Wednesday, March 25, 2015

Блузирање (169-199)



(прва кавадаречка колумна)

Ебати пролетта! Тмурно, облаци, дожд, едно никакво (не)време насекаде, па и во Кавадарци. Плус секојдневието од дупки по најдолгите кавадаречки улици (Шишка, Страшо Пинџур, Илинденска) загаденост, забегана сообраќајна (не) култура, симптоматична коктел посетеност на културните и уметнички настани, енормно високи сметки за електрична енергија (џабе везеш блузеру), лошо еспресо низ од локалите (“Тотал“ секоја ви чест за долгогодишната квалитетна постојаност и покрај се), прескапи мобилни оператори (сосе неквалитетниот прием), “превари“ во маркетите од типот ефтини производи/дневни и неделни акции/купи еден, земи два и сл., накотени препродавачи на градскиот пазар со сомнително потекло на зеленчукот/овошјето и некои други недобројни слични тракатанци и звонци, особено што за сличните нешта низ градот нема кој два збора да каже по тоа локалните (демек регионалните) медиуми. За националните од поодамна немам некои посебни зборови и размислувања (џабе трошење сиви ќелии). Таму дописниците од Кавадарци најверојатно се платени само за приказни со среќен крај и занимливости кои никого не го интересираат. Којзнае, можеби и поради тоа продажбата на дневни весници во овој град никогаш не била помала последните дваесет и неколку ебени транзициони години. Списанија/магазини/неделници/месечници за почит во Македонија нема повеќе од една деценија (беа едно време Денес, Форум, со исклучок на краткотрајниот блесок на “Граѓански“ пред две-три години). Да се разбереме: авторот на овие редови е еден од оние кои има “плуснато“ на весници и списанија едно мало богатство, така да овде е на свој терен и приказните без содржина не поминуваат кај него.
Друго ми беше зборот. Или па не?! Во сабота, на 28 март (19.30 час.), вечерта спроти менување од зимско на летно сметање на времето (денот станува подолг, како што всушност и треба да биде) во Кавадарци за првпат ќе се одржи поетски слем натпревар. Не би објаснувал овде што е тоа и како е, оти ако милувате квалитет секако ќе дојдете во Домот на културата, па ќе се сретнеме, ќе поразговараме и ќе се запознаете со се, плус некои нови книги со квалитетна поезија ќе се појават во градот само таа вечер, така да – не пропуштајте малку поинаков начин на презентација на убавата поезија. И нема тоа да биде ни налик на промоција на некоја ебиветер збирка на стихотворби, ниту пак поетско читање со праисториски заебанции од творби, туку нешто што за првпат му се случува на Кавадарци. Баш така.
Денес се навршија 40 денови од заминувањето на еден од воопшто најголемите македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол. Неверојатната празнина денес се обидовме барем малку да ја дополниме со троа разговор, за него, за нас, за слободата која тој ја освои уште пред многу години и ни покажа и докажа како е да се биде слободен во скапоцениот период поминат со него и неговата величенствена креативност во неговото и наше Уметничко студио “Сокол Арт“. Ќе ни требаат неколку животи само за да ги прераскажеме неговите приказни. А за неговата уметност? Таа зборува сама за себе и ја има низ целиот град. Кој разбрал – разбрал, а ние ретките кои ја имавме честа да сведочиме на стварањето на неговата уметност ќе ја чекаме повторната средба со него, со Големиот Ристо Соколов Сокол.

П.С. Alan Ford, Asterix, Blueberry, Corto Maltese, Dylan Dog, Fantastic Four, Fantom, Flash Gordon, Iznogud, Jeremiah, Mandrake, Martin Mystere, Maxmagnus, Mister No, Modesty Blaise, Rip Kirby, Tex Willer, The Avengers се стрипови кои случајно одвреме - навреме се појавуваа низ годините наназад и во Кавадарци. И ден денес се околу мене и ми ја чуваат ко‘ мртва стража - “поинаквоста“.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment