Saturday, July 25, 2015

Блузирање (180-210)



(прва кавадаречка колумна)

Во годините наназад не помислував дека нештата кои сум ги сакал, од кои сум учел и созревал, ќе ме следат целиот живот и дека реткоста на фините работи и општествени дејанија ќе направат повторно и повторно да се враќам на базичното, истовремено вонвременско и доживотно. Стрипови, книги, музика, тука – таму по некој напишан ред или стих, како некоја перверзна дефиниција на животот кој упорно се бори против глупоста, себичноста, алчноста, неписменоста и злобата.
Освен секојдневието “удавено“ во книгите и музиката, ете и стриповите, по толку животни перипетија, ме следат и натаму. И драго ми е поради тоа. Последнава речиси година дена, еднаш месечно му се радувам на Алан Форд и неговата дружина од цвеќарницата, на забеганите приказни на Бројот еден и се нешто си мислам, повеќемина овде да го читаа Алан Форд низ годините наназад, денес низ разговорите ќе ни преовладуваа некои фини градски теми. Арно ама... Не се криви комјутерите и интернетот, социјалните мрежи на некој забеган начин се слични со сапуниците и реалните шоуа. Ги прифаќа оној кој тоа го сака, никој со сила не тера некого да гледа или слуша нешто. Особено меѓу четири ѕида пред компјутер или телевизор. Арно ама... Толку ни сече и на плус четириесет.
А лето е во Кавадарци. И како во некој надреален филм, никому не му сметаат гласните музики по локалите, особено по полноќ. Можеби е чудно, ама во современиот свет тоа се решава многу лесно – со спроведување на законот. Арно ама, овде надреалното, комбинирано со трештечкиот турбо – фолк од возилата кои во никое време “рикаат“ по улиците, создало некаков недефиниран меѓусвет. Семафорите (сеуште со прегорени сијалички) се почесто служат само да одбележат некоја раскрсница, а низ градот мистериозно ни никнуваат урбани хермафродити и во нив “елитни“ локали. И ете не каде секојдневно ги броиме луѓето кои заминале одовде. Како да се натпреваруваме меѓу себе кој познава повеќе кавадарчани кои засекогаш заминаа низ (буквално) целиот свет.
Таму некаде далечната 1985/86 година и служев на поранешната држава година и 22 дена во униформа на ЈНА. За многумина и ден денес сличното искуство е “школо на животот“, а за мене и тогаш, а уште повеќе денес – изгубени драгоцени денови од раната младост. Децении се обидувам тој период да го заборавам и да го ставам под тепихот во животните сеќавања, ама некако не ми успева. Се некој туку ќе ме потсети (во неговите половина исфилувани, половина лажни сеќавања на тоа исто служење ЈНА) и прва мисла која ми паѓа на памет е кантината во касарната (“служев“во Земун, Србија). А во кантината, во ретките моменти на слободно време, бизарната комбинација на пиво и наполитанки. Од денешна гледна точка, тогашното конзумирање на оваа комбинација ми изгледа како мал бунт против (пре)строгите правила на униформираниот живот, своевиден хедонизам меѓу високите ѕидови на касарната. Тогаш (во кантината) имаше само еден вид на пиво и еден вид на наполитанки. Од тогаш до денес пробав безброј видови на пиво и наполитанки, ама никогаш повторно во комбинација. Зошто? Па најверојатно затоа што таа бизарна конзументска комбинација можеше да се случи само кога си во потрага по парче лична слобода. И незнам зошто, ама ова лето повторно ми доаѓа да ја пробам комбинацијата. Белки ќе ја снема лошата магија. Или пак не.
П.С. Обидувајќи се (во себе) да направам споредба меѓу нашиот туризам и туризмот кај соседните држави, влегувам во такви неверојатни мозочни “заврзлами“, особено што за многумина овде врв на туристичкото искуство е пијанчењето по викендичките на Тиквешкото езеро, па заклучокот е дека и тие (соседите) заминале неколку светлосни години напред и баш му гајле за нас и нашето, се почесто враќање назад. Да парите ни ги љубат, ама никој не ни е виновен што ја заслужуваат секоја потрошена паричка, било каде наоколу, на планина или море. Сеедно.

By
Марјан Т.
Бул. “Џон Ленон“ 3
Кавадарци

1 comment:

  1. Care da si ziv i zdrav i da se vidime u kavadarci Sasko Mojsov

    ReplyDelete