Tuesday, September 1, 2015

Блузирање (182-212)



(прва кавадаречка колумна)

Во време на максимално развиена информатичка технологија, што би се рекло дека секоја информација е достапна секому, за случувањата на годинешниот “Тиквешки гроздобер“ мораше да дознаваме “од нога“, па дури и ние кои на некој начин и приватно и професионално со години наназад сме поврзани со оваа манифестација. Флаерите за кои никој не дозна каде можат да се набават, “таинствено“ се појавија по два-три примероци на неколку места во градот, а плакат(чињата) во А3 формат имаше залепено низ градот во колекционерска бројка. Да бе, видовме и билборд, на кој за да прочиташ што е напишано вратот да си го скршиш од што авторот бил паметен и креативен. Не сакам ни да помислам на тоа како информативно била застапена манифестацијата низ другите градови во Македонија. Ете од “толку многу информации“ не дознавме зошто дел од најавените настани не се одржаа, не дознавме зошто карневалското дефиле имаше рекордно мал број на поставки, не дознавме зошто на Градскиот плоштад се претставија само шест винарии (само во Тиквешијата ги има над 40), скара се димеше само од од шест локации, не дознавме зошто немаше никакви случувања на други локации во градот, на пример на малиот парк спроти полицијата, не дознавме и за други нешта кои ги немаше воопшто, а се подразбираа во изминатите 51 година од првиот Тиквешки гроздобер. Имало познати музички имиња за време на манифестацијата? Па, Тиквешки гроздобер не е музички фестивал за да атрактивноста ја мериме со тоа кое име “музицирало“ на Градскиот плоштад. А да, дознавме колку гости имало и колку вино се испило, макар што не е јасно според кои критериуми некој се осмелил да си игра со статистиката, кога по цел ден плоштадот зјаеше празен. Најверојатно некој немал друга работа овие три гроздоберски дена па ги чешлал фискалните сметки по локалите и ги броел продадените шишиња вино. За невкусно гласната музика во поголемиот дел од локалите, за сообраќајниот тридневен колапс, за неадекватните услови во кои работеа поставените скараџии (без вода за основни хигиенски потреби), американски (?!) крофни, разно разни благи памуци и слични тракатанци нека се изјаснат организаторите. Впрочем тоа и се должни да го направат, затоа што добија да реализираат и профитираат од манифестација од единствен тип во државата, само што заборавија на граѓаните на Кавадарци, кои се и единствени вистински сопственици на Тиквешки гроздобер. Не дека манифестацијата Тиквешки гроздобер, која со прекини се организира од 1964 година, е со застарена концепција. Таа годинава немаше никаква концепција и го доживеа дното. Со оглед на тоа што и приватно и професионално, па и емотивно со години сум поврзан со оваа по карактеристика исклучиво и автентично кавадаречка манифестација, годинашното издание на Тиквешкиот гроздобер го сметам за навредливо по карактерот на кавадарчани и се што е автентично кавадаречко и најверојатно веќе наредното издание треба да доживее коренити промени, своевидно рестартирање и ребрендирање. Белки така ќе се избрише горчливиот тридневен вкус кој остана веќе со последната вечер од тридневните (прикрпени) баханалии и изгубениот мир и желбата кај поголемиот дел од кавадарчани годинашното “чудо“ од Тиквешки гроздобер што побрзо да заврши.
Интересно би било, оние што успеале да ги пребројат гостите и количините на испиено вино на Тиквешки гроздобер, да се обидат да ги пребројат оние кои заминуваат од Кавадарци, па и од Македонија засекогаш. Претпоставувам дека знаат зошто одовде заминуваат млади, образовани, стручни и вредни луѓе, се почесто со себе носејќи го целото семејство. Нека почнат да бројат од најблиските, соседите, маалото... Или можеби таквата статистичка операција би предизвикала нешто друго во овој град, па и ова општество, кога ќе се појави фрапантно високата бројка на засекогаш заминатите во некои нови татковини?!
И да се разбереме! Тиквешкиот гроздобер му е потребен на Кавадарци од многу причини: Туристички, стопански, економски, културен, општествен и под итно неговиот бренд треба да добие ново руво, веќе од утре. Но и Кавадарци му е потребен на Тиквешкиот гроздобер, Кавадарци кое во вистинска смисла на зборот ќе живее тие три дена со манифестацијата.
П.С. Сезоната на подготовка на зимница, слатка, мармалади, кори, тарана и разно – разни други “зимски потребштини“ наголемо трае. Арно ама, не сите оваа зима ќе имаме полни фрижидери и подруми со мали слатки и солени задоволства. Така некако ќе му дојде.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment