Wednesday, August 19, 2015

Блузирање (181-211)

(прва кавадаречка колумна)

Паметам, а паметам од поодамна, низ улиците на Кавадарци немало волкава бројка на кучиња скитници, кои во глутници лутаат низ градот и само прашање на време кога некои од нив ќе станат и реална опасност по граѓаните. Особено што повеќето од нив се огромни и навистина изгледаат застрашувачки. Лаички поглед дава еден од одговорите зошто толку се “распиштолени“ низ Кавадарци: според изгледот повеќето од нив се “исфрлени“ домашни кучиња, расни и по форма и изглед, па на човек му доаѓа гласно да се запраша - “Па добро мајка му стара, што се курчевте кога ги шетавте, ако не можете да ги гледате, та сте ги исфрлиле на улица?!“
А паметење од поодамна не ми е потребно за хулиганството на кружниот тек (слушам и во некои други делови од градот било така) кое се случува секоја вечер до рано сабајле, дерење, уништување зеленило од страна на малолетничка багра на која ниту полицијата веќе не реагира. Не ми е јасно од кој материјал им се направени нервите на граѓаните кои живеат во овој дел. Ебати стравот кој сте го збрале во душата и не ви дава да си го одбраните мирот, ебати! Неоти институциите на системот и сличните на нив ѓоамити невладини организации на кои на челото им стои дека работат за младите, ќе најдат решение за овој се повеќе застрашувачки проблем, освен ако не сметаат дека со разно – разни предавања и трибини за подсмев на кои сами си се слушатели, ја завршиле работата. Барем досадата за која ги примате дебелите дневници да ја подзаскриете бре!
Со оглед на тоа што пред година и нешто, сред бел ден, пред очите на соседите ми го украдоа половина велосипед (да, буквално половина и за што истрагата сеуште трае), деновиве собрав (финансиска) сила и ете ме кај повторно сум велосипедски активен и можам да ви кажам дека се она што на ова место со месеци, море и години наназад е пишувано за сообраќајната некултура во Кавадарци е благо кажано -  неважно. Затоа што слегувајќи со велосипедот на кавадаречките коловози ја почуствував вистинската анархија која владее по кавадаречките улици. И возачка и пешачка.Чисто надреално сообраќајно моронство. Ако некого слушнете како се фали дека ги почитува сообраќајните правила, знајте дека лаже. Само прашајте го каде му е паркирано возилото и  ќе ви биде доволно да не му поверувате ни кога ќе вика на цел глас - Пожаааар!!! Пешаците, а особено велосипедистите во Кавадарци според сите критериуми дефинитивно се загрозена врста. Џабе фарбање пешачки премини, џабе семафори (со вообичаени прегорени сијалички), џабе (за жал) толку жртви од сообраќајки низ градот, кога ништо не може да ни ги промени страотно лошите сообраќајни навики, кога се е исто како и вчера, завчера, а исто ќе биде и утре. Срам да ни е на сите!
И сега што? Ништо посебно. Авионите кои полетуваат од аеродромите во Скопје и Охрид кон било која светска дестинација се полни со патници со билет во еден правец. Повторно ме зафати тага кога разбрав дека уште десетина вредни луѓе од Кавадарци засекогаш ја напуштиле Македонија. “Големите“ приказни за туѓите пасоши веќе не со во игра. Стручноста, чесноста и искуството им отвори врати на убавите кавадаречки деца да се скрасат набрзина во нова татковина. Има ли некој кој ќе им најде замерка за нивната одлука?!
За ликовната уметност, театарот, поезијата и џезот во Кавадарци, во некоја друга прилика. Оти така треба.
П.С. Ние кои засега останавме тука ќе се радуваме на трошките убаво поминати моменти со нашите блиски луѓе кои на кратко се решија да споделат со нас за нив драгоцени денови и да откинат некој саат од времето планирано за најблиското семејство. Пецо, Гого, ви благодарам што постоите. Да сте живи и здрави и вие и вашите убави фамилии, па да најдеме време, било кога, било каде, повторно да се сретнеме во деновите и годините кои ни преостанаа.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци