Sunday, February 28, 2016

Блузирање (191-221)

(прва кавадаречка колумна)

“…Neznanje rađa gordost; gordost rađa neznanje.” – Borislav Pekic

Заминува уште еден февруари. Мачките вообичаено весели овој месец, ете добија и меѓународна потврда дека не е се залудно. Вообичаениот проток на информации низ интернетот ни го потврдува тоа. За да животинското царство не се чуствува недостоинствено и овде, ете го каде владее по урбаните делови на градот. Имено деновиве коњи и магариња се на испаша по малите градски паркови, а кучињата скитници владеат по улиците и тротоарите, особено агресивни и безобразни по “Илинденска“. Човечки жртви сеуште нема. Не дај Боже такво нешто. Малку ли ни се жртвите кои ги донесе сообраќајната некултура и дивеење последниве години. Жртви кои не не научија на ништо. Ама баш на ништо! Си го тераме ние своето до следниот распоред на часови по општа некултура. Што би се рекло, деновите во Кавадарци и во февруари вообичаени. Де сончево, де врнежливо, де палома за по дома, истопорчени по летните бавчи (зошто ли се летни, кога функционираат цела година?!), ја пополнуваме својата редовна квота по кладилниците, пиеме лоша ракија, ги озборуваме случајните минувачи и го фалиме виното на комшијата, макар не се сеќавале по дебелото пијанство негово ли беше или од првото дуќанче го купил – три литра за пеесет денари. Ама ептен квалитетно вино. Плус бесплатно, а патем му ја измезивме и вечерата. Ете го денес се жали дека децата ги пратил на училиште гладни, оти двестата евра плата, надополнети со дневницата од собирањето прачки и не стасува баш да се претера месецот. На грбот натоварените дистрибутери на се и сешто (струја, мобилен, кабловска, регистрација на возило, шотијазнамдруго) и не оставаат простор за размислување за акциите за чиста животна средина, за вдомување на кучиња и мачиња, за безгрижни прошетки низ Градскиот парк, колку и да тоа го дозволуваат временските (не) прилики.
Ма сето тоа го знаете од таканаречените медиуми. Било локални или национални.Баш те брига“, ги слушаш (читаш, гледаш) и се ти е фино, ама онака баш фино. Ко‘ да си дел од бескрајните турски (индиски, шпански, мексикански, српски, хрватски, американски... допиши со свои зборови) сапунски серии, кода се сликаш по трендовски локали и ги топориш фотографиите на сопствениот профил по социјалните мрежи. Особено важен момент и детал на фотографијата е да има некоја скара и пица/пита на масата и машкиот пол на едната, женскиот пол на другата страна. Немој случајно да сте се измешале, оти така ќе признаете дека двасет и првиот век почна пред речиси шеснаесет години, макар и во двасетиот век модерното време не беше за фрлање. Туку, друго ми беше зборот. Дека паметам, а паметам од поодамна, па ми текна оти сите знаеме дека 7 септември е датум на кој во 1944 одина Кавадарци е ослободен од (претежно) бугарскиот фашистички окупатор. Една од најважните градски улици се вика токму така – “7-ми Септември“. Е тука има една кратка вонвременска приказна. За оние кои се сеќаваат, но и за оние кои денес минуваат низ неа, од центарот на градот до сеуште постоечката сала ДТВ “Партизан“ (дали сеуште се вика така, прашајте некој друг).
Ако тргнеш низ улицата “7-ми Септември“ од центарот, по левата страна па надолу, овде сеуште се наоѓа Домот на културата “Иван Мазов – Климе“. Малку видоизменет од пред дваесет и нешто години, нели? Ја нема билетарата, сега е трафика (во дуќан, како и сите останати трафики денес), ги нема излозите за денес, следува и наскоро, туку веднаш подолу денес е влезот до 3Д киното кое го пополнува просторот на поранешниот “балкон“ на Салата на Домот на културата. Одиме натаму по левата страна на улицата. Денешната бурекџилница своевремено беше продавница за леб, па долго години продавница на “Рубин Кармин“. Малку подолу, сегашната продавница за гардероба беше “трафика“ на “Тутун“. Библиотеката е сеуште на истото место, па не би било лошо одвреме – навреме да ја посетете и прочитате некоја книга. Веднаш по тунелчето се наоѓаше лимонадџилница, а до неа свовремено никна и кафулето “Трачот“. Овој дел завршуваше со трафиката на “Нова Македонија“. Меѓу трафиката и продавницата на “Југопластика“ од Сплит (подоцна “Орка, за да денес е банка), на просторот позади зградата сеуште на истото место е слаткарницата “Палма“. Своевремено до “Палма“ имаше фризерски дуќан кој подоцна стана флиперница, а веднаш до неа беше првата локација на култното и прво кавадаречко кафуле “Дечки“. Малку понатаму беше Фотографското студио на Келтонот. Трендовите си го направија своето па подоцна долг период “Дечки“ беше лоцирано на просторот од фото студиото, а на негово место стигна кафулето “Бос“. Излегуваме повторно на улицата. Веднаш до “Југопластика“, на скалите беше ексклузивната продавница на (тогаш) Агрокомбинатот “Тиквеш“, каде во специфичен амбиент се дегустираа и продаваа производи од грозје и секако вино, ракија, Тика и др. Веднаш по долниот влез на Градскиот пазар, постоеше продавница која често ја менуваше намената, ми се чини дека беше на “Ангропромет – Тиквешанка“, па беше колонијал, па слаткарница, а веднаш до неа месарницата на АК “Тиквеш“. Подолу сеуште е “пензионерското“. Меѓу пензионерското и зградата на Полициската станица имаше стара куќа во која еден период беше лоцирано трендовското фризерско студио “Ти Џеј. Да не заборавиме дека веднаш пред полицијата беа просториите на “војниот отсек“. Надолу, се до мостот во тоа време беше само уште книжарницата (популарната Долна книжара) на “Ангропромет – Тиквешанка“.
Преку мостот, блокот дуќани започнуваше со берберница, а продолжуваше со самопослугата на “Ангрото“ продавницата за мебел на “Треска“, за да заврши со популарната огромна слаткарница на “Ангрото“. Над неа (сеуште) започнува улица “Ленинова“, а на самиот агол од спротива беше лоцирана колонијалната продавница на “Таска“. На тој дел, од јавните објекти (останатото се станбени објекти) беше само уште популарниот Младински дом (денес музеј), со екстра популарната дискотека се до раните девеесети на минатиот век, за која до ден денес се раскажуваат приказни и кружат урбани легенди.
Се враќаме наназад по улицата “7-ми Септември“, по нејзината (регуларно) десна страна. На самиот почеток во тоа време стамено стоеше спортската сала, тогаш единствена во Кавадарци - ДТВ “Партизан“. Денес нејзиниот преден дел е тотално променет и служи за комерцијални цели, ама не е на одмет да се спомне дека долги години во салата функционираше простор наменет за пинг – понг (кој го користевме бесплатно) и кој одвреме  - навреме, особено за време на големи празници се претвораше во огромна дискотека со сите перформанси за тоа. Од јавните простори во тоа време од пред дваесет и повеќе години, движејќи се накај мостот беше Бирото (тогаш Завод) за вработување, а пред тогашната и сегашна “Музеј – Галерија имаше позната пекарница за традиционални кавадаречки ѓевреци, која топли ги продаваше во за тоа наменски лоцираната трафика. Едно од најпопуларните кавадаречки кафулиња во тоа време “Чарли“, подоцна “Јес“, лоцирано на аголот пред мостот, а спроти популарниот Јавор (кој на наша среќа сеуште одолева на секојдневните глупости и премрежија), успешно функционираше до почетокот на овој век.
Преку мостот (повторно, ама сега нагоре кон центарот) беше празен простор (освен малиот парк, нели), без јавни и комерцијални објекти и локали кои сега се таму лоцирани се до ќебапчилницата на чи Петрето (подоцна првата местоположба на популарната пицерија “Роберто“, а денес пекарски дуќан), по која започнуваше редот на мали занаетчиски дуќани кои често менуваа сопственици и намена, па така овде се појави и првиот модерен бутик за гардероба во градот, во “Амадеус“ се јадеше (до ден денес ненадминат) најквалитетниот тост во градот и секако на крајот своевремено најснабдениот (долго време и единствен таков) дуќан на Петрезановите, полн со познати светски марки на чоколади, цигари, пијалоци и останати социјални занимации. Над него кон крајот на осумдесетите на минатиот век неколку години работеше дискотеката “Бал“, денес кафеаната на Јосо, тапанарот на “Токму така“. До семафорите едно време имаше објект од привремен карактер на Хотел “Балкан“ во кој се продаваше убав бурек. Кога сме кај Хотел “Балкан“ тој сеуште стои истопорен на Градскиот плоштад, руиниран и одамна вон функција. Дел од тажните и долготрајни транзициски приказни, кои сеуште ни прават белја низ животот.
П.С. Долго? Понекогаш и така бива, за да се забележи дека еднаш било и повеќето се заборавило. Оти градот се сака, ако се знае дека не почнува се од вчера, ниту од нас. Така некако би му дошло.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment