Tuesday, May 3, 2016

Блузирање (196-226)

(прва кавадаречка колумна)

Маваме фолови, пишуваме колумни, статуси по социјалните мрежи, пристојни сме на работното место, а ваму животот ни се лизга низ прсти. Дваесет и пет години клекнати под нозете на транзициската багра, од која е изнедрено денешното кавадаречко секојдневие. Маме ни расплакаа, умираме секој Божји час од болести кои и најсиромашните земји ги оттарасиле, се раѓаат новите генерации со канцер во генот, па заедно патиме, патем се мразиме и си завидуваме, ама и се прашуваме – до кога бре! Нели ви е доста?! Ами и утре има ден, кругот затоа се вика круг, оти секогаш те фаќа тоа што си му го сторил на другиот.
Инаку, штотуку завршија Велигденските и првомајските празници. Топтан. Проширен викенд за проширена пијанка и кркање месо (и се што оди со него) до небото и пак назад. На човек да му се присака да стане вегетеријанец. Можеби и веган, оти модерно било. Арно ама, тука е замката. Се што спаѓа под зеленчук и слични тракатанци деновите пред (дуплиот) празник достигна цени кои ние обичните кои што не сме ниту вегетеријанци (вегани), ниту сериозни месождери – не ги издржавме. Оти, за што попрво да се потрошат двестата евра плата?! А што пак со оние кои се далеку од врзување крај со крај, од први до први? И на крајот на нештата, да му се плукнам на синдикатите од сите провиниенции кои заборавија (или баш ги заболе) за оние за кои што постојат – работниците. Единствените кои плаќаат данок во оваа држава и од чии пари живеат и власта и пензионерите и сите буџетари, колку и да ги има на број. Жустро? Ами така треба. Оти ако не проговориме, ефтините авионски летови и тукашната калакурница ќе ни ги однесат во некоја друга татковина и она малкуте пријатели и роднини кои ни останаа, колку да имаме со кого добро утро/добар ден да си кажеме. И тажен сум, ама ептен, оти овој (дупли) празник беше последен во Кавадарци и Македонија за уште четири семејства (бар јас што ги знам). Ебати секојдневието кое носи тага и неспокој. Ех! И додека пишувам, еден од луѓето кој замина пред неколку години одовде, ми се јави да пиеме кафе. Се вратил да си ги прибере најблиските покрај него, таму некаде каде што целиот живот ќе биде странец, ама како што вели и тоа е подобро од тоа што го оставил овде. И за што тоа ние овде зборуваме, задоволени со ефтиното еспресо и “тенќијата“ така фино истопорена над нас во некоја кафеанска бавча, додека се воодушевуваме колку народ се збрал за празниците во Кавадарци, а ваму сите со повратни карти до таму каде си го нашле животот.
Два – три дена пред празниците, пристигнал авион од Лондон на скопскиот аеродром и во него двеста кавадарчани. Ова не е легенда, навистина дојдоа и еве овие неколку дена се пакуваат, приберуваат натаму по некој од своите блиски и се поздравуваат, велејќи – ќе се гледаме се поретко, оти животот е сериозна работа, колку и да трае треба да се истера до крајот.
П.С. Приказните дека за време на бившата држава, славењето на Велигденските празници било строго забрането се едноставно невистинити. Овде (во Кавадарци) одсекогаш се вапцале јајца и се терало вртење на црквата, се одело денот потоа на гробишта, да се подели она што се има и со живите и мртвите. Ебати комунизмот (кој ни се врати) со сите негови перформанси и заебанции. Како да никогаш не заминал одовде. Затоа почитувани, троа подразмислете, та ефтиното левичарење и десничарење чувајте си го за по дома.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment