Monday, May 18, 2015

Блузирање (175-205)



(прва кавадаречка колумна)

Фантастичниот развој на некултурата на живеење во Кавадарци продолжува непрекинато и непопречена од никого. Не мислам тука само на испокршените клупи и корпи за отпадоци низ градот. Кешки да е само тоа. Туку на севкупната состојба која станува правило  - како до крај градот (ни) да се одалечи од основната дефиниција за урбана средина и максимално да се одалечи од основните поими за градско живеење. Овде често е пишувано за сообраќајната некултура, не само на возачите (која е максимално дрска и безобразна), туку и на пешаците - се “утепаа“ кој повеќе да не ги почитува сообраќајните правила и прописи. Ко‘ да градот е една голема прашинава ледина, па удри со тоа возилата кому – како ќе му текне. Ниту жртвите кои, за жал, ги дадоа сообраќајните перверзии не беа доволно предупредување. Умот никако не ни иде. Ете, погледнете ја и чудната градежна “експанзија“ и забеганото прекројување на постоечките згради и трговски објекти, со додавките по покривите, терасите и приземните простори, чиниш на сите им недостасува станбен простор или објектите (локали, дуќани и сл.) им се претесни при терањето на бизнисот. Забега во невкусен правец и узурпацијата на тротоарите кои на најфреквентните улици се претворија во продолжени тезги на дуќанџиите, а најверојатно наскоро кафеанџиите ќе почнат столчињата и масите да ги “топорат“ и на самите улици. До таму е дојдено. А бе ете ви ги полјаните надвор од градот, па таму градете. Или одете по селата, запоседнете ги големиот број на напуштени (државни/општински?!) објекти, па терајте бизнис. Не испозагадивте максимално!
Не ми е тешко уште еднаш да напишам и за некултурата на живеење во зградите низ Кавадарци. Иако (види ти интересно) и во оваа држава постојат закони за се и сешто, меѓу другото и за забрана на тропање, чукање, бушење, цепење дрва по тераси, кога за тоа не е време,  односно за почитување на мирот на другите – 24 часа сме сведоци дека речиси никој не ги почитува. Деновиве и самиот сум сведок (“слушател“/ вознемируван) заедно со стотици жители на зградите околу кружниот тек, на страотната галама во таканаречениот нов центар на градот, со (пре)гласното реновирање на таму лоцираниот хотел, кој најверојатно наскоро ќе премине во вистински свадбарски објект, па тешко нам за време на викендите. Пред тоа “реновираа“ маркет, утре којзнае што не очекува. И загрижувачки е еден посебен момент. Дрвце по дрвце, полека го снемува зеленилото во одредени делови од новиот центар. Еден ден (не многу далеку во иднината) сите ќе не покрие градската прашина. Неверојатно! И тоа во делот од Кавадарци кој е своевидна спална на градот со бројните згради лоцирани таму. Најверојатно во општинските и државните служби некој зема плата за да ги регулира и санкционира ваквите анти - општествени појави, арно ама – треба да станат од тоа фотелјите и да си потераат работа. Оти ништо не е вечно, па ни тие. Барем во паузите меѓу “топорење“ по митинзи троа од троа да ги оправдаат парите кои ги земаат во вид на личен доход од намножените даноци кои ги плаќаме.
Бесен сум? Не бре, само реален сведок на случувањата околу нас, во желбата Кавадарци еден убав ден да биде пристојно место за живеење, со сите перформанси на непишаната дефиниција за тоа. Никакви политики и идеологии не можат да ни помогнат, ако битните штрафчиња во главата ни р‘ѓосале!
П.С. Концертот на Парни Ваљак во Скопје е поместен за 6 јуни. Причините се општопознати. Оние кои беа причина за тоа нема да бидат на концертот. Што всушност е и ногу фина работа. Ама јас ќе бидам!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци