Saturday, February 13, 2016

Блузирање (189-219)

(прва кавадаречка колумна)

“ Да не брзаме, оти немаме време“ – Ристо Соколов Сокол

Долги години бев сведок на работата на Ристо Соколов Сокол. И право да ви кажам, понекогаш е заебано да паметиш од поодамна, особено ако си имал работа со една таква величина каков што беше Рики. Слаткиот “проблем“ е во тоа што неговата големина не е едноставна за прераскажување, особено што сеќавањето за него е всушност сеќавање за долгите седенки и разговори за уметноста, неверојатните перформанси, изложби, театарски претстави, концерти, поетски славења, медиумски соработки, текстови во кои се обидов да ги забележам илјадниците моменти вредни за паметење, снимките во кои сме тоа што сме – малку поинакви.
Физичкото заминување на еден од најголемите македонски ликовни уметници Ристо Соколов Сокол беше пред точно една година. На Свети Трифун, на празникот кој неговиот град Кавадарци поради многу нешта треба да го слави како да нема ништо поважно од тоа. Ама дали го слави така?! Не, оти Кавадарци кога се однесува на најважните нешта поврзани со неговото модерно опстојување се однесува како да е со кратко паметење. Многумина секојдневно покажуваат колку не им се важни величините кои ги родил градот, особено оние кои и на првиот и на последниот момент од своето богато живеење и овоземно битисување биле во Кавадарци. Не дека авторот на овие редови е најпаметниот на светот, ама според сите веродостојни историски извори, па и  според паметењето на (сеуште живите) сведоци, Кавадарци и по конечното ослободувањето од (претежно) бугарските фашисти и нивните локални помагачи е типична “турска“ касаба, троа подоцна типична паланка, па до таму некаде доцните пеесети на дваесетиот век без струја, без постојано снабдување со вода за основни потреби, без минимум потребен возен парк и адекватно на тоа локални сообраќајници, без многу нешта бил овој наш град се до експанзијата на таканаречената “индустријализација и електрификација“. И да преминеме на главното: експанзијата на фабрики си барала вработени, се запустиле селата, градот за кратко време пет пати го зголемил бројот на жители... Арно ама, за кратко време станал нешто што ретко кој од неговите тогашни (дел и сегашни) жители го очекувале. Во Тиквешијата се распослал модерен град, со пристојно водоснабдување, со енормно голем број на писмени граѓани и урбани визионери за кои денес, кога тоа го сакаме, велиме дека се величини, море и се гордееме со нив. Ама само ако имаме лична корист од тоа, де. Денес, ако не друго, тогаш изграденото зборува дека само за малку Кавадарци не станал модерен средноевропски град. Во главите ќе да е проблемот. Да, и денес се гради, ама кавадарчани имаат некои други пополнети спецификации и интереси, транзициските уплатници и исплатници им се добро утро, испомешани ни се политичките и кладилничките дефиниции, спортот ни е само кулоарски подпрдок, колку и да некој мисли дека од нас може да бидне “спартанци“. Уметноста пријателе, уметноста или ќе не просветли или ќе не продаде и убие!
Во 2005, април месец, подготвувајќи го заедно со една екипа слободни по дух урбани борци и уметници култниот “Арт перформанс“ на Ристо Соколов Сокол, голем урбан настан кој се случува еднаш во пеесет години и во најпристојните општества, бев еден од најсреќните луѓе на светот. Оти знаев дека да бидеш пријател и соработник на Рики е доживотен благослов, оти човекот едноставно – знаеше и можеше. Неговата тестаментарна изложба “Некогаш и денес“ се роди и реализира во неговото отворено ателје Уметничкото студио “Сокол Арт“, последната слободна уметничка територија во Кавадарци.
И овде би застанал. Оти еден беше Рики. И нека остатоците на урбано Кавадарци не заборават дека со него замина последниот слободен дух во градот. Ќе ни биде потребно време и време до моментот кога ќе можеме да се наречеме достојни на неговата неверојатна човечка и уметничка оставштина.
П.С. Ристо Соколов Сокол е роден на 16 април 1957, на сам ден Велигден. Замина на Свети Трифун 2015. Замина? Ма тука е Рики, со нас, додека сме и ние овде.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

1 comment:

  1. Најдоброто од Кавадарци? Ристе уметникот. Уметничката Аладинова Ламба ја чува душата на Ристе за век и веков и е одраз на вистинското Кавадарци. Не она дневнополитичко, сиво и загадено ами богато и безвременско. И младо и старо и идно. Кавадарци со Рики. Онакво какво што го сакам.

    ReplyDelete