Tuesday, February 24, 2015

Блузирање (167-197)



(прва кавадаречка колумна)

“Да не брзаме, оти немаме време...“

(Ристо Соколов Сокол 1957 - 2015)

Кога за некого мислиш дека си кажал многу нешта, дека често си го спомнувал, си пишувал за него, дури тогаш знаеш дека всушност имаш уште многу за кажување. И никогаш не ми било потешко редењево зборови во ова наше заедничко блузирање низ кавадаречкото секојдневие, оти никогаш повеќе нема да биде исто, ниту блузирањето, ниту кавадаречкото секојдневие, оти го испративме најголемиот и најдобриот меѓу нас.
А ми рекоа, дека добрите луѓе заминуваат на големи празници. Ми рекоа уште и дека големите луѓе се раѓаат на најголемите празници. Јас познавав еден таков. Роден на Велигден, замина на Свети Трифун. И најдобриот и најголемиот меѓу нас. Сега знам дека вредеше, дека животот имаше смисла да се биде покрај него, да се другарува, да се соработува со децении со него, да ти го промени животот на подобро, да се биде дел од секојдневието на Ристо Соколов Сокол. И затоа боли повеќе. Да се биде со таков човек во близина секој нареден ден е едноставна и прекрасна човечка топлина. Е тоа го нема повеќе...
Мразам патетики, ама животот понекогаш те тера и да бидеш патетичен и носталгичен и тажен и радосен и горд и се во исто време. Поради многу нешта поврзани со Рики деновиве сум таков, едноставно за никаде. Нека остане запаметено дека Ристо Соколов Сокол ја имаше првата независна и слободна уметничка територија во Кавадарци – Уметничкото студио “Сокол Арт“. Неговата слобода беше и наша слобода. И да, него физички го нема, ама е толку присутен во овој град, што до крајот на животот ќе ја чуствуваме слободата која тој ја освои и ни ја подари, а мирот кој си го најде преку неговата уметност ќе не чествува секој нареден ден на дуњава. Му доаѓа на човек да се запраша – Го заслуживме ли ние сите заедно (некадарници низаедни) -  Ристо Соколов Сокол. Го заслуживме ли?
Затоа ми претставува исклучителна чест што сум меѓу неговите најблиски луѓе кои ќе се дадат себеси целосно во подготовката, реализацијата и презентацијата на монографијата за неверојатниот живот и ликовното, воопшто величенственото уметничко творештво на Ристо Соколов Сокол. И знам дека тоа нема да биде обична монографија. Оти еден беше Рики.
П.С. Незнам колку го заслужува тоа овој град, ама Кавадарци доби уште еден Ден кога се роди добриот човек. На 16 април годинава ќе се навршат 58 години од раѓањето на Ристо Соколов Сокол. Човекот чиј живот беше уметност, а уметноста – живот. До следната средба мој скапоцен пријателе.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment