Friday, February 24, 2017

Блузирање (210-240)

(прва кавадаречка колумна)

Ме прашаа пред некој ден зошто пишувам само за Кавадарци, а не опфаќам теми пошироко од Македонија?! Немам некој конкретен одговор, а и зошто би, ама еве прашање и од мене: Не се наоѓа Кавадарци белки на Антарктикот? Нешто слично како неуспешната трибина за загадувањето. Немало интерес кај обичните граѓани, само се силеле по социјалните мрежи. Не се силат бре, туку користат медиум јавно да го кажат своето мислење, да изразат негодување и да постават прашања. Ај што трибината беше закажана на сред работен ден, точно на пладне, туку е и непотребен гест, кога е познато дека Кавадарци е на високо место во државата по загаденост, а еколозите и службите треба да го кажат решението. Или можат да се справат со загаденоста или не. Трето нема.
Некако навикнавме нештата овде да останат недоречени, настаните да бидат недоорганизирани, улиците полуисчистени. Ете бидна и помина празникот “Свети Трифун“. Се нешто ме влече мислата дека треба да се одлучиме дали овој празник треба да се прославува или не. Да се одбележи, секако да. Ама да се прославува во години низ кои лозарството се провлекува меѓу ветувањата на политичките партии и (не)моќта на откупувачите и преработувачите да се справат со децениските проблеми, делува како некое ефтино садо – мазо порно. И вообичаено, никому ништо. Ликовите кои се демек водачи на лозарите, баш ги заболе за нив. Ете ги во првите редови на сите “ѓезми“ низ градот, како да намерно ја маргинилизираат оваа дејност и се повеќе Кавадарци и Тиквешијата го препуштаат на индустријата која привидно го води приматот на економски чинители, благодарејќи пред се на ниските лични доходи (двеста евра како дефиниција), од кои единствената корист е што низ градот (барем сега – засега) се притаија пишалките. Можеби не сум во право?
Со оглед на тоа што сум активен и на блогерајот и на социјалните мрежи, ги следам “актуелностите“ на оние што го следат моето пишување, особено мојот атипичен локалпатриотизам, толку различен од распашаните “љубители“ на Кавадарци, кои толку многу го сакаат градот што селфирајќи се (топорејќи де) заборавиле дека кафеанските маси (сосе шопската, баникот и сувомесното на нив, гарнирани со по некое варено јајце и компир салата) не се Кавадарци, оти Кавадарци е нешто друго. Пулсирањето на кавадаречкото секојдневие ми дава за право да се искашлам гласно од влијанието на загадениот воздух по моето здравје, ми дава за право да му кажам во лице на типот што се паркира на пешачки дека е сообраќаен дебил, ми дава за право со мои пари да си купам весник или списание по мој избор, а за книгите и стриповите сум спремен револуција да кренам. Не дека имам многу следбеници во градот, ама ете признавам – цел живот читам “субверзивна“ литература, особено што во последно време идоли ми се Дилан Дог и Микаел Блумквист, а Алан Форд се подразбира.
И да, ако наредниот пат на ова место прочитате нешто што не ви се допаѓа, не мора да го печатете текстот, оти нема да го бришам па можат и од овде да го читаат оние кои ве тераат да ме следите, додека вам повеќе ви се читаат новопоговорките на фејсбукот . Па мајка му стара, има милијарди сајтови на кои можете себе да се пронајдете. Мене не ме барајте онаму каде национализмот и ововековниот фашизам се обидуваат да стигматизираат. Особено ова важи за следбениците на новите фејсбук воини. Баш ме заболе за нивниот примарен антички животински инстинкт, биле тие актери, политичари, новинари, владини – невладини или фејсбук мислители. Немојте да се лигавите, немојте да ширите омраза, оти војната не донела никому добро. Така да, седете си на вашите маси по “трендовските“ кафеани, постирајте си “умни мисли“ помеѓу две селфија, патриотизирајте се до небото од преку “барата“ (а и од оваа страна) за време на паузата додека заработувате за да го платите данокот во државите каде што се наоѓате, само немојте да го (зло)употребувате зборот – војна. Во војните сите семејства се жртви. Ебати тоа воинствените!
П.С. Денеска сум свечено расположен (мене секојдневно ми е празник – го славам животот), така да можам да си дозволам да ја преслушам комплетната оставштина на загребски “Haustor”. Ма и самостојните дела на Darko Rundek. А следното наше дружење почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево, ќе тераме роденденска колумна. Што и како, следното читање, првите денови на март 2017.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

1 comment:

  1. Марјан, за загаденоста трибина не брка работа! Ќе треба поголемиот дел од човештвото у Македонија одпоново у основно образование. Пред некој ден бев у Македонија и со мои очи забележав како човеците сѐ шо може да гори го фрат у оѓинот - без око да им трепне. Дали било целуфанчето од кутијата со цигари, дали била пластичното паквање од горбиите абе сѐ, сѐ шо може да горе завршува у шпорто!
    А за Св. Трипун и останатите празници - таа е. Чим поповите, “јавните лчности“ и медиумите си се нашче на иста бранова должина - КОМПОТ

    (од Гого)

    ReplyDelete