Friday, September 11, 2015

Блузирање (183-213)

(прва кавадаречка колумна)

Мојата покојна баба Цанка (живееше 86 години) имаше навика да ме праша: “Имаш ли за цигари?“ “Имам бабо“ -  ќе и одговорев. “Ако имаш за цигари, тогаш да имаш и за кафе и за сокче, ама најважно да имаш за јадење“ – и ќе продолжеше да ми ги штепува фармерките на рачната “Сингер“ машина за шиење, без око да и трепне. “Бабо, ама јас вечер ќе излевам со другарите?! Да не имаш некоја банка да ме освежиш?“ И онака фино и сериозно, како секоја вредна жена, над која виси товарот на годините и се што било и поминало во тие години, ќе ми рече “Прво да ти ги средам фармерките.“ Оти за се има време, особено “Да не брзаме, оти немаме време“ – што би рекол неверојатниот Ристо Соколов Сокол, единствениот човек во кој имав комплетна доверба и за арно и за лошо.Ебати животот, ебати. Ебати тоа транзицијата, сосе транзиционите лицемери, од богаташи до колумнисти, ебати мороните кои не знаат кои се, а ваму ни солат ум како е да се биде ваков или онаков. Ебати!
Да се вратам на приказната за мојата баба Цанка. До месец - два пред да замине на (најверојатно) некое пофино место, не само да го метеше дворот, туку го средуваше и тротоарот пред куќата, секое утро, како по некоја дефиниција. Дали и беше тешко? Неее, затоа што од чисто никој не се исплашил, од чисто никој не фрлил клетва. Не дека нас, нејзините потомци многу не бива, ама го држиме во раце цврсто сеќавањето на неа и ете и денеска по дома малтретирам дека еднаш беше и постоеше една баба Цанка, потомок на Бадевци, удомена во Чемерци, ама оние вистинските и Бадевци и Чемерци. И по крв и по табиет!
А пред некој ден беше во Кавадарци “Т‘к Так Фест“, еден од последните рок фестивали во Македонија каде што демо бендовите имаат шанса и предизвик, базенот кавадаречки беше домаќин на просторот, арно ама изостана бањањето. Суровоста на рок музиката нема никаква релација со канцерогеноста на турбо – фолкот од сите провиниенции која тој простор ја овозможува - на наша жалост. Фестивалот беше океј, има преодна оценка и нека трае, нека се случи и наредната година и ако неколкумина си поминавме океј, неколкумина најдоа замерка, толку бевме, ама рокенролот во Кавадарци ги изгуби сите предизвици, па што би рекол еден од најискусните во оваа област - на радост на сите кои таа вечер платија билет, рокенролот е начин на живеење, ма што и тој да понуди останува квалитетот и борбата, оти рокенролот не е фотографија појавена на некоја од социјалните мрежи. Тато или мама ти купиле фотоапарат?! Не заебавај!!! Арно ама – секоја чест на демо бендовите!
И така, меѓу катастрофалниот Тиквешки гроздобер (сите го заборавија веќе наредниот ден, ама ете јас не заборавам) и есенскиот панаѓур, имавме троа рок музика, колку да се сетиме дека сеуште постоиме, па додека трае нека трае. Во меѓувреме низ градот во просторите за таа намена се случуваат изложби, понекој концерт, перформанс и слични некои фини нешта, некој можеби и ќе ги посети, па и ќе се сеќава на нив, ете го и кавадаречкиот Театар подготвува нова претстава. Арно ама, континуираниот процес на масовност на неквалитетните настани, контра уметноста која не бара ниту големи пари, ниту глорификации и насловни страни, по којзнае кој пат ни докажува дека овде не вирее реалноста и бенефиции и (сомнителни) субвенции во (демек) културата добиваат квази музички тракатанци и џанки ѓоамити настани, а ваму чист кафеански (соц)надреализам и музички патриотизам искажан преку уморените турбо – фолк “ѕвезди“ од соседството. А бе ајде!
П.С. Колумнава ја посветувам на првиот ликовен уметник во моето семејство, на Иван Мегленов (внук на Иван Чемерски, еден од луѓето кои го ствараа модерно Кавадарци) и уште сега да си кажам дека со нетрпение го чекам мојот прв портрет. Толку знам, дека на ѕидот ќе ја закачам финалната верзија, ма кога и таа да биде. Оти денес единствено уметноста е реалност. Така некако.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment