Sunday, January 24, 2016

Блузирање (187-217)

(прва кавадаречка колумна)

ne pijem bevandu 
cista voda 
cisto vino 
i pijan lose je 
ali pripit to je bijedno 

polubauk polukruzi polu evropom 
i zato ne podnosim petinge 
do daske ili cedno 
potucan lose je 
al nedotucan bijedno 

polubauk polukruzi polu evropom 
i zato 
hej ni r'n'r 
ne moze sjedecke 
mora stojecke 
i glasno sto glasnije 
forte fortissimo 
jako il nikako

(“Polubauk polukruzi polu Evropom”, Bijelo Dugme, LP ”Uspavanka za Radmilu M.”, 1983)

Во годината која започна влеговме со ланските навики. Дел од нив поради празничната накурченост забегуваа(т) екстремно, па не дека треба сега да солиме памет (оти по се изгледа на паметта овде баш и не и лежи геоположбата), туку онака да забележиме какво ни е кавадаречкото секојдневие во периодот на долготрајната лажна празнична еуфорија. Инаку според најавите, следуваат празници и понатаму (Свети Трифун, Прочка, 1-ви Мај, Велигден и така ли му натаму), па за очекување е социјалните мрежи и понатаму да бидат полни со фотографии од преждерување, односно терање софри и наздравување до бескрај. А потоа? Потоа молчење, макање од крајот, одење по свадби, максимално стегање на каишот, оти нема од каде да се врзат први со први. И не само поради празниците. Немањето си има свои дебели причини.
Да, ланските “навики“ се продлабочени и со првиот месец во извиканата 2016 се на еден левел погоре, а со самото тоа што се видливи доаѓаме до заклучок дека влеговме многу грдо во оваа година. Екстремната сообраќајна некултура во градот, со самото тоа што е несанкционирана, не прави сите понесигурни, особено пешаците и велосипедистите, за кои се помалку има место не само по коловозите, туку и по тротоарите. Впрочем и самите знаете. Белки излегувате од дома во паузите меѓу две турски серии и балкански риалити квази телевизиски програми.
Дефинитивниот урбан суицид кој си го направи Кавадарци е видлив во секојдневието, кое се помалку е наше, на граѓаните на овој град. Оти, градот не го прават град само улиците, тротоарите и објектите, ма колку и ги реновирале и шминкале. Градот би бил град, да не се нашите секојдневни зла кои му ги нанесуваме на (остатоците на) урбаното живеење. Ете, за демократијата велат дека е дозволено се она што не е забрането. Арно ама, демократијата подразбира почит кон другиот, особено различниот, кој не е впрегнат во политичко, културно или било какво општествено едноумие. Демократијата не подразбира анархија. Туку слобода на говор, почитување на пишаните и непишаните закони, подразбира демократијата и многу други нешта, но за жал овде ги избриша наметнатата долготрајна мочана транзиција, за која од небото се гледа дека никој не сака да заврши, па да се поместиме еден чекор настрана од сета кал, криминал, зло и измислени вредности кои таа сеуште ги наметнува. Ете, да мрднам малку од локалното, за четврт век постоење независна Македонија, не успеавме да се ослободиме од тврдокорните грди балкански навики, особено од националнизмот и нетолеранцијата, па сме слика и прилика на се она што пред 25 години не го посакувавме. Би рекол некој – од главата си патиме и би бил во право. Ама да речеш нешто, а да не сториш ништо е исто како да не си рекол. Оти молчењето од навика е дебело лоша карактеристика, не само за еден човек како единка, туку и особено за граѓани на едно општество на кои најважни му се двестата евра месечно, колку да се преживее и животари, додека светот немилосрдно и неминовно се движи напред и покрај сите недоразбирања, војни, крвопролевања, тероризми и останати зла. Се разбира, се справува светот со овие зла на свој начин, колку и тоа нам да ни изгледа чудно и далечно.
Во 2015 го имавме најлошото издание на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“ во неговата полувековна традиција. Било, да не се повтори. Белки годинава некој ќе се сети дека оваа манифестација е се, само не музички фестивал за исполнување на нечии неостварени желби од детството во кое не играле газози, камај, мижитатара, фудбал у тесни, царица, не се санкале на Тепето, во младоста не прошетале на корзото, не оделе на диско во Младински. Впрочем, во 2016 ќе се случат јубулеи на еден куп настани врзани со поновата (урбана) историја на градот. Баш да видеме дали некој ќе се сети на нив или и понатаму ќе ги затрупуваме со прашина оние кои ја пишуваа(т) модерната историја на Кавадарци. А којзнае, можеби не сум во право и тресам глупости?! А?
П.С. Додека тукашните електронски медиуми не затрупуваат со неквалитетна домашна музика и од соседството, додека овде се живо “пропеа и просвири“ етно музика (вртејќи се во круг со дваесетина песни), се простивме со еден од најголемите – Дејвид Боуви. Не случајно светот тагуваше по музичкиот вонземјанин. Поинаков од сите, речиси 50 години креативен, за некои од нас ќе остане запаметен затоа што, пред се, направи за нас повеќе од сите владетели, политички деликвенти, малограѓански пезевенковци и транзициони лажговци и криминалци. Не научи да слушаме добра музика, не научи да бидеме горди на тоа што сме малку поинакви од другите.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци