Friday, March 13, 2015

Блузирање (168 - 198)



(прва кавадаречка колумна)

Во сезона на карневали и не може да се размислува поинаку освен “карневалски“. Никако вообичаено. Оти вообичаени се на пример дупките по кавадаречките улици, по кои врват кавадаречките, но и некои други возила. А дупките секој нареден ден се подлабоки. Ете од нив е заебано и одењето кон Ваташа. Па така, кога во Ваташа ќе стигнам кај тетин ми Ќиро Суло, наместо да пијам кафе и ж‘та точена директно од бурето во подрумот, ги пцујам дупките (на ул.“Страшо Пинџур“) и се што оди со нив. На сета озгора и оваа зима не падна салам снег да ги покрие бар додека се стопи. Ете и зимата без снег стана овде – вообичаена.
А имаше на времето големи снегови во Кавадарци. Најголемата уживанција во снегот беше што тогаш се стануваше успорено, како мотив од некоја вонвременска фотографија со застанато време. Единствената еуфорија беше по улиците низ градот и надолниките во Градскиот парк (особено легендарното Тепе), кои експресно се претвораа во лизгалишта на кои со санките се лизгаше и старо и младо. Грип?! Ма каков грип на толкав снег. Грипот денес ти е “модерна“ и тешка болест. Те кутка без да праша, како што те кутка кавадаречкото секојдневие, со сите негови перформанси.
“И крени, другом страном јаблане крени...“ пееше Џони Штулиќ, додека овде не поеше Васка Илиева, не дека Васка беше негативец, ама не беше тоа што го баравме и густиравме. Срамотата и ден денеска е нечија туѓа грижа, исто како да те снимал некој по телефон, па те објавил, а ти немаш среќа да се одбраниш. Оти твојот грев е само твој, пријателе. И ничиј друг!
Сезона на карневали е. И додека во светот таа привршува, овде таа допрва забрефтува.

П.С. Не да ќе е на арно, ниту пак веродостојно тоа што го “дробиш“ 24 часа, не бирајќи притоа на кој медиум го правиш тоа, а ваму да се кажуваш експерт (макар и по сештологија) и на челото си го залепил партискиот симбол и си му влегол во газот на “лидерот“, па не можат ниту тебе ниту него триста операции да ве “опраат“. Брееј, се намножија и локално, мудреци над мудреците, со два реда прочитана (било каква) литература, изнедрени од партиски штабови. Мора да е до кафето кое им го варат таму.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment