Tuesday, June 2, 2015

Блузирање (176-206)



(прва кавадаречка колумна)

Ех, да можам да шетам низ времето (наназад и нанапред), па да бирам кој период би го живеел. Оти некои нешта овде и сега - стануваат чиста заебанција од живеење. Богами и нешто плус. Ете 1-ви јуни е 2015, најдобриот другар ми е во странство, не од што му се шета, туку овдешниот начин на партиципирање на живот го натера да замине. И илјадници други пред и после него. А бе нема ден да не разбереме дека цело семејство заминало одовде. Кавадарци и пол имаме низ светот, без никаква намера да се врати овде. Зошто е тоа така?! Белки сами знаете, сега овде да не ви правам анализи со сите перформански и аспекти. Оти од ивестиции во кои молчењето е злато, а синдикатот не постои (на пример во таканаречената најголема кавадаречка инвестиција) и платата е колку да не се запишуваш во првиот колонијал – нема ЕУ, нема НАТО, нема напред, туку назад во доцните четириесети на дваесетиот век. Во времето на петтгодишните планови и задругите, во времето на клањето на козите, плус забеганиот проток на историски небулози со целна група од пре две илјади години и нешто. Времето кое во моментот ни е дадено за живеење неповратно заминува со секоја следна секунда, ама испуштеното нема никогаш да го повратиме и промениме. “Уби нас туѓа срамота“ во деновите кои неповратно течат и ни го одбројуваат часовникот на живеачката. А бе еден да застанеше, троа да се подзавртеше и да речеше “Морално беше Пиги“, та можеби и ќе му простевме. Вака, со луѓе – нелуѓе без трошка морал, со нетрпение го чекаме денот кога се ќе биде поинаку. Денот кога зависниците нема да ги конзумираат “своите потреби“ сред бел ден и каде ќе му текне, денот кога вработените во буџетските установи ќе заминуваат навреме во пензија, а не да продолжуваат и чуваат место за синовите, ќерките и внуците, денот кога мороните со скапи машини кои секојдневно се опасност по животот на граѓаните со своето асоцијално сообраќајно однесување - ќе бидат дебело санкционирани поради тоа, денот кога партиските јуришници ќе бидат само тоа – партиски јуришници, а не експерти по се и сешто, денот кога посетеноста на културните настани нема да ни зависи од бројката на роднини со кои располагаме – туку од квалитетот на понуденото и едуцираноста на публиката која е потребна како капка вода.
Читам (гледам, слушам) денеска, платите оделе нагоре, инвестициите во спортот биле секојдневие, пушењето било штетно по здравјето, за неуспехот на Евровизијата ни биле сите виновни. Не сум економист, ама знам дека денеска цигарите ги поскапеа и ми удрија здраво по џебот. Сигурно го знаете вицот кога разговарале двајца пријатели и непушачот му броел на пушачот колку пари ќе заштедел ако не пушел, ќе возел мерцедес со тие пари. Арно ама и непушачот не вози мерцедес и е голтар со симптоми за на психијатар, во пакет со мороните кои се паркираат на пешачки, минуваат на црвено, заедно со новопечените експерти од сите области кои од стапнување на терен го имаат само топорењето пред микрофон пред новинарчињата кои за интересот на медиумските газди се во состојба семејството да си го избербатат и, прости ми Боже, ко да излегле од полскиот клозет кој сеуште им стои во дворот додека тие се обидуваат да бидат нешто друго од она што се во животот – чиста нула со, безобразно кажано, информации кои смрдат од далеку. А да зборуваме за  инвестиции во спортот, кога Градскиот стадион ни е во тотално распаѓање, кога се фалиме со државни и локални пари потрошени за спортот, а се радуваме на (сепак ретките) успеси на приватните спортски клубови, нешто и овде не ќе да е во ред. А за Евровизијата, еколозите кои се залепени до актуелните власти, сообраќајната анархија низ кавадаречките улици, нерегистрираните (незаконските) приватни “школи“ за разно – разни балети, модерни танци, класични музики, гитари, странски јазици, детски песни, пуканките, таканаречените американски крофни и фарбаниот “благ бубаќ“ кои се продаваат на Градскиот плоштад – се  е чиста нехигиена и опасност по психичкото, урбаното и телесното здравје. За се друго, во некоја наредна прилика.
П.С. А тоа дека сум сеуште овде, заработувам за (каков – таков) живот, творам, љубам, се дружам, ги почитувам луѓето, се борам на свој начин Кавадарци да биде пристојно место за живеење и сеуште ја немам купено картата во еден правец, не значи дека немам желба да отидам на Куба додека е жив Фидел Кастро. Не значи дека немам желба да прошетам низ плоштадите и галериите на Берлин и Париз, по чаршиите на Истанбул, по парковите на Виена, низ квартовите на Њујорк, по пазарите на Будимпешта, не значи дека немам желба да заминам одовде, некаде каде различните се нормални и каде Сонцето за сите грее подеднакво.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment