Monday, June 8, 2015

Блузирање (177-207)



(прва кавадаречка колумна)

Еден од воопшто најдобрите балкански бендови Парни Ваљак имаше голем концерт на 6 јуни во Скопје. Општопознато е дека авторот на овие редови на (така да ја наречам) кавадаречката интернет сцена е најагилниот при форсирањето на музиката на Парни Ваљак, па си ја исполни желбата и го изгледа концертот. Речиси два часа беспрекорна свирка, три биса и енергија на која можат да им позавидат многу помлади бендови. Парни Ваљак можете и да не ги сакате, ама мора да им се симне капа за стравопочитната кариера која ете без прекин, креативно – авторски, албумски и концертно трае цели 40 години. И токму во Скопје одржаа еден од славеничките концерти, од страна на членовите на бендот на начин на кој само може да се посакува и при тоа сите присутни да уживаат во концертот. Да, токму авторот на овие редови е бааѓи еуфоричен кога станува збор за овој рок бенд. Но и покрај еуфоријата и емоциите кои ме носеа (пеење, играње и др.) за време на концертот, тоа што Парни Ваљак ги слушам од нивниот прв албум, сепак ме прави да размислам добро – што тоа се случи на концертот во Скопје.
Иако салата “Борис Трајковски“ не беше максимално исполнета со публика, тоа воопшто не сметаше и присутните и Аки и компанијата да се забавуваат максимално. Не разбрав каде е проблемот, дали кај организаторот или домаќинот, најголема замерка е тоа што речиси до самиот почеток на концертот во салата немаше воопшто пуштено ладење, а температурата беше на границата на подносливост. Нормално, спортската сала во која беше концертот (па и сите сали од овој тип во Македонија) не е за големи концертни спектакли од ваков тип, затоа што кога се градела никој не обрнувал внимание на средување на акустичноста на просторот, па ни најквалитетното озвучување на светот не може квалитетно да го пренесе ангажманот на уметниците на сцената. А Парни Ваљак таа вечер беа токму тоа – уметници на сцената. Дали ми пречеше тоа што беше топло, тоа што во различни делови од салата звукот беше различен, тоа што имаше само една марка на пиво и што просторот за пушачите беше далеку? Од неколкудневна дистанца по концертот, можам да кажам дека тоа не ми пречеше. Мене ми пречи тоа што организаторите на големите манифестации во Кавадарци немаат слух, ниту визија на пример кога една фејсбук група со членство од над илјада луѓе со аргументи (актуелни се, на концертна турнеја се, имаат нови песни, свирачки се во животна форма, плус вистински балкански музички - живи легенди) ќе побара Парни Ваљак да свират на Тиквешки гроздобер во Кавадарци и кога низ кулоарите ќе се продутне веста дека има шанси да дојдат, ама нема да дојдат оти биле скапи. Ако се скапи, ќе пронајдете пари и ќе направите спектакл кој ќе се памети. А Парни Ваљак се токму тоа – музички спектакл кој се памети. И тоа за сите пари.
П.С.Морам овде да го спомнам и тоа, дека на концертот на Парни Ваљак во Скопје само јас успеав да видам стотина кавадарчани, во ретките моменти кога не бев “зјапнат“ во сцената и не пеев и играв.. На сите им симнувам капа за желбата да ги слушнат Парни Ваљак во живо, да поминат стотина километри за концертот и притоа да уживаат во него.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment