Sunday, December 27, 2015

Блузирање (186-216)

(прва кавадаречка колумна)

Вообичаено на ова место и ова време, субјетивно или објективно, зависи од тоа кој како гледа на (не) приликите во градот, објавувам кој е настанот кој може според сите критериуми да биде најнастан во годината која еве каде и ќе ни замине пустата. Овојпат настанот на годината и не се случи во Кавадарци, туку во Скопје, ама на моја радост сведоци беа бааѓи кавадарчани, што автентични, што “поскопјанчени“. Станува збор за феноменалниот концерт на “Парни Ваљак“ кој на 6 јуни го одржаа во Скопје. Инаку, да ве потсетам, тоа е бендот за кој авторот на овие редови во 2014 направи група на социјалните мрежи со наслов “Парни Ваљак да свират на Тиквешки гроздобер 2014“. Група која за многу кратко време ја надмина бројката од 1000 членови, група на која, за голема жал, организаторите на манифестацијата рецка не и удрија и си донесоа некој од нивните омилени турбо фолк “ѕвезди“ да си се “забављат“ на, најверојатно, за нив единствениот можен начин. Некако се поклопија нештата, та годинава, за срам на организаторите, го имавме катастрофално најслабиот “Тиквешки гроздобер“ од неговото прво издание таму некаде 1964 година, и организациски и содржински.
За да сепак не биде 2015 во Кавадарци без настан за кој долго се зборува, се потруди Златко Вузевски Паја со издавањето на неговата прва книга вицови, со кои тој со години наназад ни дарува насмевки на лицата, во ова време на подзаборавени вредности. “Ѕидот на Паја“ ја подготвија и промовираа долгогодишни пријатели и соработници на Паја, кои некаде почетокот на наредната година повторно ќе седнат и ќе ја средат и промовираат и втората збирка оригинални вицови на кавадаречки. Оти вистинските градски ликови во Кавадарци се се поретки. Ни заминуваат на различни начини засекогаш. Боли? Ептен!
Личната болка е сепак најголема поради заминувањето во 2015 на најголемиот. Оти тоа беше Ристо Соколов Сокол – Најголем. И човек и уметник. Фали секоја можна секунда. И во моментот кога ги пишувам овие редови, уште еднаш себично заклучувам дека некои луѓе оставаат траги, дека се бесмртни и долго нема да се најде некој кој барем за малку ќе ги достигне величините на Ристо, чии траги и дела се распослани низ целиот град. И човечки и уметнички. Се бендисувало тоа некому или не, овој град со децении нема да може да му се одолжи за тоа што тој го стори за Кавадарци. Дури и ние најблиските, собрани во неформалната уметничка група “Сокол Арт“ која тој ја створи со својата енергија.
И не дека некој има нешто против прославувањето на Нова година. Напротив, еве јас по објавувањето на имињата на учесниците на прославата на Градскиот плоштад, се радувам што нема да бидам таму. Немам поим кој ги одбрал, на кој начин, според кои критериуми, па како сте одбрале – така терајте си. Нема да ни недостасувате таа вечер, со оглед на тоа што сами ќе си го направиме својот избор на музика која ќе си ја слушаме со некои драги луѓе. Токму песните на Парни Ваљак ќе бидат дел од изборот. Оти ни се сака и ни се може.
П.С. Ова парче виртуелна слободна територија ќе блузира и во 2016. Оти така треба. Ви посакувам идната година да сторите нешто и за себе, не само за транзициската багра, искомплексираните политички деликвенти и руралните човечки елементи. Оти веќе 15 години сме во 21 век, па мрднете малку со тоа газот и растресете ги тоа сивите мозочни ќелии. До вас е. И до тој (таа) до вас.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

1 comment:

  1. Car si e car citajte luge malku edukacija od golemiot Marjan Respecat Brat Mi Pozz

    ReplyDelete