Friday, December 9, 2016

Блузирање (206-236)

(прва кавадаречка колумна)

Паметам, а паметам од поодамна, кога Кавадарци беше многу помал град од што е денес. По површина и бројка, а во суштина беше поголем град од она што Кавадарци е денес. Паметам, особено што за скоро ќе прославам половина век од сопственото постоење, настрана тоа што досега живеев на четири адреси низ фини градски населби и улици, па затоа и приказните кои ги делам со вас, почитувани случајни сопатници низ блузирањево. Претенциозноста, ароганцијата дека ова е прва кавадаречка колумна, не е ништо друго (низ годините наназад од кога ја пишувам и делам со вас), освен желба да некој од вас се осмели за критичко размислување, па да ги споредиме размислувањата за градот. Да, за Градот!
А Кавадарци навистина беше помал град. Барем по површина. Тоа траеше до некаде средината на осумдесетите години, кога се изградени последните згради на потегот од кружниот тек во таканаречениот Нов центар на градот до сегашната заобиколница кај хотел “Фени“, таканаречените згради “Силекс“ и зградите позади основното училиште “Гоце Делчев“. Меѓу нив има и неколку (таканаречени) булевари. И тука е застанат градот, односно неговиот урбан дел. Од девеесетите наваму овде нема ништо изградено, освен пренамена на неколку објекти, а руглото од таканаречениот “Нов суд“, “Младински и пионерски дом“ сеуште се на истото место (узурпирани?) и на увид на секој патник - намерник кој ни доаѓа во градот. Ширењето е пообемно во продолжение на населбите кои се лоцирани на “Смилица“, “Голи оток“, “Брушан маало“, “Коњските дупки“ и слични делови од градот каде никулците на првите куќи се класични дивоградби, кои подоцна од разно – разни причини се урбанизирани и им е дозволено да се шират до недоглед. Да се разбереме, воопшто не ми е важно кој од вас во кој дел од Кавадарци живее, ама треба да се подзамислиме малку над она што денес претставува Кавадарци како градска средина, пред да го испуштиме градот во некоја непозната и антицивилизациска насока. Погледнете само што му се случува на Градскиот парк. Па таму некои идни жители по тоа новите “парковски“ згради што се во изградба ќе имаат привилегиран поглед врз зеленилото, а стравот е основан дека еден солидно голем дел од паркот ќе осамне еден ден како голем паркинг. Опасно блиску сме до денот “Д“ кога Кавадарци ќе ја изгуби и последната битка во напорот да стане пристојно место за живеење. Зошто? Затоа што сме такви – какви што сме и во суштина баш не заболе за Кавадарци. Нели?
П.С. Ах да, во недела на 11 декември се избори. Важни избори! Не дозволувајте да ве прават глупи, гласајте по сопствен слободен избор, оти зад гласачкиот параван вие сте господар на просторот. Какви камери, какви бакрачи, не плашете се од ништо. Нека се плашат тие од вашиот избор! Оти не станува збор за Северна Кореја, станува збор бре за Македонија! И особено за Кавадарци, како место кое допрва треба да го направиме пристојно место за живеење.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment