Tuesday, April 19, 2016

Блузирање (195-225)

(прва кавадаречка колумна)

“Она што е заедничко е ничие. Измочај се у у влезот на првата зграда шо ќе а сретниш...“ 

(Ненапишан кавадаречки графит, малку иронично, оти градските графити ни се без порака)

Пролетта во април годинава (како и годините пред тоа,) во Кавадарци донесе летни температури. Ретко има некакви позитивни промени во градот низ годините наназад, кои можат да се наречат револуционерни и за добробит на сите граѓани (а иначе, секоја чест за летниковците, ќе има кај да се праве пинџурот). Оно и граѓаните на овој или оној начин се изретчуваат и или заминуваат одовде или се прилагодуваат на општиот антиурбан суицид и си го тераат своето, истопорени по летните бавчи, бистрат политика на свој начин – молчат, ебати таквото бистрење политика. Гласни се само по социјалните мрежи – на фотографиите на кои се гледаат кркањето/локањето и новите фризури, џемперчињата (а бе лето дојде, соблечете ги!), лакираните нокти и ливчињата од кладилниците. Едно нешто не само да не се менува, туку напротив зема екстремно лоша димензија, која тешко некој ќе се зафати да ја реши (сите сме соучесници), а тоа е кулминацијата од сообраќајна некултура, чии изблици добиваат ненормално секојдневно експонирање. За волја на вистината, не сум возач на автомобил или некое слично превозно средство. Зимно време сум пешак, а од пролет до есен (градски) велосипедист. Па кога го “јавнав“ велосипедот оваа пролет се уверив уште еднаш во неможноста да поминам една скромна далечина од кружниот тек до центарот на Кавадарци за пристојно време, без да се соочам со ароганцијата и некултурата на корисниците на градските улици и тротоари. Да, да и на пешаците им е веќе сеедно дали ќе поминат на црвено, дали ќе поминат на сред улица или едноставно ја користат улицата наместо тротоарот. Лудило! Само еден пример: на “Илинденска“ во 08.25 часот секој работен ден за далечина која во реално време би ја поминал за минута и петнаесет секунди со велосипед, потребни ми се десет минути и се поради баграта која без никаква грижа на совест дека го загрозува целиот сообраќај, се паркира на сред улица, вози со брзина над пропишаната или едноставно, со извинение на зборот и на мочање не тргнува без возило. Има ли лек? Има! Ама оние кои се платени за тоа (лекот), по се изгледа се добри друшки со транзициската багра, поради која градот ни е таков каков што ни е.
Туку, друго ми беше зборот... Во саботата, на 16 април, во “Астрато“ истеравме една фина вечер. Ама баш фина. Го чествуваме денот кога е роден можеби најдобриот кавадаречки ликовен уметник на сите времиња - Ристо Соколов Сокол. Фала му од се срце на Деан (Астрато) Мелов кој беше одличен домаќин на вечерта. Да, се лоциравме во летната бавча на “Астрато“, просторот каде Ристо Соколов беше како дома, каде заедно со Деан и сите нас кои денес се собираме како неформална уметничка дружина “Сокол Арт“ правеше неверојатни уметнички перформанси и фестивали. Се обидовме во саботата барем малку да доловиме од тој амбиент, пред се благодарејќи на сите присутни таа вечер во просторот кој е и ликовен и кулинарски уметнички деликатес на градот. И да не заборавам, таа вечер промовиравме и едно парче поезија. Го крстивме “Нашиот блуз“. Оти за блузот како животот наш станува збор! А градот? Градот се почесто си тера некоја друга, за нас богами туѓа приказна. Оти, да го сакаш Кавадарци, ќе ги сакаш и ретките, ама моќни приказни за поубавата страна на градот. Ете, така некако се ближиме кон крајот на април оваа 2016 година. Со полно срце уметнички убавини и мисла дека еден ден, ама еден стварно убав ден, Кавадарци ќе биде пристојно место за живеење.
П.С. Доаѓаат Велигденските празници. Се поклопуваат годинава со Првомајските празници. А Први мај во светот значи борба за работнички права, демонстрации, протести, револуции... Ама во светот. Кај нас најголемиот “вработувач“ нема синдикална организација, ниту пак живее како дел од градот и градските случувања. Дури и нема табла со насловот на компанијата на фабричките простории. Фантом фабрика со шест илјади вработени?! Да се разбереме, истата (не)синдикална мизерија фунционира и во буџетарските фирми и институции и во фирмите со приватен капитал. Функционира за да не функционира. Дури нема ниту свински полутки на француски начин на рати без камати. Ма ги нема синдикатите да се огласат и онаму каде формално постојат и ги трошат парите од членарина на стотици илјади синдикалци (низ државата). За што? Па божем вие не знаете?! Или ви е сеедно?! Оти мене не ми е сеедно. Мојот дедо по мајка Душко Чемерски (другар на Страшо Пинџур и Димката Габерот) бил дел од стоилјадната македонска војска која ја ослободила Македонија од фашистите од сите провиненции (бугарски фашизам, германски фашизам, италијански фашизам, албански фашизам, контрачетнички ванчомихајловистички фашизам) за време на Втората светска војна. Оти за слободата станува збор!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment