Sunday, February 28, 2016

Блузирање (191-221)

(прва кавадаречка колумна)

“…Neznanje rađa gordost; gordost rađa neznanje.” – Borislav Pekic

Заминува уште еден февруари. Мачките вообичаено весели овој месец, ете добија и меѓународна потврда дека не е се залудно. Вообичаениот проток на информации низ интернетот ни го потврдува тоа. За да животинското царство не се чуствува недостоинствено и овде, ете го каде владее по урбаните делови на градот. Имено деновиве коњи и магариња се на испаша по малите градски паркови, а кучињата скитници владеат по улиците и тротоарите, особено агресивни и безобразни по “Илинденска“. Човечки жртви сеуште нема. Не дај Боже такво нешто. Малку ли ни се жртвите кои ги донесе сообраќајната некултура и дивеење последниве години. Жртви кои не не научија на ништо. Ама баш на ништо! Си го тераме ние своето до следниот распоред на часови по општа некултура. Што би се рекло, деновите во Кавадарци и во февруари вообичаени. Де сончево, де врнежливо, де палома за по дома, истопорчени по летните бавчи (зошто ли се летни, кога функционираат цела година?!), ја пополнуваме својата редовна квота по кладилниците, пиеме лоша ракија, ги озборуваме случајните минувачи и го фалиме виното на комшијата, макар не се сеќавале по дебелото пијанство негово ли беше или од првото дуќанче го купил – три литра за пеесет денари. Ама ептен квалитетно вино. Плус бесплатно, а патем му ја измезивме и вечерата. Ете го денес се жали дека децата ги пратил на училиште гладни, оти двестата евра плата, надополнети со дневницата од собирањето прачки и не стасува баш да се претера месецот. На грбот натоварените дистрибутери на се и сешто (струја, мобилен, кабловска, регистрација на возило, шотијазнамдруго) и не оставаат простор за размислување за акциите за чиста животна средина, за вдомување на кучиња и мачиња, за безгрижни прошетки низ Градскиот парк, колку и да тоа го дозволуваат временските (не) прилики.
Ма сето тоа го знаете од таканаречените медиуми. Било локални или национални.Баш те брига“, ги слушаш (читаш, гледаш) и се ти е фино, ама онака баш фино. Ко‘ да си дел од бескрајните турски (индиски, шпански, мексикански, српски, хрватски, американски... допиши со свои зборови) сапунски серии, кода се сликаш по трендовски локали и ги топориш фотографиите на сопствениот профил по социјалните мрежи. Особено важен момент и детал на фотографијата е да има некоја скара и пица/пита на масата и машкиот пол на едната, женскиот пол на другата страна. Немој случајно да сте се измешале, оти така ќе признаете дека двасет и првиот век почна пред речиси шеснаесет години, макар и во двасетиот век модерното време не беше за фрлање. Туку, друго ми беше зборот. Дека паметам, а паметам од поодамна, па ми текна оти сите знаеме дека 7 септември е датум на кој во 1944 одина Кавадарци е ослободен од (претежно) бугарскиот фашистички окупатор. Една од најважните градски улици се вика токму така – “7-ми Септември“. Е тука има една кратка вонвременска приказна. За оние кои се сеќаваат, но и за оние кои денес минуваат низ неа, од центарот на градот до сеуште постоечката сала ДТВ “Партизан“ (дали сеуште се вика така, прашајте некој друг).
Ако тргнеш низ улицата “7-ми Септември“ од центарот, по левата страна па надолу, овде сеуште се наоѓа Домот на културата “Иван Мазов – Климе“. Малку видоизменет од пред дваесет и нешто години, нели? Ја нема билетарата, сега е трафика (во дуќан, како и сите останати трафики денес), ги нема излозите за денес, следува и наскоро, туку веднаш подолу денес е влезот до 3Д киното кое го пополнува просторот на поранешниот “балкон“ на Салата на Домот на културата. Одиме натаму по левата страна на улицата. Денешната бурекџилница своевремено беше продавница за леб, па долго години продавница на “Рубин Кармин“. Малку подолу, сегашната продавница за гардероба беше “трафика“ на “Тутун“. Библиотеката е сеуште на истото место, па не би било лошо одвреме – навреме да ја посетете и прочитате некоја книга. Веднаш по тунелчето се наоѓаше лимонадџилница, а до неа свовремено никна и кафулето “Трачот“. Овој дел завршуваше со трафиката на “Нова Македонија“. Меѓу трафиката и продавницата на “Југопластика“ од Сплит (подоцна “Орка, за да денес е банка), на просторот позади зградата сеуште на истото место е слаткарницата “Палма“. Своевремено до “Палма“ имаше фризерски дуќан кој подоцна стана флиперница, а веднаш до неа беше првата локација на култното и прво кавадаречко кафуле “Дечки“. Малку понатаму беше Фотографското студио на Келтонот. Трендовите си го направија своето па подоцна долг период “Дечки“ беше лоцирано на просторот од фото студиото, а на негово место стигна кафулето “Бос“. Излегуваме повторно на улицата. Веднаш до “Југопластика“, на скалите беше ексклузивната продавница на (тогаш) Агрокомбинатот “Тиквеш“, каде во специфичен амбиент се дегустираа и продаваа производи од грозје и секако вино, ракија, Тика и др. Веднаш по долниот влез на Градскиот пазар, постоеше продавница која често ја менуваше намената, ми се чини дека беше на “Ангропромет – Тиквешанка“, па беше колонијал, па слаткарница, а веднаш до неа месарницата на АК “Тиквеш“. Подолу сеуште е “пензионерското“. Меѓу пензионерското и зградата на Полициската станица имаше стара куќа во која еден период беше лоцирано трендовското фризерско студио “Ти Џеј. Да не заборавиме дека веднаш пред полицијата беа просториите на “војниот отсек“. Надолу, се до мостот во тоа време беше само уште книжарницата (популарната Долна книжара) на “Ангропромет – Тиквешанка“.
Преку мостот, блокот дуќани започнуваше со берберница, а продолжуваше со самопослугата на “Ангрото“ продавницата за мебел на “Треска“, за да заврши со популарната огромна слаткарница на “Ангрото“. Над неа (сеуште) започнува улица “Ленинова“, а на самиот агол од спротива беше лоцирана колонијалната продавница на “Таска“. На тој дел, од јавните објекти (останатото се станбени објекти) беше само уште популарниот Младински дом (денес музеј), со екстра популарната дискотека се до раните девеесети на минатиот век, за која до ден денес се раскажуваат приказни и кружат урбани легенди.
Се враќаме наназад по улицата “7-ми Септември“, по нејзината (регуларно) десна страна. На самиот почеток во тоа време стамено стоеше спортската сала, тогаш единствена во Кавадарци - ДТВ “Партизан“. Денес нејзиниот преден дел е тотално променет и служи за комерцијални цели, ама не е на одмет да се спомне дека долги години во салата функционираше простор наменет за пинг – понг (кој го користевме бесплатно) и кој одвреме  - навреме, особено за време на големи празници се претвораше во огромна дискотека со сите перформанси за тоа. Од јавните простори во тоа време од пред дваесет и повеќе години, движејќи се накај мостот беше Бирото (тогаш Завод) за вработување, а пред тогашната и сегашна “Музеј – Галерија имаше позната пекарница за традиционални кавадаречки ѓевреци, која топли ги продаваше во за тоа наменски лоцираната трафика. Едно од најпопуларните кавадаречки кафулиња во тоа време “Чарли“, подоцна “Јес“, лоцирано на аголот пред мостот, а спроти популарниот Јавор (кој на наша среќа сеуште одолева на секојдневните глупости и премрежија), успешно функционираше до почетокот на овој век.
Преку мостот (повторно, ама сега нагоре кон центарот) беше празен простор (освен малиот парк, нели), без јавни и комерцијални објекти и локали кои сега се таму лоцирани се до ќебапчилницата на чи Петрето (подоцна првата местоположба на популарната пицерија “Роберто“, а денес пекарски дуќан), по која започнуваше редот на мали занаетчиски дуќани кои често менуваа сопственици и намена, па така овде се појави и првиот модерен бутик за гардероба во градот, во “Амадеус“ се јадеше (до ден денес ненадминат) најквалитетниот тост во градот и секако на крајот своевремено најснабдениот (долго време и единствен таков) дуќан на Петрезановите, полн со познати светски марки на чоколади, цигари, пијалоци и останати социјални занимации. Над него кон крајот на осумдесетите на минатиот век неколку години работеше дискотеката “Бал“, денес кафеаната на Јосо, тапанарот на “Токму така“. До семафорите едно време имаше објект од привремен карактер на Хотел “Балкан“ во кој се продаваше убав бурек. Кога сме кај Хотел “Балкан“ тој сеуште стои истопорен на Градскиот плоштад, руиниран и одамна вон функција. Дел од тажните и долготрајни транзициски приказни, кои сеуште ни прават белја низ животот.
П.С. Долго? Понекогаш и така бива, за да се забележи дека еднаш било и повеќето се заборавило. Оти градот се сака, ако се знае дека не почнува се од вчера, ниту од нас. Така некако би му дошло.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, February 20, 2016

Блузирање (190-220)

(прва кавадаречка колумна)

“… U socijalizmu nismo imali nista. Onda je dosao kapitalizam i uzeo nam sve.” – Rambo Amadeus

Кога пред 20 години го подготвуваме “Тиквеш Рок Фест Unplugged ‘96“, не ни помислувавме дека тоа ќе биде рок фестивал кој по организација и квалитет нема ниту приближно да се повтори некогаш во Кавадарци, ниту пак дека тој ќе стане култен и според учесниците и според гостите (Анастасиа, Влатко Стефановски Трио и Last Expedition). Особено што фестивалот е организиран буквално од ентузијасти кои ни под разно немаа намера да заработат од него, туку едноставно да му подарат на своите истомисленици и љубители на рок музиката едно фино доживување. Претходно, во 1992 го организиравме првиот “Тиквеш Рок Фест“ на кој учествуваа 12 рок бендови, од кои, знам дека неверојатно звучи – единаесет беа од Кавадарци и еден од Неготино. Тогаш гости на фестивалот беа Зијан, Боб Рок и Александрија. Градските власти немаа разбирање за негово продолжение, иако од нив се бараше многу малку. Помили им беа спонзорствата и покритијата на концертите на разно – разни тралалајки. Не е многу подобро ниту денес. Четири години пак подоцна единствени учесници од Кавадарци беа Нерв и Деца на сонцето. По успешната unplugged верзија, наредната 1997 “Тиквеш Рок Фест“ се одржа на Градскиот стадион и во тогашната дискотека “Ла Луна“.  Беше интернационален со гости рок бендови од Бугарија и Црна Гора. Со оглед на тоа што годинава се навршуваат 20 години од “Тиквеш Рок Фест Unplugged ‘96“, често ќе се навраќаме во наредниот период на овој фестивал и (не) можноста Кавадарци да има квалитетен рок фестивал со традиција и во еден момент ќе се запрашаме дали овој град поради своја вина ја изгуби шансата да има Exit и пред Exit?!
Гопреспоменатото е најверојатно само еден од доказите дека извиканиот “нов светски поредок“ овде функционира. И тоа како “Баба Рога“ која лежерно се вдомила на секоја педа каде и да погледнеш и фукнционира мајката. Ебати тоа стравот кој ви влегол под кожа и сте наведнале глави, како да некој може да ви го земе тоа што го немате. Затоа полуписмените (најстрашното нешто што може да му се случи на едно општество) владеат без никаков проблем, оти противници реално и немаат, тука - таму по некој, колку без ич што се вели. А бе уште од фрижидерот што не ни излегуваат разно – разните аналитичари, интелектуалци излезени од шинелот на “Баба Рога“, експерти за непостоечки проблеми, сејачи на магла, љубители на туѓи пари и недобројни сончогледи. Ептен е чудно како никој тукашен досега нема добиено “Пулицер“ или “Нобел“ за литература. Ние немаме овде неверојатни приказни и случки. Нам таква ни е живеачката, секојдневие кое никој малку подалеку од оваа земја не може да го разбере. А како што се гледа секојдневно, прастанаа и да се трудат да не разберат. Имаат луѓето поважни работи и поголеми проблеми за решавање. Не е хендикеп да земаш 200 евра плата, хендикеп е да трошиш петсто евра месечно за да ти преживее семејството. Од каде?! Е од каде де?! Парите се на нашите деца и внуци, а ние безмилосно ги трошиме и уште се топориме по тоа кутрите медиуми. Демек многу не бива. Резил сме невиден. Светски резил сме и се што ќе ви текне на памет, а е поврзано со резилот - тоа сме. Служиме за подбив насекаде каде што може да се слушне човечки збор. На било кој од постоечките јазици верифицирани од белосветските институции.
П.С. Кога сме веќе кај годишнините, во 2016 се навршуваат 40 години од издавањето на култниот албум на Bijelo Dugme – Eto! bas hocu!”. Пред 40 години меѓу другите се издадени и албумите: “Dirty Deeds Done Dirt Cheap” - AC/DC, “Hard Rain” - Bob Dylan, “Rock’n’Roll Music” - The Beatles, “Zivot u cizmama sa visokom petom”- Dado Topic & Time, “Satelit” – Smak и “Dodjite na show!” – Parni Valjak.   Во 2016 се навршуваат 70 години од раѓањето на Freddie Mercury (Queen), Bon Scott (AC/DC), Keith Moon (The Who), John Paul Jones (Led Zeppelin) и Syd Barrett (Pink Floyd), 75 години од раѓањето на Art Garfunkel (Simon & Garfunkel) и Bob Dylan, осумдесет години од раѓањето на Bill Wyman (The Rolling Stones), Roy Orbison, Buddy Holly, Buddy Guy и Vaclav Havel. Личниот потсетник пак вели дека пред пет години ја издадов својата прва книга “Мојот блуз“. Време е за втора?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Saturday, February 13, 2016

Блузирање (189-219)

(прва кавадаречка колумна)

“ Да не брзаме, оти немаме време“ – Ристо Соколов Сокол

Долги години бев сведок на работата на Ристо Соколов Сокол. И право да ви кажам, понекогаш е заебано да паметиш од поодамна, особено ако си имал работа со една таква величина каков што беше Рики. Слаткиот “проблем“ е во тоа што неговата големина не е едноставна за прераскажување, особено што сеќавањето за него е всушност сеќавање за долгите седенки и разговори за уметноста, неверојатните перформанси, изложби, театарски претстави, концерти, поетски славења, медиумски соработки, текстови во кои се обидов да ги забележам илјадниците моменти вредни за паметење, снимките во кои сме тоа што сме – малку поинакви.
Физичкото заминување на еден од најголемите македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол беше пред точно една година. На Свети Трифун, на празникот кој неговиот град Кавадарци поради многу нешта треба да го слави како да нема ништо поважно од тоа. Ама дали го слави така?! Не, оти Кавадарци кога се однесува на најважните нешта поврзани со неговото модерно опстојување се однесува како да е со кратко паметење. Многумина секојдневно покажуваат колку не им се важни величините кои ги родил градот, особено оние кои и на првиот и на последниот момент од своето богато живеење и овоземно битисување биле во Кавадарци. Не дека авторот на овие редови е најпаметниот на светот, ама според сите веродостојни историски извори, па и  според паметењето на (сеуште живите) сведоци, Кавадарци и по конечното ослободувањето од (претежно) бугарските фашисти и нивните локални помагачи е типична “турска“ касаба, троа подоцна типична паланка, па до таму некаде доцните пеесети на дваесетиот век без струја, без постојано снабдување со вода за основни потреби, без минимум потребен возен парк и адекватно на тоа локални сообраќајници, без многу нешта бил овој наш град се до експанзијата на таканаречената “индустријализација и електрификација“. И да преминеме на главното: експанзијата на фабрики си барала вработени, се запустиле селата, градот за кратко време пет пати го зголемил бројот на жители... Арно ама, за кратко време станал нешто што ретко кој од неговите тогашни (дел и сегашни) жители го очекувале. Во Тиквешијата се распослал модерен град, со пристојно водоснабдување, со енормно голем број на писмени граѓани и урбани визионери за кои денес, кога тоа го сакаме, велиме дека се величини, море и се гордееме со нив. Ама само ако имаме лична корист од тоа, де. Денес, ако не друго, тогаш изграденото зборува дека само за малку Кавадарци не станал модерен средноевропски град. Во главите ќе да е проблемот. Да, и денес се гради, ама кавадарчани имаат некои други пополнети спецификации и интереси, транзициските уплатници и исплатници им се добро утро, испомешани ни се политичките и кладилничките дефиниции, спортот ни е само кулоарски подпрдок, колку и да некој мисли дека од нас може да бидне “спартанци“. Уметноста пријателе, уметноста или ќе не просветли или ќе не продаде и убие!
Во 2005, април месец, подготвувајќи го заедно со една екипа слободни по дух урбани борци и уметници култниот “Арт перформанс“ на Ристо Соколов Сокол, голем урбан настан кој се случува еднаш во пеесет години и во најпристојните општества, бев еден од најсреќните луѓе на светот. Оти знаев дека да бидеш пријател и соработник на Рики е доживотен благослов, оти човекот едноставно – знаеше и можеше. Неговата тестаментарна изложба “Некогаш и денес“ се роди и реализира во неговото отворено ателје Уметничкото студио “Сокол Арт“, последната слободна уметничка територија во Кавадарци.
И овде би застанал. Оти еден беше Рики. И нека остатоците на урбано Кавадарци не заборават дека со него замина последниот слободен дух во градот. Ќе ни биде потребно време и време до моментот кога ќе можеме да се наречеме достојни на неговата неверојатна човечка и уметничка оставштина.
П.С. Ристо Соколов Сокол е роден на 16 април 1957, на сам ден Велигден. Замина на Свети Трифун 2015. Замина? Ма тука е Рики, со нас, додека сме и ние овде.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Thursday, February 4, 2016

Блузирање (188-218)

(прва кавадаречка колумна)

“... Хтели смо да радимо нешто важно
Али ништа од тога није испало
Хтели смо да пјевамо лепе пјесмице
Али ништа ни од тога није испало...)

(“Хтели смо да радимо“ – Токму Така)

На времето, на чорба во тогашниот Хотел “Балкан“ одевме рано сабајле, после целовечерните журки кои ги имаше во изобилство и покрај малкуте кафулиња во градот. Така да, денес не ми недостига ниту “Балкан“ (во моментов руина, која не дај Боже, може да се сруши секој момент), ниту ми недостигаат чорбите. Ми недостигаат луѓето.
На времето, плочи, подоцна и касети, во Кавадарци купувавме во тогашната “Стоковна куќа“ и во продавницата на (тогашна) “Култура“ кај чи Лазо Гаќо. Чудна работа, немавме многу пари, ама до ден денешен ги чуваме вредните колекции на плочи. Денес музиката е достапна 24/7. Не ти се потребни пари за оригинални изданија, оти и нема со кого да ги слушаш. Не ми недостига музика. Ми недостигаат луѓето.
На времето, стрипови и списанија купувавме од трафиките на тогашна “Нова Македонија“. Изборот беше одличен. Се навлековме на фини работи и покрај тоа што во тоа време беа (пре)скапи и моравме да откинуваме од ограничениот џепарлак. Денес ниту има стрипови по трафиките во Кавадарци, ниту пак има кој да ги купува. Не ми недостигаат стриповите, ниту ретките фини нешта. Ми недостигаат луѓето.
И ве слушам каде велите: “Те фатила носталгија. Жал ти е за времето на Југославија.“. Море ниту сум носталгичен, ниту ми фали Југославија. А бе деца забегани, дотичната е мртва веќе дваесет и пет години и сите трошења муабет дека овде живеат југоносталгичари само затоа што некои луѓе  се малку поинакви, читаат книги, слушаат некоја поинаква музика, не се плашат да кажат што мислат, не значи дека порозноста на нечии сиви ќелии носи благодет. Дваесет и пет години бре ствараме држава и автентична култура, дваесет и пет години ни се мочате на трудот и сеедно ви е што веќе утре токму вашето дете ќе замине во некоја “недоѓија“ и токму поради тоа што на истите тие ваши деца им солите памет дека “има бетер“. Да бе, штотуку ми текна! Одам да се просветам по штотуку слушнатиот шепот дека еве каде ќе биде откриен гробот на Александар Македонски. А бе одете запалете му свеќа, отворете некој интересен сајт, прочитајте некоја добра книга, научете нешто да не останете доживотно “тртеи“ и заборавете го. Оти од минатото никој не се вратил, а и нешто многу – многу на нормален човек (бар троа од троа писмен) не е логично да му се допаѓаат бре белосветски крвници, освојувачи, диктатори, криминалци и повикувачи на војни. Нивните “достигнувања“ се општопознати – крв до колена, илјадници невини жртви и после секое срамнето со земја живеалиште следуваат баханалии и едноумие. До првата револуција, секако. И после се од почеток. И да. Светот може да се запознае и на поинаков начин. Да се испадне троа од сопственото трло, барем еден чекор подалеку од аздисаните полуписмени и арогантни перачи на мозок, кои се пред се несреќни сами по себе, а опасни за сите до кои допира нивниот безвременски трулеж. Само дали тоа некого овде го интересира. Ете, овде и оваа зима не заврна снег и понекогаш ми доаѓа да се запрашам дали во овие краишта воопшто влеговме во 21 век?!
А за волја на вистината и за инает на дежурните (платени?!) мрчатори, на времето и немавме ништо друго повредно освен – луѓето. Ми недостигаат, ептен!
П.С. Годинава се навршуваат седумдесет и пет години од почетокот на општонародното востание за конечно ослободување на Македонија од бугарскиот, германскиот, албанскиот и италијанскиот фашистички окупатор и  неговите локални помагачи. Годинава се навршуваат дваесет и пет години од загинувањето на над пеесет македонски граѓани во една туѓа војна, ексјугословенската. Меѓу нив и на тројца кавадарчани – Сашко, Петре и Мишко.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци