Wednesday, December 28, 2016

Блузирање (207-237)

(прва кавадаречка колумна)

Уште една година е зад нас. Турболентна. А всушност кога овде годините не биле турболентни?! Четврт век живееме во константен стрес и постојана политикантска тортура. Повеќето млади родени во самостојна Македонија и не знаат за поинаков живот. Ма, ниту останатите немаме поим како е да се живее спокојно, досадно, нормално. Екстремен политички авантуризам, поткрепен со 25 годишни изборни кампањи, кои никако да престанат. Да, уште една година завршува, па и во Кавадарци.
Некогаш годините овде завршуваа со пола метро снег пред Нова година. Уф, снег, спокој, баби и дедовци со божиќни и новогодишни финти. Па фина зимска идила до после Божиќните празници. И животот не престануваше поради снегот. Напротив. Целиот град беше надвор. Можеби и денес е надвор (без снег, со загаден воздух), ама опседнат од таканаречените предновогодишни попусти. А попустите тури – бери, со цени дупло поголеми од секојдневните во извиканите светски шопинг центри. Тоа е најверојатно поради нашиот неверојатен економски подем. Земаш плата, плаќаш сметки, троа шеткараш по “Илинденска“, пиеш кафе три – четири часа во некое од трендовските кафулиња, повторно шеткараш по “Илинденска“, ги читаш цените на брендовите (од сомнителни дестинации) и таман те бендисало некое алиштенце, па ти светнале очињата и оп – чичко извршител навреме си ја завршил работата. Па ај по дома на нервирање. Барем караниците да бидат во кругот на семејството. Не дека кафеаните низ Кавадарци не се полни, не дека не се тераат предновогодишни лумперајки, арно ама во Кавадарци кафеаните одсекогаш биле полни пред и за време на големите празници. Така да, кафеанскиот “живот“ не е мерило за економската “благосостојба“.
И друго нешто. Да ви се наврам во медиумите кои ширите омраза константно и намерно. Од електронски до печатени. Ниту за “по надвор“ не ве бива. Побитни информации има на етикетите од производите за општа потрошувачка. На пример на средствата за чистење на WC шолјата.Толку за тоа.
И за да не се забега во некој непознат правец, тука се драгите луѓе. А тие понекогаш (од што им беше овде многу добро, заминаа фамилијарно одовде засекогаш, за наша жал) ме прашуваат зошто сум уште тука? Зошто?! Од што ми се сака и ми се може. До кога? Е, за тоа во некоја друга прилика. Можеби за време на Коледе, уште еден традиционален празник кој наскоро ќе ни го забранат. Ако дозволиме, секако ќе го сторат тоа.
П.С. Со оглед на тоа што е крај на годината и се прават некакви сондажи, анализи, избори на нај – нај во изминатата година на се и сешто, за 2016 овде нема да правиме никакво прогласување на најдобри, без разлика на тоа што со години наназад правев (субјективен) избор на културен и уметнички настан на годината во Кавадарци. Едноставно, падот на сите општествени стандарди, некреативноста, комерцијалноста, лигавењето, прави бесмислени многу нешта под ова поднебје. Ма, да не се заебаваме. Изложбата на фотографии на Гордан Ристовски Гого во Домот на културата ќе да е еден од настаните кои беше битно да се посетат. Па и “Пријателите за Ристо Соколов Сокол“ во “Астрато“. Да, се изнарипав на концертот”Rock Simphony” на Камерниоторкестар од Битола. И толку почитувани сопатници низ блузирањево. Доста беше. Барем за оваа година.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци


 [H1]

Friday, December 9, 2016

Блузирање (206-236)

(прва кавадаречка колумна)

Паметам, а паметам од поодамна, кога Кавадарци беше многу помал град од што е денес. По површина и бројка, а во суштина беше поголем град од она што Кавадарци е денес. Паметам, особено што за скоро ќе прославам половина век од сопственото постоење, настрана тоа што досега живеев на четири адреси низ фини градски населби и улици, па затоа и приказните кои ги делам со вас, почитувани случајни сопатници низ блузирањево. Претенциозноста, ароганцијата дека ова е прва кавадаречка колумна, не е ништо друго (низ годините наназад од кога ја пишувам и делам со вас), освен желба да некој од вас се осмели за критичко размислување, па да ги споредиме размислувањата за градот. Да, за Градот!
А Кавадарци навистина беше помал град. Барем по површина. Тоа траеше до некаде средината на осумдесетите години, кога се изградени последните згради на потегот од кружниот тек во таканаречениот Нов центар на градот до сегашната заобиколница кај хотел “Фени“, таканаречените згради “Силекс“ и зградите позади основното училиште “Гоце Делчев“. Меѓу нив има и неколку (таканаречени) булевари. И тука е застанат градот, односно неговиот урбан дел. Од девеесетите наваму овде нема ништо изградено, освен пренамена на неколку објекти, а руглото од таканаречениот “Нов суд“, “Младински и пионерски дом“ сеуште се на истото место (узурпирани?) и на увид на секој патник - намерник кој ни доаѓа во градот. Ширењето е пообемно во продолжение на населбите кои се лоцирани на “Смилица“, “Голи оток“, “Брушан маало“, “Коњските дупки“ и слични делови од градот каде никулците на првите куќи се класични дивоградби, кои подоцна од разно – разни причини се урбанизирани и им е дозволено да се шират до недоглед. Да се разбереме, воопшто не ми е важно кој од вас во кој дел од Кавадарци живее, ама треба да се подзамислиме малку над она што денес претставува Кавадарци како градска средина, пред да го испуштиме градот во некоја непозната и антицивилизациска насока. Погледнете само што му се случува на Градскиот парк. Па таму некои идни жители по тоа новите “парковски“ згради што се во изградба ќе имаат привилегиран поглед врз зеленилото, а стравот е основан дека еден солидно голем дел од паркот ќе осамне еден ден како голем паркинг. Опасно блиску сме до денот “Д“ кога Кавадарци ќе ја изгуби и последната битка во напорот да стане пристојно место за живеење. Зошто? Затоа што сме такви – какви што сме и во суштина баш не заболе за Кавадарци. Нели?
П.С. Ах да, во недела на 11 декември се избори. Важни избори! Не дозволувајте да ве прават глупи, гласајте по сопствен слободен избор, оти зад гласачкиот параван вие сте господар на просторот. Какви камери, какви бакрачи, не плашете се од ништо. Нека се плашат тие од вашиот избор! Оти не станува збор за Северна Кореја, станува збор бре за Македонија! И особено за Кавадарци, како место кое допрва треба да го направиме пристојно место за живеење.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Thursday, December 1, 2016

Блузирање (205-235)

(прва кавадаречка колумна)

“...Velika, cista
poslovna zgrada
novac u rukama
prljavo djubre
na ulazu grada
novac u rukama...“

( EKV “Novac u rukama”, LP “S vetrom u lice” 1986)

Помина уште еден ноември во Кавадарци. Вообичаен некој ноември и оваа година. Барем првите дваесет и нешто денови. Зимницата прибрана по подрумите и шпајзовите, привршува варењето на ракијата, турбо фолкот е повлечен (и погласен) во утробите на таканаречените ресторани со звучни префикси и имиња, лисјата пааѓаат, вообичаено есенски и патетично од таванот до подот. Арно ама, политиката која ни ги заеба животите до максимум и го уби духот на градското во градот, забревтува за да кулминира доцна есента. Патетично бре до даска, а ситуацијата и повеќе од сериозна. Трилер во стилот на најмизерните во жанрот.
И додека температурите паѓаат, се вжештуваат ветувањата. Особено оние невозможните за реализација. Кои? Е па тие, во таканаречените програми на политичките партии. Барем дел дасе реализираа изминатите години во Кавадарци, каде ќе ни беше крајот. Некако паралелно со нашето митингашко животарење, времето на планетата земја полека истекува (временски непогоди и катастрофи, глобални антидемократски движења, војни, религиозен фундаментализам од сите бои и вери, болести од минатотото кои се враќаат, модерни болести кои секојдневно мутираат и сл.), а ние овде живееме во константна четвртвековна изборна кампања и убивање на духот. Да, овој штотуку започнат декември ќе биде многу поразличен од изминатите. Па дури и во Кавадарци.
Енормната загаденост на воздухот пак, како константа не не одмина и оваа есен во Кавадарци. Одговорните баш ги заболе. Си тераат тие кампања, се развозуваат со автобусите низ државата, врескаат и ракоплескаат по митинзи, трошејќи ги парите на даночните обврзници. Море уште полошо, трошат пари на генерации кои не се ни родени. Снегот кој падна сигурно нема да ги покрие гнасотиите заостанати од неодговорноста кон иднината на сопствените деца. А Градскиот парк ќе прашате?
Можеше нели, да биде поинаку. Пред да ни заминат најблиските роднини, најдобрите другари и пријатели во некоја нова татковина, каде не им се достапни во ударни медиумски термини моронските сапуници (од која и да земја доаѓаат), разно – разните турбо – фолк “риалити шоуа и пеачки натпревари“. И да се разбереме, ниедна дебела книга со таканаречена “политичка програма“ нема да помогне да се врати нормалното, кога сите “забегавме“ во ненормалното. Оти, може ли да се остане нормален во средина која не почитува никаква култура на живеење, почнувајќи од сообраќајната, преку секојдневната, па се до почитувањето на човечката интима. А бре, ниту кафеанската култура ја нема никаде, само “изврештени фаци“ од трендовски локали по социјалните мрежи. И капак на се, не измалтретираа деновиве осоколените анкетари преоблечени во секакви, демек неполитички рејтинг агенции и шотијазнам организации, а ваму на челото им свети партиската боја. Сме изветреале бре, по сите основи. Топтан.
П.С. Во моментов по подолго време го слушам повторно албумот “Female Tribute To Tom Waits“. Најдобрите светски женски вокали ги пеат песните на неверојатниот Tom Waits. Датира некаде од 2008 година. И денес целиот албум звучи извонредно. А вие, слушате нешто добро освен партиски химни по митинзи?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Friday, October 7, 2016

Блузирање (204-234)

(прва кавадаречка колумна)

Mi smo ljudi sa ceste i nemamo krila
mi nemamo nista osim nasih sudbina…”
(Psihomodo Pop – “Leteci odred”, LP “Godina zmaja” 1988)

Една фина саботна вечер ми се случи претходниот викенд, со ретки луѓе во ова време – невреме, сама по себе за паметење оти е надвор од сите секојдневни текови на еднообразниот животен ритам, кој најчесто се сведува на размислувањето: што да (не) се каже утредента. Саботна вечер, во која единствените тажни моменти беа “дружењето“ преку скајпот со третиот од нас, кој во некои други времиња би бил дел од седенката, разговорите и неминовната музика. А третиот од нас во белиот свет, во нова татковина, а колку ли само ќе беше поубаво по некоја фина саботна вечер воопшто да не се напишат овие редови. Арно ама ламјата на мочаната транзиција и по нејзиниот 25 годишен јубилеј нема намера да ги тргне канџите од нашите животи. Напротив, има намера да не натера и јаже да си купиме за бесилката која ни ја гради веќе четврт век. Којзнае, можеби и не сум во право, ама се нешто си мислам дека на полувековниот транзициски јубилеј и нема да има потреба да се пребројуваме или делиме по разни основи. Ќе не нема на овој или оној начин: годините ќе си го направат своето или едноставно ќе си ја пронајдеме личната и општествената слобода во некој друг систем, макар тој се одзивал на името  - нова татковина.
Туку, друго ми беше зборот. Панаѓурот во Кавадарци, почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево. Во моментот кога ги пишувам овие редови е неговиот прв ден. Булеварот “Е.Кардељ“ или “Н.Минчев“ по ново (сосе споредните улици) е комплетно блокиран од панаѓурски тезги, онака фино налицкани со најлони и скинати церади, како сцена од некој лош филм. Историчарите велат дека кавадаречкиот панаѓур првите случувања ги бележи кон крајот на деветнаесетиот век, а еве читаме деновиве дека некои го одбележуваат како некоја којзнае каква традициска придобивка, како да богати не сме 21 век. Еве, за споредба кога Кавадарци би бил сеуште касаба од некоја османлиска провинција, во која нема никакви продавници на роба за широка потрошувачка, панаѓурот би бил потребен. Арно ама, денес кога животот има некои сосем други секојдневни потреби и фунционира по други правила и тертипи, панаѓурот не е ништо друго освен дебело заглавување во провинциска кал и враќање во некое и не така фино минато. За жал, секоја година истата приказна. Најверојатно и минатогодишното “Блузирање“ некаде ова време е со слична содржина. Колку и да големиот број тезги преку наемнината дава пристојна финансиска “поткрепа“ на локалната самоуправа, мирот и загрозувањето на секојдневието на граѓаните (илјадници) лоцирани станбено во овој дел од градот, белки вреди повеќе. Блокирани влезови на згради со комбиња, истите влезови претворени во клозети, тотално узурпирање на тротоарите и непотребно нарушената секојдневна комуникација, опасноста од непостоење алтернативни влезови/излези во случај на потреба од брза помош, пожарна или полициска интервенција е кулминација на негативните пропратни сегменти на одржувањето на тотално рурална манифестација во најурбанизираниот дел од градот. Дали да се укине панаѓурот?! Воопшто и не размислувам во таа насока. Ако толку му е потребен на градот, нека се дислоцира на за него адекватен простор и завршена приказна. Се друго е заглавување во непотребен муабет.
П.С. Годинава светската музичка индустрија одбележа бројни јубилеи на албуми кои ја одбележаа историјата на квалитетната музика: 25 години од издавањето на албумот “Nevermind“ на Nirvana; “Ten“ на Pearl Jam; 35 години од издавањето на албумот “Tattoo You“ на The Rolling Stones; 45 години од албумот “Led Zeppelin IV“ на Led Zeppelin и многу други без кои денес ќе ни беше потешко да се осознаеме и како личности и како генерации кои сепак имаа среќа навреме да ги слушнат најдобрите албуми и тоа во време кога се создадени за да траат. Во Македонија годинава ќе одбележиме 75 години од историскиот 11 октомври, денот кога започна семакедонското антифашистичко востание, благодарејќи на кое Македонија се стави на вистинската, победничка страна на светската историја. Колку и да тоа денес некому не му се допаѓа. И да, пред 25 години е издаден првиот албум на Архангел – “Архангел“.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Sunday, October 2, 2016

Блузирање (203-233)

(прва кавадаречка колумна)

Октомври во Кавадарци. Вообичаена комуникација меѓу кавадарчани овој период: “Го обра ли лозјето? Го продади ли грозјето?“ и “Направите ли пинџур?“. Може една од варијантите на одговорот на овие прашања би бил: “Ќе напрајме пинџур, ако го откупат грозјето.“. Арно ама, информациите велат дека е настаната комплетна и загрижувачка збрка во откупот на грозјето, дека кратошијата дел скапува, дел е дадена по непристојни цени, дел со плаќање којзнае кога, па имало инспекции кои те го забранувале откупот, те го дозволувале, а смедеревката најверојатно ќе ја колват чавките. Ако де, така треба. А и неверојатен медиумски (зрако) мрак ја следи цела берба. Оти? Ами заради тоа што сме такви какви што сме. Таканаречените лидери на лозарите, демек оние кои што преговарале со откупувачите, се напикаа во глувчева дупка и траат, ќутат богати. Не дека им е гајле, ама тоа “мемето“ полно, си го продале грозјето и ете ги на следните избори како кандидати за пратеници.
Слични приказни колку што сакаш. Ете на пример, пред неполн месец беше и помина “Тиквешки гроздобер 2016“. Манифестација која премиерно во Кавадарци се случила 1964 година. Манифестација која по дифолт е замислена како Слава  на грозјето и виното, патем прекината пет – шеснаесет години поради којзнае какви причини и чии интереси, за да по реобновувањето воопшто и да не го доживее својот климакс, туку пад од година во година, за да во оваа (една од историските години овде, нели) 2016 го доживее своето конечно понижување. Дно на дното! Иако авторот на овие редови уживаше вечерта кога свиреа Парни Ваљак (некои велат старци, ама старци на кои можат да им се фанат за “таквоата“ за квалитетот и на репертоарот и на свирката), ама оваа манифестација треба да биде се друго, а најмалку да привлекува гости со “големите“ музички имиња. Овде многу пати е елаборирано за Тиквешкиот гроздобер, така да не би должел повеќе, само уште две нешта: Каде бре дел од новинарите виделе 50 илјади гости тие денови во Кавадарци?! И можно ли е еден организатор во исто време да прави две големи манифестации во државата: Тиквешки гроздобер во Кавадарци и Пиволенд во Скопје?! “Иди ба, причај ми мало о томе!“.
Друго ми беше зборот: Остана легендата од пред пет – шеснаесет години за кавадаречкиот пинџур. Во тоа време во Кавадарци престојуваа војници под капата на Обединетите нации (не чуваа од нас, нели?!) и дел од нив биле воодушевени од вкусот на пинџурот. Го дале во лабороторија да испитаат што всушност го дава тој префинет вкус. Биле вчудоневидени кога откриле дека всушност пинџурот според нивните (светски) критериуми и не спаѓа во здрава храна. Печени пиперки, па лупени, па мелени, па пржени, море измалтретирани до бескрај. Ама вкусен е да си ибе векот и не би го менувал за ништо!
П.С. Неполна седмица има до одржувањето на традиционалниот Есенски панаѓур во Кавадарци. Денови во кои се срамиме сами од себе. Барем некои од нас. Другите пазаруваат до бескрај, мочат по влезовите на зградите додека во бескрајот на можностите ја бараат адекватната бројка на гардеробата, најчесто парче кое за исти пари може да се најде во првиот дуќан. Од друга страна, секојдневниот панаѓур од поодамна е во тек и веќе не ни го забележуваме. Живееме во него. Или што би рекол анонимниот урбан херој на денешницата – паланечки капитализам од прва класа.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Tuesday, August 30, 2016

Блузирање (202-232)

(прва кавадаречка колумна)

Крај на август 2016. Уште едно лето во Кавадарци е зад нас. По што ли ќе го запаметат денешните генерации, особено оние родени кон крајот на девеесетите на минатиот век и оние родени на почетокот на овој век?! Најверојатно по многу нешта несфатливи за нас генерациите кои денес гордо се нарекуваме средновечни, барем оние што останавме (сега – засега) во Кавадарци. Нејсе, летото по дефиниција би требало да биде нешто лежерно и за конзумирање и за “терање“. Тоа што нема кој да им биде пример на денешните генерации е само ефтин доказ дека низ годините наназад имаме неколку изгубени генерации на кавадарчани, чиј човечки и општествен домет е до чаршијата и околните места. Блазе си им. Не се замараат со светските актуелности. Особено што  со новитетите кои го олеснуваат животот, тие си го уништуваат животот. Оксиморон?! Појма немам!
А има некои лета за паметење кои му се случиле на Кавадарци низ годините наназад. Зборувам, нели, од прва рака еднина, односно за оние лета на кои авторот на овие редови е сведок. И тоа активен. На пример, за летото кое е предвестие на големите летни доживувања (наредните години) во Кавадарци, 1989/1990, кога распонот на градските ноќни ваканции се движеше од “Еми“ и “ТТ“ до “Сачмо Блуз“ и “Џинго“. Дневната летна шема во тоа време не подразбираше кафе лигавење по трендовски локали, туку ефектно дружење во “Бос“ и “Дечки“ со кафе и се што ќе му дојде потоа, со понекоја лимунада, боза и сладолед во соседната (стара) “Палма“, па додека се свртиш дошол осум навечер и заминуваш таму каде ти е екипата. Денешните генерации не го измислија излегувањето до изгрејсонце. Напротив, генерациите кои ги тераа градските шеми (ама баш градските шеми) во тоа време, не излегуваа да терат вечерно излегување во единаесет пред полноќ, туку беа во своите омилени ноќни локали во осум навечер. Ако имаа среќа да најдат место за седнување. Арно ама, во тоа време локалите имаа перфектни шанкови, така да се беше во ред.
Не еднаш сум раскажувал на ова место приказни за тоа време, особено за почетоците на девеесетите, за “Парк Клуб“, за “Ла Луна“, за големите концерти во нив, за “Галерија“, за вонвременското “Еми“ на Зоки Чавката, за “Баухаус“, за “Тиквеш Рок Фест“, приказните за урбаната историја на градот Кавадарци. Денес, денес е некоја друга приказна. Погрда?! Најверојатно. Можеби грешам, којзнае. Ама генерациите кои денес раните утрински часови ги поминуваат по детските игралишта врескајќи како нетокму, сметајќи им на сите кои решиле да поспијат по работниот ден, незнаејќи што да прават самите со себе, не ветуваат (меѓу другото) дека во скоро време Кавадарци ќе ја заслужи титулата - Пристојно место за живеење. Да, живеам јас во овој град и се давам себеси во поентата на оваа колумна, особено во делот со кој што пристојно владеам – културата и уметноста. Дали сум задоволен? Далеку од тоа. На пример знае ли некој дека деновиве во Кавадарци, во посета на семејството е еден од најдобрите македонски ликовни уметници – Глигор Стефанов? Да де, првиот учесник на Венецијанското биенале од самостојна Македонија. Знае ли некој за големата меѓународна ликовна колонија која му се случи деновиве на Кавадарци?! И ако знаете, сте се запрашале ли зошто тој истиот Глигор Стефанов со своето семејство живее во Канада? Е па јас за тоа се прашувам секојдневно и за сличните нешта пишувам често. Оти не ми е сеедно за тоа што се случува во Кавадарци, не ми е сеедно утре со првото кафе да разберам кој се иселил од градот, чија куќа е оставена на заборавот.
Арно ама и утре е нов ден... И не ќе лошо да се отрезниме пред да си легниме...
П.С. Деновиве интензивно размислувам што тоа интересно ќе ни понуди Кавадарци во првите денови на септември оваа година?! Даа, Тиквешкиот гроздобер! Ве слушам како се смеете по моите “страшни“ критики за неговото минатогодишно издание. Ма не сум го сменил мислењето, само им давам шанса годинава на организаторите, оти во склопот на Гроздоберот е и концертот на неверојатните “Парни Ваљак“. А во предвечерјето на концертот – отворање на една фина изложба на уметнички фотографии во Галеријата на Домот на културата “Иван Мазов – Климе“, на еден посебен човек, еден извонреден фотограф, роден кавадарчанец кој подеднакво си ги сака и двете татковини Македонија и Швајцарија – Гордан Ристовски Гого. На 1-ви септември е отворањето на неговата изложба, па ќе се збериме и ќе си поминеме баш како што треба. Ете така ќе го започнеме месецот!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Thursday, August 11, 2016

Блузирање (201-231)

(прва кавадаречка колумна)

Лето 2016. Август, време на празници, патувања и летувања. Кој, колку може... Патуваш, откриваш нови места, луѓе, култури, се откриваш повторно себеси, оној пофиниот дел од тебе...
Никогаш не сум можел да ја разберам опсесијата да бидеш власт, а за тоа да не те бива. Ниту пак сум можел да го разберам “модерното“ тресење глупости по социјалните мрежи, особено во време на трагедија која ја зафати Македонија и од која ќе ги лечиме раните со години поради неспособноста токму на желните за власт по секоја цена. Да не зборувам за ситните души кои ги истопорија “селфијата“ како помагаат во настраданите подрачја, ебати тоа лонгурите, а ваму заминати или по наредба или заради тоа што се вработени во буџетарски институции кои по дефиниција земаат плата меѓу другото и за да бидат на лице место во вакви трагични ситуации. Верувате ли во тоа дека некој од овие “хуманитарци“ замина во настраданите подрачја затоа што сакал да глиби во калта или да бара загинати и повредени?! Да не се разбереме погрешно, зборувам за луѓе од Кавадарци, оти состојбите со “храброста“ на граѓаните од останатите населени места низ Македонија ниту ми е позната, ниту пак имам намера да ја мерам, ниту да ја проценувам. Ех де!
За жал, во моментот наоѓајќи се надвор од границите на државата можам да помогнам само со донација преку некој од достапните телефони и жиро сметки (види ти – достапни во сите соседни земји), ама приказните кои ги раскажуваат дебело квазиполитички исфлеканите персони од нашиот град, веќе прочитани во нивните ситнопрофитерски души, нема да помогнат во “перењето“ на нивниот животопис, колку и длабоко да влеваат во калта на настраданите подрачја. Оти калта е она што им останува по шминкерајот и пуфките кои со (факинг транзициски) години ги продаваат.
Кога патуваш и за кратко се стационираш на едно место, основното е да се прилагодиш и да бидеш дел од средината, едноставно кажано – да не делиш од другите (а пак да си свој), со други зборови да го прифатиш секојдневието на градот во кој си моментално. Немам намера да правам некаква споредба. Несебар, Бугарија, е град на море, на Црно море. Врвен туризам, одлични сместувачки капацитети, перфектна услуга, се чуствуваш добредојден, цени на прехрамбени продукти и цени во ресторани во споредба со Кавадарци – исто до 20 – 25 % поефтино. И тука завршува споредбата.
Љубопитноста, основна и човечка, ме наведе да прошетам во деловите на градот (Несебар) каде луѓето го живеат секојдневниот живот како и во деловите од годината кога нема туристи (од целиот свет). Ме импресионира градското зеленило. Несебар нема класичен градски парк, ама затоа пак тревни површини, стогодишни дрва на секој чекор. Настрана карактеристиките на приморски град - палми и слични крајморски зелени нешта, одржувани и респектирани од сите максимално. А бе случајно фрлен пикавец да бараш, не можеш да најдеш.
Размислувајќи за Кавадарци, ме вртат сеќавањата на “Илинденска“ со дебелите сенки од пеесетгодишните дрвореди (буквално заклани, пустош е сега), ме вртат сеќавањата на плоштадот со зелените површини, со ладовините од боровите пред хотел “Балкан“, пред општинската зграда и спроти Домот на културата. И култната метална скулптура “Гроздоберка“ која беше врв на урбаниот квалитет на централното градско подрачје. Денес - ледина со руинирани фонтани и погрешно лоцирани жардинери со цветни аранжмани, со дупка која некој (алчен за пари ли, неписмен ли, баш го заболе ли) архитект ја замислил да биде амфитеатар и за жал опасно место за прошетка, ни се вика Градски плоштад. Па дури и име ќе му бараме!
Луда Мара е друга приказна. Река која во себе чува столетни води, кои пак еден ден во еден налет можат, благо кажано, да го збришат просторот покрај кејот и да го направат необновлив. Поплавените подрачја во скопско (со респект и почит кон жртвите и настраданите) ќе бидат приказни за мали деца, ако еден ден природата не запраша – “Шо направите бе човеци?!“
Паметам, а паметам од поодамна, и не се сеќавам последните 25 години некој во Кавадарци да излегол со некаква анализа или предупредување, што би било кога би било Луда Мара да се излее. Оти, проширениот кеј, шеталиштето покрај реката ќе бидат смешка, па макар се повториле (не дај Боже) надојдените води од почетокот на седумдесетите години на минатиот век.
Затоа, умот во главата нека берат сите кои земаат плата со години наназад токму за заштита од непогоди за кои природата е најмалку виновна. Оти, уништеното зеленило веќе ни го враќа ударот.
П.С. Да го сакаш градот во кој си роден, живееш, работиш, егзистираш е доблест. Градот се сака најлесно кога ќе ги забележиш сите неговии маани и ќе впериш со прстот во нив. Без лигавење ви се молам.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци 

Saturday, July 16, 2016

Блузирање (200-230)

(прва кавадаречка колумна)

Своевремено,во Кавадарци имаше велосипедски полициски патроли. Тоа е многу подоцна од времето кога низ улиците на Кавадарци имаше полицајци позорникари. Овие вториве беа  своевидни маалски полицајци, така да приказната е едноставна – со самото нивно поминување низ (и најзабаталените) кавадаречките улици и улички, граѓаните беа побезбедни и иако тоа денес е незамисливо, во градот никој не ги заклучуваше влезните врати, сопствениците на возила не паркираа на пешачки, на места за инвалиди и слични места на кои во нормалните држави се добиваат дебели казни, а крадците “вршеа“ на свој ризик да бидат фатени кратко по грабежот. Оти во тоа време, комшиите беа комшии и на сите ни беше битна безбедноста на улиците и маалата, а со тоа и безбедноста на нашите најблиски од најмлади до најстари.
Овие првите спомнати на почетокот, денес би биле само дел од ретките градски велосипедисти, кои не можат глава да кренат од узурпираните тротоари и улиците на кои господари се сопствениците на моќни превозни средства, кои се паркирани на сите (невозможни места) додека пиат кафе во некој од шема локалите, каде што паркирањето и не е дозволено. Со оглед на тоа што сум доживотно определен да бидам пешак и градски велосипедист (на кого велосипедот му е светост), ќе простите, ама ќе ве “гњавам“ со сообраќајните згоди и незгоди низ Кавадарци. И секако, чат – пат со по некој пешачки “феномен“. Особено што сум еден од оние низ градот, на кои му го украдоа велосипедот на сред бел ден и тоа во зградата во која живее.
Инаку, Кавадарци живее и ова лето на плус четириесет. Вода за пиење и лична хигиена има, ама спорадичните прекини внесуваат нелагодност и покрај ветувањата дека наредните пеесет години градот е обезбеден со вода. И види ти работа, на тие прекини во водоснабдувањето, кога реагираме најнормално, како граѓани со потреби, редовно се јавуваат “бранители“ спремни за кавга, со потсетување дека до пред некоја година сме имале редовни рестрикции на вода, а денес не е така. Токму поради тоа што не е така, потребно е дебело објаснување за спорадичните недостатоци, оти, нели, (да се повториме) проблемите со водоснабдувањето биле решени за наредните пеесет години. А и “бранителите“ треба да научат дека еден град (држава) станува подобро место за живеење токму поради критичарите кои аргументирано укажуваат на недостатоците во секојдневното живеење. Ако на “бранителите“ им е вака добро, нека им е. Мене не ми е. Нека си се “возат“ бранителски и арогантно по прикрпените улици, нека шетаат по узурпираните тротоари. Оти патриотизмот и локалпатриотизмот значат се, само не тапкање во место, непочитување на законите и плукање по малку поинаквите. Критиката на општествените недостатоци (од озгора до најдолу) значи дека не си се задоволил со “наведната глава сабја не ја сече“.
Да, лето во Кавадарци. А до пред некоја година летата во градот беа најподносливи во Градскиот парк. Арно ама, денес Градскиот парк е по некоја случајност и по малку опасно место, што поради темницата, што поради узурпацијата на негови битни делови. Да се цитирам од минатата наша средба “јебале вас зграде, да вас јебале“. На потегот од ресторанот Бриони, покрај поранешната (денес градска џунгла) дискотека “Ла Луна“ до таканаречената “Винска куќа“ ризик е особено за пешаците, со катастрофата која се случува на сите патеки низ Градскиот парк – коцките бараат итно реновирање, осветлувањето мора да биде редовно одржувано (и покрај рушителските намери на баграта на која ништо не и значи општественото добро), на Спомен костурницата и е потребно итно реновирање и воспоставување на градска служба која ќе се грижи за коските на загинатите борци против фашизмот. Да, за оние кои во едни (не)времиња животот го дале за да денес ние се изживуваме врз нивните останки. Всушност, овде таквите (не)времиња траат долго, предолго.
П.С. Мал јубилеј на оваа самобендисано наречена “прва кавадаречка колумна“. 200 изданија на интернет блог платформите, а 230 од самите почетоци во тогашниот двонеделник “Тиквешка хроника“. Инаку, пеколните горештини изминативе десетина дена во Кавадарци (и пошироко) поднамалија. Ама тоа не значи дека треба да заборавиме дека градот не е ничија приватна прчија во која оние што со (наши) пари се платени за функционирање на (какви – такви) закони се и најмолчаливите одобрувачи на сите негативности кои 24/7 ни се случуваат.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, July 2, 2016

Блузирање (199-229)



(прва кавадаречка колумна)

Му должам големо извинување на Марјан, кој созреваше како личност таму некаде крајот на седумдесетите, почетокот на осумдесетите на минатиот век. Опкружен со книги, стрипови, плочи и луѓе слични на него, тераше напред убеден дека секој нареден ден ќе биде поубав и по вреден за живеење - во неговото Кавадарци. Ма тераше тој некои фини нешта, се плеткаше во организација на некои урбани настани, пушташе музика во некои ептен градски места, се мешаше по рок фестивали, почна да ја пласира својата урбана поезија, море го фати оптимизмот. Прошета троа повеќе и можеше да направи споредба. Пих, па Кавадарци е како измислен за фини нешта, за добрите луѓе еден ден го дочекаат својот роден град како пристојно место за живеење. Морам да му се извинам, ама незнам како?!
Тераше Марјан и натаму и верувам дека денес ме проколнува, затоа што неговото посакувано Кавадарци и ова денес немаат никаква сличност. Еден од моментите е што тој е растен во центарот на градот, на Илинденска и на Градскиот плоштад и што низ ебените транзициски години нит’ имаме плоштад (ако а есапиме морничавата ледина на местото од стариот за таква), ниту пак Илинденска има некаква серозна врска со главна улица на еден град. Ме проколнува тој Марјан од крајот на седумдесетите и почетокот на осумдесетите на минатиот век, оти денешно Кавадарци е далеку од сите дефиниции на пристојна урбана средина. Му должам извинување, ама не сум многу сигурен дали ќе го прифати. Оти не успеав да победам во борбата за подобро Кавадарци. Ниту јас, ниту луѓето кои (малку, ама) сеуште се тука. А не е да не е, борбата сеуште трае и можеби еден убав ден, ама еден стварно убав ден, ќе доживеам тој Марјан да ми прости што не успеавме. Оти животот е заебан за живеење и малку се луѓето кои можат да го разберат. Барем не оние кои живеат во филмот од двеста евра месечно, чиј режисер не убедува дека има и полошо. Е има – а тоа е да остане вака како што е, Кавадарци ни на небо ни на земја, Кавадарци во кое транзициската багра ги уништува и последните урбани карактеристики, во секој сегмент на секојдневието кое се почесто станува неподносливо. Ете и Градскиот парк го разнебитија, “јебале вас зграде, да вас јебале“, по дома ни влегоа мороните. И додека му се извинувам на Марјан од доцните седумдесети и почетоците на осумдесетите на минатиот век, се си мислам дека моето извинување ќе допре до малкумина, оти толку и останаа на кои Кавадарци им беше се. Им беше Кавадарци на Петар Мазев, Ристо Соколов Сокол, Глигор Чемерски,  Глигор Стефанов, Елпида Хаџи – Василева, на Токму така, Нерв, Скајлаб, Журнал, на поети, фотографи и останати стокмени градски ликови. Им беше Кавадарци – град во кој тогаш се одржувала најпрестижната манифестација во државата -  “Тиквешки гроздобер“, денес разнебитена и отерана на сантим од дното, оти виното тукашно е да се слави, а не да си ги полниш џеповите, клетви ги фатиле - та ги осакатиле. Поради таквите, желни за пари и власт ни заминаа најубавите луѓе, џенем во некој нова татковина, во некое друго Кавадарци. Оти каде и да се, го сонуваат сонот за Кавадарци пристојно место за живеење. Марјан – Извини, ја заебавме работата!
П.С. Нека 10 јули, како ден на раѓање на еден од најубавите кавадаречки градски ликови Дејан Костов Лиса, ни биде мотив за утре, задутре, за денот после руралната апокалипса која Кавадарци и неговите граѓани не ја заслужија. Се гледаме на едно фино дружење во Градски парк Кавадарци, во летна приквечерина на “Денот кога се роди добриот човек“, манифестација малку поинаква од останатите во градот и која еве годинава се одржува по петти пат. Реткост во Кавадарци.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Monday, June 6, 2016

Блузирање (198-228)



(прва кавадаречка колумна)

Убав месец – јуни. Голем дел од моите најдраги луѓе се родени во него. За жал, со повеќето се среќавам ретко. Дел, од што им е многу фино во Кавадарци фатија џенем, кој во главниот град, кој илјадници километри надвор од границите на државата. И нека. Така им е подобро. Се радувам на секој нивни успех, на секој нивни убав ден, се радувам на нивниот живот ослободен од стресот на (пре)малиот град, ослободени од разно – разните паланечки дегустации на туѓа интима и буричкање во раните од ебената транзиција на која деновиве и одбележуваме две и пол децениски јубилеј. Каков јубилеј – страшен јубилеј! Како што оди, ќе одбележуваме уште многу јубилеи и од сега може да се предвиди дека државата ни ќе биде своевидна светска атракција со единствениот  “Циркус транзиција“ уште мнооогу години. Не е така? Незнам, не сум видовит!
Не е да не е, овој пролетно/летен месец на Кавадарци му носи и некои несекојдневни нешта во вид на политички/економски/спонзорски/фестивалски/турбофолкерски/еколошки/икојзнаекаквисене новитети. А нема од јуни поминато ниту десет дена. Веселите нешта се редат и неверојатно е голема радоста на кавадарчани поради фарбањето на оградата на дворот од најстарото градско основно училиште под покровителство на најголемиот градски “вработувач“ – некое кило боја на железна ограда стара пеесетина години, како доказ дека “покровителот“ се решил да стане општествено одговорна фирма. Еколозите пак се решиле, во содејство со спонзори и покровители, на таканаречениот светски ден на екологијата да го подзачистат Тиквешкото езеро. А нешто акции, ова – она останатите денови од годината? Или се ни е потаман и пречисто 364 дена, ама овој светскиот ден ептен ѓубре на тоа езерото?! Незнам дали некаде е спомнато низ медиумите, ама се зборува низ градот дека уште еден извикан голем “вработувач“ влегува во нова ера на општествено одговорно живеење и во тој контекст се спомнува бројка од над двеста луѓе кои остануваат без работа. Загадувал, не загадувал, си го тера своето, спонзорирајќи и онака нафатирани поединци, сосе синдикатот, за кој се шират муабети низ кавадаречката чаршија дека му тропнале извршители на вратата. Којзнае дали е точно, ама економската историја на градот се пишува и натаму со дебели букви, се додека не дојде шумарот и ја спотера работата за која е платен. И додека најважната градска улица “Илинденска“ полека останува без тротоари на кои, нели, основната намена им е по нив да се движат пешаците, мороните со скапи возила се паркираат на сред улица, на пешачки, пред влезови на згради и куќи, бројката на узурпатори се зголемува, па моменталната состојба е таква што на тротоарите има повеќе маси и столчиња на привилегираните локали, отколку пешаци, а со дополнителната узурпација со поставувањето на преголеми скали пред дуќаните, на остатокот од тротоарите имаме тесни патеки на кои ако не внимавате можете онака “фино – лепо“ да завршите во нечиј излог и доживотно да жалите што на времето сте пиеле кафе во соседното кафуле, на времето кога градот бил нормален и се било достапно без некоја будала да се обиде да ве згази на тротоарот, кој и онака дотраал и е полн вирчиња и остатоци од вчерашниот ден.
И додека по социјалните мрежи продолжува (фотографското и статусно) сведочење за нашата реалност, додека секојдневието секој “факинг“ момент ни укажува на изгубените години, општествената моронизација во Кавадарци ќе достигне кулминација со концертот на балканската турбо фолк ѕвезда Аца Лукас во спортската сала “Јасмин“. Според достапните информации, оваа (недовршена и низ годините “изнаонадена“) спортска и градежна убавица тој ден ќе наликува на кафеана со сите перформанси кои стојат под дефиницијата за – кафеана. Ќе се пуши и пие максимално слободно, додека вие како редовни посетители на спортски натпревари во истата не смеете ниту семки да грицкате. А и не е лошо да се потсетиме дека оваа спортска сала е градена со парите на граѓаните на општина Кавадарци, во еден од ретките успешни општински самопридонеси, каде граѓаните од своите лични доходи извојуваа средства за да Кавадарци еден ден биде пристојно место за живеење.
П.С. Деновиве ме прашаа зошто не сум коментирал, пишувал и бележел за актуелните случувања низ државата(па и низ градот). За протестите и котрапротестите, за шарената револуција и куртоните, инвестициите и пропаста, за мижи Асан да ти баам, за велелепноста на нашата историја и копиите на странските брендови, за загадувањето и на умот и на околината, за (не) културата и слични некои тракатанци, за кои, види ти сега работа -  пишувам од првото издание на оваа (безобразно и самобендисано наречена) прва кавадаречка колумна, чија пак денешна бројка на редослед ја прочитавте погоре – 228 издание по ред (и со букви – двеста дваесет и осмо издание по ред). А што ВИЕ направивте за Кавадарци?

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Thursday, May 26, 2016

Блузирање (197-227)

(прва кавадаречка колумна)

Мај месец во Кавадарци. Уште еден. Неоти поразличен од многуте претходни, ама ете некои нешта прават да се има константен мотив за блузирање, да се оди натаму без оглед на состојбата во која се наоѓаат градот и државата. А во каква состојба се наоѓаат градот и државата? Па во иста како и претходните 25 години самостојност – привидна.
Додека ги пишувам овие редови, си ги редам во себе мајските случувања и си велам ебати медиумската понуда кога пред две три недели “најдобрата“ понуда на стотиците достапни телевизии беше евровизиската музичка смешка, на која за жал и ние имавме (скоро дознав – неуспешен) претставник, па си дозволив(ме) тие денови троа ментално прочистување со извонредниот концерт на AC/DC, одржан во Минхен, Германија во 2001 година. И во суштина не е ни толку важна понудата на странските телевизии, важниот момент е што нудат домашните телевизии, освен превземените“пеачки натпревари“ од соседството и моронските “ток шоуа“ со дебилни водители и гости, од кои дел се со испран мозок, а дел трескат глупости и бранат нешто во кое и сами не веруваат.Во некој нормален свет (тука близу, речиси веднаш до нашите граници) на тие исти телевизии ќе им беше одземена фреквенцијата уште пред многу години. Арно ама...
Друго ми беше зборот... Требаше да има избори кои нема да се одржат. Оксиморон?! Кој ќе го знае. Малите нешта, почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево, малите нешта го прават животот... На пример тоа што доаѓа Парни Ваљак во Кавадарци на 3 септември годинава, на манифестацијата Тиквешки гроздобер. Да се разбереме: Парни Ваљак се Парни Ваљак и тоа што доаѓаат е голема работа (особено за авторот на овие редови), ама тоа не значи дека ќе ги заборавиме и ќе му ги простиме на организаторот претходните катастрофални изданија (особено последното) на Тиквешкиот гроздобер. Инаку ден пред тоа, на 2 септември свират Рибља Чорба. Никогаш нема да му го простам забегувањето по петтиот албум, особено на Бора Чорба, во екстремен национализам. Интересна случка: Таму некаде, раните девеесети на минатиот век Рибља Чорба имаа концерт во тогаш најпопуларната кавадаречка дискотека “Ла Луна“. Како надворешен соработник на тогашна РТК планирав  (договорено со организаторот) интервју со Бора Чорба и едно од најбитните подготвени прашања ми беше “На кого му е посветен текстот на песната – Како је лепо бити глуп?“ Арно ама, кога дојде редот да се прави интервјуто, ниту прашање поставив, ниту интервју направив. Едноставно – Бора беше дрепа пијан и заспал на шанкот!
Ама затоа пак направив интервјуа (во мојата авторска емисија на тогашно Радио Кавадарци – Музички клуб“ во 207 изданија) со техничка подршка на најдобриот тон мајстор во историјата на кавадаречките радија Трајче Панов - со Гиле и Чавке од Електрични оргазам, со Цане и Антон од Партибрејкерс, Милан и Меги од ЕКВ, Влатко Стефановски, Рамбо Амадеус, Енко од Ласт Експедишн, со Бајага, Ристо и Гино од Архангел, со членовите на култните кавадаречки бендови Нерв, Скајлаб, Океан Пацифик, со Петар Ренџов и  многу други, па и елитата на забавната музика низ Балканот, со Оливер Драгојевиќ, Мики Јовановски Џафер, Драган Стојниќ и други, па и со еден Раде Шербеџија по неговиот величенствен настап 1995 во Универзална во Скопје. Ми фалат само Парни Ваљак во колекцијата. Ама еве каде е 3 септември 2016. Ќе биде и таа. “Уколико се друкчије не нареди“.
П.С. Се редат дел од настаните во областа на културата во Кавадарци на кои треба да им се обрне внимание. Дел се традиционални, дел се случуваат првпат, дел пак се изненадувачки. Да, малку се вредностите кои треба да се испочитуват, ама за некои кои следуваат еве препорака: на 13 јуни традиционалниот Годишен концерт на Балетското студио “Венус“, кон крајот на јуни Премиера на “Викенд на мртовци“ на Театарот при кавадаречкиот Дом на култура, на 10 јули јубилејното петто издание на меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“, ден пред Тиквешки гроздобер отворање на изложба на уметнички фотографии на Гордан Ристовски Гого. Треба ли повеќе во (не)време во кое велат дека има најава за фашизам во нашето секојдневие. Не почитувани, фашизмот е веќе тука! Дел од борбата против него се токму квалитетните културни и уметнички случки. Се друго е “забеганизам“ и  борба за гол живот. Како што денес одејќи на работа со велосипедот по “Илинденска“ можеше да останам прегазен под тркалата на една ординарна будала, која во дел од секундата сврте на спротивната страна само за да се паркира на сред улица за да пие кафе бре! Од тука и фашизмот – кој го ебе другиот! За Кавадарци лафам.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци