Sunday, April 26, 2015

Блузирање (174-204)

(прва кавадаречка колумна)

Пред којзнае колку години, еден тип се решил да го открие гробот на Александар Македонски, арно ама во меѓувреме започнаа да се отвараат факултети во сите села во Македонија и пропадна инвестицијата, а инвестиција ко‘ инвестиција, однапред пропадната, оти во меѓувреме инвеститорот се предомислил, не од друго, ами нашол поефтина работна рака и од тукашната, а некои од тоа инвеститорите завршиле во темни зандани. За греота. И сега, кој е крив? Никој! Ние и онака никаде не се брзаме. Не од друго, ами имаме побитни работи да позавршиме. Ете каде е, треба да влеземе во ЕУ, па да се истопориме во НАТО, па да направиме гасовод во наредните два века, оти треба да прославиме и ни треба повод, а “певаљките“ во класичните кафанчуги ги има се помалку. А каде, да ве прашам најсериозно, ќе ги “лепиме“ парите кои ги немаме?! Баш така.
На времето, кога околу нас немаше ништо, кога “Леб и сол“ беа (и сеуште се) цареви на добрата музика, слушајќи го Радио Загреб и белградска “202“-ка , а во недостаток на убави нешта по македонските радија (освен неверојатниот Драган Б.Костиќ и неговиот неприкосновен “Диско селектор“.), ги открив “Парни Ваљак“. И од кога ги открив, животот доби друга димензија. Не за друго, со другарите ми Пецо и Горан ги собравме албумите (плочи – лонгплејки и синглици) и ги научивме текстовите на сите нивни актуелни песни (ете уште ги чувам тетратките со напишаните текстови од кои учевме) и каде и да имаше човек со гитара кој знае да свири нешто од Парни Ваљак – ете не нас, распеани, распаметени и горди. Оти гордоста не е квазипатриотизмот, туку да бидеш свој на своето. И да му се радуваш на животот за кој си се изборил, а не некоја политичка кукумјавка да ти “сере“ над главата. Ма, нивната боја не е важна, важен е моментот и убавите луѓе околу тебе, оти кукумјавките се познати токму по серењето врз глава... Врапчињата се цареви за нив, барем бираат каде “какаат“ и кому носат “среќа“...
А во меѓувреме станавме хипици (позната, овде запишана и прочитана приказна) и најверојатно поради тоа и не се продадовме, не клекнавме на колена, па имаме за што да муабетиме додека седиме на нечија тераса, во нечиј двор, онака летно расположени, додека врви “Луда Мара“ по нејзиното вековно течение, патем срамејќи се тивко во себе оти сеуште не ми е запишана приказната за воденицата на (тетин ми) Ќиро Суло во Ваташа, инаку брат на еден од “12-те Младинци“ (Илија Димов), а тетин ми е еден од последните вистински Ваташани (и Тиквешани), додека Ваташа е сеуште место постаро и историски побитно од Кавадарци. Внуците на Ќиро Суло нека размислуваат за историјата која нивното семејство ја има запишано во ср‘жта на нивното постоење. А ти блузеру, види каде си и зошто си. Оти постоењето е се пократко и поболно.
П.С. Се потпишувам како Марјан Т, затоа што така ми ќеиф. И додека некој од вас размислува за тоа кој е и што е, јас напишав нова колумна, нова песна, си го кажав своето мислење за секојдневните општествени феномени, а ги има бааѓи такви “општествени“ во овој град, испив кафе со неколку добри луѓе и сеуште ве чекам да си го кажете вашето мислење, на пример за тоа – зошто Кавадарци нема море?! Не дека имате одговор на прашањето, оти од каде му е на Кавадарци море богати?! Ами од таму, од каде што доаѓаат вашите омилени ТВ сапуници, кои не да ви го испраа мозокот, туку и ви ја сменија историјата за која некои овде ви велат дека е поинаква, особено што тоа моронските серијали се овде снимени и за снимањето од некој одовде добиле дозвола. Арно ама, стиропор е стиропор и има посебна намена. Која? Е па, прочитајте го добро упатството на производот кој го купувате.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Tuesday, April 21, 2015

Блузирање (173-203)



(прва кавадаречка колумна)

Од првите износени фармерки, долго време бев верен фан и корисник на “Lee Cooper”. Ем светска марка, ем квалитетни, ем се продаваа во Кавадарци во тогашната продавница на “Беко“ на “Илинденска“. Зафатив малку од купувањето “Carrera“ во Скопје (на црно секако) во раните осумдесети на минатиот век, понесен од приказните на повозрасните кои ем се дотерувале во Трст, ем печалеле од шверцот на робата довлечена дури до овде. Арно ама, нежниот “Carrera” џинс, ама ич не ни прилегаше на рокерската живеачка која си ја започнавме и фала му на Бога уште си ја тераме. Во меѓувреме се отвори продавницата на “Клуб 77“ во Градски трговски центар во истото тоа Скопје, првиот македонски џинс бренд за кои ние децата од внатрешноста на Македонија знаевме и трошевме пари. Одличен џинс беше тоа. За нас во тоа време светски. Ма светски беше и остана и Градскиот трговски центар кој најверојатно некому му оставил тешки комплекси на недореченост, трауми од (планинско – селско) детинство, па сега се решил да го покрие со стиропор и гипс, за да личи на некаква градба каква што не памети никаква историја на овие простори. И се нешто си мислам дека и поради тоа сме такви какви што сме – за никаде. Можеби и не сум во право. Или сум?!
Да се вратам на џинсот на кавадаречките простори на кои сум сведок. Најинтересно е што првите оригинални Levi’s фармерки регуларно ги набавувавме во уште една продавница во Кавадарци, во продавницата на “Varteks” и таа лоцирана на улицата “Илинденска“. Најдобриот џинс воопшто појавен во Кавадарци по квалитет. На црно се “вртеа“ низ градот разно – разни негови верзии многу пред тоа. Арно ама, за разлика од денешните ѓоамити брендирани бутици и продавници, Кавадарци не беше затутулена касаба во која немаше ништо (да бе, има денес еден куп гардероба, ама од сомнително потекло со “јаки“ брендови). Оно, деца ко‘ деца, немавме многу пари и во зависност од тоа кого – како го држат сеќавањата, беше тука (на “Мито Хаџивасилев“ улицата) продавницата на “1-ви Мај Пирот“ со трендовските џемпери и кошули, неверојатни сакоа и јакни. Па да не ви зборувам за ексклузивата и првата продавница на “Kluz” во Македонија, а отворена токму во Кавадарци (на тогашна “ЈНА“ улица“). Носталгија? Не бре, каква носталгија. Мочаната транзиција која четврт век ни се мота низ животот на овие простори не донесе ништо освен тага, јад и чемер. Особено по тоа новите фабрики “родени“ во овој период и злото нанесено врз вработените и врз сите нас кои имаме по некој, кој парчето леб го вади токму во тие фабрики, денес веќе свечено и “стравопочитно“ наречени – инвестиции. А бре, иди бегај!
П.С. Додека ги пишувам овие редови, на кружниот тек во таканаречениот нов центар на градот долго и гласно се слуша сирената на возилото на Брза помош. Се слуша долго поради мороните кои своите скапи возила ги паркирале кому – каде текне и поради кои вечерва најверојатно некому ќе му доцни лекарската помош, токму баш поради непроодноста на таканаречените кавадаречки булевари. Да, се пополнуваат деновиве дупките низ улиците во градот, ама ортодоксната сообраќајна некултура, човечката несолидарност и мизерниот “чалам“ секојдневно доживуваат кулминација низ градов. И да, во моментов најверојатно “лајкувате“ на фотографиите по социјалните мрежи на убави и чесни кавадаречки деца кои токму деновиве си нашле нова татковина. Нека ни е срам – на сите топтан!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Sunday, April 19, 2015

Блузирање (172-202)



(прва кавадаречка колумна)

Врти, сучи, со години наназад “ломотам“ за партиципиентите и пациентите на рок музиката и еве на, ако некој ме разбрал. Оно и не мора . Не за друго, ами нели Кавадарци треба да биде пристојно место за живеење, нели секојдневието во тоа исто Кавадарци ни е забегано и “опинчарено“ до максимум, еве нека се најде јунак нека смени нешто. А во меѓувреме имаме мртов (таканаречен) плоштад, имаме полумртва – полухорор улица “Мито Хаџивасилев Јасмин“, имаме страв од модерните џанки кои не бираат простор за себепромовирање, конзумирање и “кулирање“ одпосле, имаме тротоари со распослани седмоседи и табуретки и слични тракатанци од кои нормален човек во овој град бел ден не може да почуствува. И уште нешто, овде кажано и пред тоа. Дефинитивно рок музиката (групи, бендови, солисти, композитори, слушатели, конзументи и сл.) во Кавадарци е -  мртва. Ама ептен! И сите ние кои со години живееме со неа. Бетонска табла со цементни “карфии“ озгора забиберени. Ни го зачука дебело времето во кое живееме или барем се обидуваме да живееме. Ако некој мисли поинаку – нека докаже.
Не мора да одиме многу низ годините наназад. Ете не, со на пример “Журнал“ и со нивните легендарни свирки во “Јес“и слични места (пред комерцијалните свирки по разни автобуски станици)  за кои на времето мислевме дека ќе го дозавршат патешествието на Кавадарци да биде град со сите перформанси кои одат по дефиниција за урбана средина. Денес сите знаеме како завршија “Журнал“. На некој сличен забеган начин, можеби уште подрастичен, денес сведочиме на приказната за рок патеката на “Smoke Shakers”. Дечките го завршуваат снимањето на првиот албум, кој би требало да биде кулминација на нивното макотрпно рок живеење (локални свирки, интернационални рок фестивали, награди и сл.), арно ама ниту нивната авторска музика можеме некаде да ја слушнеме (радио, ТВ), ниту пак тие самите нешто се потрудија да ни се пофалат (промоции, наменски свирки и сл.) дека – еве тука се и дека треба да сметаме на нив како на конечен изблесок кој ќе не тресне по глава и ќе ни докаже дека рок музиката во Кавадарци сеуште ја има. Оти да снимаш рок албум, тоа значи дека допрва ќе му ибиш пиперот на забеганите полумузиканти (по дефиниција) и дека никој ништо не ти може додека е инструментот (соло готара, бас гитара, ритам гитара, тапан) во твои раце и – ропај. Пари? Е за пари, ако си се одлучил да бидиш рок музичар овде и сега, ќе ти требаат децении за да допреш до “есапот“ во кој ќе те биде човек без кредит, без извршители над глава, без ситни души и гребатори до тебе. Оти и на светско и на европско и на балканско ниво, децении се потребни за да докажиш дека рок музиката која ја “произведуваш“ е уметност, дека од неа може да се живее, дека сонцето изгрева секој ден, ама сите различно ги грее. Ете ги “Rolling Stones’ на светско, ете ги “Parni Valjak” на балканско ниво. И свират и пеат и рокаат квалитетно и имаат пари неброени, на едните им требаа пеесет години, а на другите четириесет за бидат тоа што се денес. Не ви се мерило? Тогаш баталете инструменти и ајт по тоа фабриките и нивите, по тоа ѓоамити инвестициите светски, рокајте органска храна, мотајте “вуница“.
П.С. Безброј пати во оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна се спомнувани кавадаречките бендови (Младост, Динамити, Токму така, Океан Пацифик, Фалш, Skylab, Nerv, Журнал, Smoke Shakers  и многу други), па и состојбите на кавадаречката рок сцена, особено подршката за нив изминатите години, за да работат, за да опстојат и на тоа сите заедно да се радуваме (макар што авторот на овие редови никогаш нема да ги заборави кавадаречките крвави спрепки по патот наречен Рок музика во Кавадарци, особено за фестивалите и концертите), арно ама, денес рок музиката во Кавадарци е дефинитивно мртва. А ако нема Rock’n’Roll – нема ни слобода. Оти за да има конзументи, треба да има и производители. Без производители - нема храна, без храна не работи мозокот, нема чиста мисла, има само робовладетелство, во робовладетелството фараони, а фараоните во пирамиди. И нека ми биде срам што се сметам себеси за малку поинаков и нешто овде “кобајаги“ пишувам. Ете наместо во Кавадарци, “Парни Ваљак“ ќе ги гледам во Скопје. Ма џабе везам ебате, кога ми стојат гоблените во подрумот.Така да знаеш блузеру!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци.

Sunday, April 5, 2015

Блузирање (171-201)



(прва кавадаречка колумна)

На времето, таму некаде почетокот на осумдесетите години на минатиот век, Кавадарци имаше две дискотеки. Едната (и зимска и летна) беше во тогашниот Младински дом (денешен Музеј на храна и вкусови), а другата (само зимска) беше лоцирана во затворениот простор каде своевремено беше зимскиот дел на дискотеката “Ла Луна“ во Градскиот парк, инаку во летниот период Ресторан “Тиквеш“ со стотици маси распоредени околу базенот (да,базенот) и жива музика. Сосем друга концепција за забава. Феномен на тој ресторан беше тоа што за време на летото, луѓето одеа да “фатат“ маса уште од рано попладне. Ма имаше Кавадарци уште неколку големи (ресторантски и популарни) летни бавчи во тоа време. Хотел “Фени“ имаше голема тераса, редовни “забавувачи“ беа дел од најдобрите македонски рок групи “Токму така“, “Автограм“ и др. Дел од Градскиот базен, во тоа време функционираше како летна бавча, а “Токму така“ свиреа и овде, воглавно со сопствен репертоар, на радост на нивната бројна кавадаречка публика. Меѓу генерациите кои паметат од поодамна, култен простор за летна ноќна забава беше и бавчата на Хотел “Балкан“, денес најголемата урбанистичка и угостителска катастрофа во центарот на градот. Велат дека низ просторите на поранешната држава, ретко кој простор во централните подрачја на градови слични на Кавадарци можел да се споредува со летната бавча на Хотел “Балкан“. Арно ама, ебената транзиција и монструмите кои таа ги роди и сеуште ги “тинтра“ си го направија своето.
Но, да се вратам на кратко на дискотеките. Во диското во Младински дом, со години главен ди – џеј тие рани осумдесети на минатиот век беше Влатко Нетков. Прецизен во пуштањето (нова и добра) музика, така да не ни требаше часовник за да знаеме колку е часот. Се знаеше кога започнува забавата, кога врти тангото, кога трешти рокабилито. Ќе остане запаметено дека во диското во Младински, во тоа време се одржуваа државните натпревари за најдобри ди – џеи (во кои меѓу другите учествуваа легендите Драган Б. Костиќ, Славе Келешовски и др. Во диското во Градскиот парк, кое беше феномен само за себе, по малку налудничаво и авангардно за тоа време, со големото ќумбе на дрва на средината, главниот ди – џеј беше Тошо Пурчо. Неверојатно, но и двете дискотеки беа максимално полни со гости, од кои половината (со платени влезници) стоеја надвор и го чекаа својот ред да се “продутнат“ внатре и да го “изденсаат“ својот дел. Ех, заебанцијата беше во тоа што пред полноќ се гасеше музиката и “куд који, мили моји“. А потоа? Е за тоа - во некоја друга прилика.
Во оваа прилика може да ги наброиме дискотеките кои дојдоа потоа. Зимската дискотека “Ламбада“ во хотел “Фени“, една неверојатна и преполна “фурна“, која меѓу првите во Македонија го започна трендот на гости/концерти како дел од забавата, потоа (зимска и летна) дискотека “Бал“ во Хотел “Балкан“, па периодот кога во Кавадарци во исто време егзистираа три огромни дискотеки, сите лоцирани во Градскиот парк. Дискотеката “Дорс“ (денешна Александрија) која траеше најкратко, па дискотеката “Парк“ која можеби е нешто најдобро што му се случило на Кавадарци воопшто кога зборуваме за дискотеки и секако “Ла Луна“ – последната вистинска дискотека во Кавадарци. Се друго потоа е некоја друга приказна. Потоа дојде лигавењето, моронизацијата на општественото делување и социјалниот момент, високиот процент на конзументи на дрога започна да си го зема својот данок, профитабилниот момент на искористување на џепарлакот на малолетниците ги освои просторите (иако и тогаш, а и денес со закон е забрането нивно задржување на јавни места без придружба - по полноќ). Оти, лошите градски приказни не се само во дупките по улиците (кои можат да се пополнат одвреме – навреме) или мегаломанските транзициски ламји и нивните помагачи – ситните криминалци од најразличен тип, од менливи директорчиња до празноглави локални сообраќајни силеџии. Лошите градски приказни, за жал, ни се прераскажуваат и одвиваат пред очи.
П.С. Недела е. Цветници. Од кого ли се плаши сонцето, та не сака на време да ни ја донесе пролетта? А бе од волку дождови и вода - зар‘ѓавевме. Или можеби пак не разбрав, па во меѓувреме некој ја укинал пролетта?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Wednesday, April 1, 2015

Блузирање (170-200)



(прва кавадаречка колумна)

“Токму така“ започнав да ги слушам од самите почетоци на моето “занимавање“ со музика. Некаде паралелно со прапочетоците на моето трошење пари за музика (плочи - лонгплејки и синглици, музички списанија) и од денешна гледна точка гледам некоја лична симболика во насловот на првата купена плоча “Шта би дао да си на мом мјесту“ – Бијело дугме (нивниот втор албум), во тогашната кавадаречка Стоковна куќа. Во подрумот на Стоковната куќа имаше мало богатство за тогашни прилики. Плочи, грамофони, појачала, звучници и некои други слични помагала за подобро и полезетско конзумирање на добра музика. А “Токму така“ првпат ги слушнав на Радио Кавадарци и првпат ги гледав на концерт во Домот на културата во Кавадарци некаде доцните седумдесети на минатиот век, за да со години подоцна разберам дека првите снимки на нивните култни музички теми  ги направиле токму во тоа – Радио Кавадарци. И многу се нервирав на времето што неверојатните стихови од култната тема “Точок“ - “Стооооооој му реков јас на точокот мој...“, беа променети во “Стооооооој, о, о, о, велосипеду мој...“. А денес? Денес сеуште (меѓу другите недобројни) ги слушам “Токму така“ и си велам “Кое безобразие мајката, која мизерија. Намерно да заборавиш дека овој град дал величини... И да ги избркаш одовде!“
И додека си поставувам безброј прашања, од кои некои се толку “безобразни“ што не се за во јавност, па колку и да сте љубопитни не би ги поделил овде со вас, ако не за друго, за да не ве збунам, оти ќе речете – еве го повторно блузерот поставува прашања на кои во овој град никој нема одговор, иако молчењето како мајка на повторувачите – ни ги дава одговорите на тацна. И тоа безобразни одговори. Со ортодоксни кавадаречки пцовки филувани озгора! Така некако би му дошло, кога човек дебело ќе подразмисли и ќе се сети дека ова што сега го пишува е “Блузирање“ број 200, а работите воопшто не се подмрднале од место. Кога таму некаде пред десетина години започнав да ја терам оваа (самобендисано наречена прва кавадаречка) колумна, не претпоставував ни оддалеку дека мојата борба за Кавадарци – пристојно место за живеење, ќе трае толку долго. Одговорот за ова мое долгогодишно патешествие низ кавадаречкото секојдневие, најверојатно се крие некаде помеѓу денешниот безобразен општествен феномен и почетокот на мочаната транзиција која наскоро ќе доживее мал јубилеј – четврт век. И никој под ова мало парче небо нема намера да ја прекине. Напротив! Баш ги заболе сите “ваквото“ за тоа.
П.С. Ви благодарам на сите кои низ годините наназад сте случајни или намерни сопатници на блузирањево низ нашето заедничко кавадаречко секојдневие. И нека не ве збунуваат бројките кои одат со секое ново издание на оваа колумна. Првата (170) е бројот на колумната која оди на блог порталите на интернет, а втората (200) е вистинската бројка од самиот почеток на “Блузирање“ во тогашниот двонеделник “Тиквешка хроника“. Којзнае, можеби ќе бидете овде и со наредното “Блузирање (171 – 201)?! Оти, каде и да е, ем ќе се читаме, ем ќе се блузираме. И понатаму, ем фино хронолошки и по кавадаречкото секојдневние, ем ситно безобразно и соголено  - во деновите кои доаѓаат.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци