Wednesday, April 1, 2015

Блузирање (170-200)



(прва кавадаречка колумна)

“Токму така“ започнав да ги слушам од самите почетоци на моето “занимавање“ со музика. Некаде паралелно со прапочетоците на моето трошење пари за музика (плочи - лонгплејки и синглици, музички списанија) и од денешна гледна точка гледам некоја лична симболика во насловот на првата купена плоча “Шта би дао да си на мом мјесту“ – Бијело дугме (нивниот втор албум), во тогашната кавадаречка Стоковна куќа. Во подрумот на Стоковната куќа имаше мало богатство за тогашни прилики. Плочи, грамофони, појачала, звучници и некои други слични помагала за подобро и полезетско конзумирање на добра музика. А “Токму така“ првпат ги слушнав на Радио Кавадарци и првпат ги гледав на концерт во Домот на културата во Кавадарци некаде доцните седумдесети на минатиот век, за да со години подоцна разберам дека првите снимки на нивните култни музички теми  ги направиле токму во тоа – Радио Кавадарци. И многу се нервирав на времето што неверојатните стихови од култната тема “Точок“ - “Стооооооој му реков јас на точокот мој...“, беа променети во “Стооооооој, о, о, о, велосипеду мој...“. А денес? Денес сеуште (меѓу другите недобројни) ги слушам “Токму така“ и си велам “Кое безобразие мајката, која мизерија. Намерно да заборавиш дека овој град дал величини... И да ги избркаш одовде!“
И додека си поставувам безброј прашања, од кои некои се толку “безобразни“ што не се за во јавност, па колку и да сте љубопитни не би ги поделил овде со вас, ако не за друго, за да не ве збунам, оти ќе речете – еве го повторно блузерот поставува прашања на кои во овој град никој нема одговор, иако молчењето како мајка на повторувачите – ни ги дава одговорите на тацна. И тоа безобразни одговори. Со ортодоксни кавадаречки пцовки филувани озгора! Така некако би му дошло, кога човек дебело ќе подразмисли и ќе се сети дека ова што сега го пишува е “Блузирање“ број 200, а работите воопшто не се подмрднале од место. Кога таму некаде пред десетина години започнав да ја терам оваа (самобендисано наречена прва кавадаречка) колумна, не претпоставував ни оддалеку дека мојата борба за Кавадарци – пристојно место за живеење, ќе трае толку долго. Одговорот за ова мое долгогодишно патешествие низ кавадаречкото секојдневие, најверојатно се крие некаде помеѓу денешниот безобразен општествен феномен и почетокот на мочаната транзиција која наскоро ќе доживее мал јубилеј – четврт век. И никој под ова мало парче небо нема намера да ја прекине. Напротив! Баш ги заболе сите “ваквото“ за тоа.
П.С. Ви благодарам на сите кои низ годините наназад сте случајни или намерни сопатници на блузирањево низ нашето заедничко кавадаречко секојдневие. И нека не ве збунуваат бројките кои одат со секое ново издание на оваа колумна. Првата (170) е бројот на колумната која оди на блог порталите на интернет, а втората (200) е вистинската бројка од самиот почеток на “Блузирање“ во тогашниот двонеделник “Тиквешка хроника“. Којзнае, можеби ќе бидете овде и со наредното “Блузирање (171 – 201)?! Оти, каде и да е, ем ќе се читаме, ем ќе се блузираме. И понатаму, ем фино хронолошки и по кавадаречкото секојдневние, ем ситно безобразно и соголено  - во деновите кои доаѓаат.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment