокот на деведесетите на минатиот век, плоштадот имаше и чувар кој го штитеше зеленилото. И никому не му стискаше да згазне по штотуку средената трева и посадените цвеќиња, не од страв туку од почит кон финиот изглед. Ама ете, велат за вкусовите не се расправало. Не се расправа ниту за бројните граѓани кои нози и раце и по суво испокршија на тие глупите скалила поставени таму каде што не му е местото, кај големиот маркет, накај таа смешната биста на Никола Бадев. Да сум јас Никола Бадев дебело би се навредил како ме извајале. Ама не сум. Таа е...
Деновиве пак, слушнав дека во внатрешноста на таа руината која сеуште ја нарекуваме хотел “Балкан“ истопорена на самиот Градски плоштад - почнале да растат дрва и грмушки. Низ ходниците и собите. Да ти е страв и од самата помисла на тоа. Белки некој стручен во овој град ќе собере храброст та да ни каже дали “објектот“ е сигурен и нема да ни се сруши пред очи. И онака, од немајкаде ми текна – за што служи таа стаклената зграда залепена до хотелот “Балкан“, чија е и зошто зјае празна кога веќе некој фрлил пари за да ја изгради? Оти од навика си молчиме и баш не заболе дека најверојатно не е во функција оти има нешто незаконско?! Или се лажам?!
П.С. Се изначитав, изнагледав и изнаслушав последните месец дена временски прогнози, која од која понеточна, особено кога се однесува за Кавадарци. Покрај другото и поради тоа, се почесто ме следи мислата дека сите ние всушност живееме во вицовите на Паја. Ама ете и покрај тоа, не знаеме да (прерас)кажеме виц или ни е страв да го сториме тоа. А екстремниот страв најверојатно ни го донесе мочаната дваесет и петгодишна транзиција. Или се лажам?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment