Tuesday, April 21, 2015

Блузирање (173-203)



(прва кавадаречка колумна)

Од првите износени фармерки, долго време бев верен фан и корисник на “Lee Cooper”. Ем светска марка, ем квалитетни, ем се продаваа во Кавадарци во тогашната продавница на “Беко“ на “Илинденска“. Зафатив малку од купувањето “Carrera“ во Скопје (на црно секако) во раните осумдесети на минатиот век, понесен од приказните на повозрасните кои ем се дотерувале во Трст, ем печалеле од шверцот на робата довлечена дури до овде. Арно ама, нежниот “Carrera” џинс, ама ич не ни прилегаше на рокерската живеачка која си ја започнавме и фала му на Бога уште си ја тераме. Во меѓувреме се отвори продавницата на “Клуб 77“ во Градски трговски центар во истото тоа Скопје, првиот македонски џинс бренд за кои ние децата од внатрешноста на Македонија знаевме и трошевме пари. Одличен џинс беше тоа. За нас во тоа време светски. Ма светски беше и остана и Градскиот трговски центар кој најверојатно некому му оставил тешки комплекси на недореченост, трауми од (планинско – селско) детинство, па сега се решил да го покрие со стиропор и гипс, за да личи на некаква градба каква што не памети никаква историја на овие простори. И се нешто си мислам дека и поради тоа сме такви какви што сме – за никаде. Можеби и не сум во право. Или сум?!
Да се вратам на џинсот на кавадаречките простори на кои сум сведок. Најинтересно е што првите оригинални Levi’s фармерки регуларно ги набавувавме во уште една продавница во Кавадарци, во продавницата на “Varteks” и таа лоцирана на улицата “Илинденска“. Најдобриот џинс воопшто појавен во Кавадарци по квалитет. На црно се “вртеа“ низ градот разно – разни негови верзии многу пред тоа. Арно ама, за разлика од денешните ѓоамити брендирани бутици и продавници, Кавадарци не беше затутулена касаба во која немаше ништо (да бе, има денес еден куп гардероба, ама од сомнително потекло со “јаки“ брендови). Оно, деца ко‘ деца, немавме многу пари и во зависност од тоа кого – како го држат сеќавањата, беше тука (на “Мито Хаџивасилев“ улицата) продавницата на “1-ви Мај Пирот“ со трендовските џемпери и кошули, неверојатни сакоа и јакни. Па да не ви зборувам за ексклузивата и првата продавница на “Kluz” во Македонија, а отворена токму во Кавадарци (на тогашна “ЈНА“ улица“). Носталгија? Не бре, каква носталгија. Мочаната транзиција која четврт век ни се мота низ животот на овие простори не донесе ништо освен тага, јад и чемер. Особено по тоа новите фабрики “родени“ во овој период и злото нанесено врз вработените и врз сите нас кои имаме по некој, кој парчето леб го вади токму во тие фабрики, денес веќе свечено и “стравопочитно“ наречени – инвестиции. А бре, иди бегај!
П.С. Додека ги пишувам овие редови, на кружниот тек во таканаречениот нов центар на градот долго и гласно се слуша сирената на возилото на Брза помош. Се слуша долго поради мороните кои своите скапи возила ги паркирале кому – каде текне и поради кои вечерва најверојатно некому ќе му доцни лекарската помош, токму баш поради непроодноста на таканаречените кавадаречки булевари. Да, се пополнуваат деновиве дупките низ улиците во градот, ама ортодоксната сообраќајна некултура, човечката несолидарност и мизерниот “чалам“ секојдневно доживуваат кулминација низ градов. И да, во моментов најверојатно “лајкувате“ на фотографиите по социјалните мрежи на убави и чесни кавадаречки деца кои токму деновиве си нашле нова татковина. Нека ни е срам – на сите топтан!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment