Friday, June 19, 2015

Блузирање (178-208)



(прва кавадаречка колумна)

Започнува летото. За два дена стигнува и во Кавадарци. Првите летни симптоми не ветуваат којзнае што, барем кога станува збор за културата на градско живеење, колку и човек да посакува поинаку. Некои чудни летни вечери се случуваат, особено во таканаречениот нов центар на градот, со нагласок на кружниот тек и булеварот “Е. Кардељ“. Таман дојде време за одмор некаде околу полноќ (особено во работните денови), ете ти вистинско “откровение“ - започнува вистинска анархична драмолетка со малолетничко дивеење: се игра“топка“ на коловозот, се тропа по билбордите, шкрипат гуми, свират автомобилски сирени и драње како да е крај на светот. Граѓаните кои живеат во овој дел од градот станаа ноќни жртви заедно со немоќните спроведувачи на законот, фрчат телефонски пријави до полицијата, ама итри тоа малолетниците (?!), менуваат местоположба и стануваат уште погласни во празнењето на негативната енергија (насобрана најверојатно од “фино домашно воспитување“) и се така до првото сонце, па одново наредната вечер. Дали има решение? Па секако дека има. Спроведување на законот, со сите негови воспитни мерки и казни. Ако не друго законот е дециден за малолетничкото движење по полноќ.
Арно ама, баш ја заболе баграта за законот и мирот на недолжните граѓани, кога нема кој да ги спречи во нивната намера да го сторат своето. Џабе концерти, џабе изложби, театарски претстави и слични културни и градски нешта, џабе се во недостаток од мерки кои ќе го спречат прераснувањето на малолетниците во уште една изгубена генерација, која лесно ќе дојде на “превоспитување“ во рацете на разно – разни дилери, ситни и крупни криминалци, кои пак мочаната транзиција ги направи рак рана на ова општество. Да, за Кавадарци станува збор, за ситните души кои молчат оти “има бетер“. Оти има бетер ете и родителите се плашат да ги прошетаат малите деца од намножените и богами крупни кучиња скитници кои во цели “стада“ се движат околу Градскиот плоштад, на кружниот тек, на кејот на Луда Мара, насекаде каде ќе ги доведе инстинктот.
И што сега? Ништо. Ќе чекаме некоја самобендисана невладина организација да допре до некој троа поголем грант, па да “крене галама“ во одбрана на зависниците, хулиганите, заспаните убавици и кучињата скитници, оти нели, во мода е да се биде локално невладин и да не те интересира што се случува во државата. А книгите по книжарниците и библиотеките и онака никого не го интересираат, освен ако не се наслови од типот “Како да станеш милионер на сто начини“, “Како да станеш фраер без да се погледнеш во огледало“, “Како да бидеш убав без да се искапиш“. Ни најскапите дезодоранси не можат да ја прикријат смрдеата на баграта, чии највисоки дострели се – како да му го заебеш секојдневниот живот на обичниот граѓанин.
Извиканиот “страшен комунизам“ во бившата држава е мека крпа за денешното партиципирање на демократија. Една од причините што денес се соочуваме со носталгија кон поранешната држава е токму практицирањето демократија на некој чуден, перверзен и оригинален начин. Нешто овде не ќе да е во ред. Самобендисаноста и непочитувањето на другите не води кон добро. А дивеењето на (дел од) малолетниците пред да прерасне во општа градска состојба мора да се спречи токму од оние кои се најодговорни за тоа – родителите и оние кои земаат плата од државата да го спроведуваат законот. А такви не се малку, нели?
П.С. Не дека не можеме, туку не бива да се расчеречиме до следното утро. Оти еден и еден се два, два и два се четири, па нема друга дефиниција да му се невиде у ваквоата!

By

Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment