Monday, July 31, 2017

Блузирање (218-248)

(прва кавадаречка колумна)

Лето во Кавадарци. Таму некаде доцните седумдесети, почетокот на осумдесетите на дваесетиот век. Кавадарци се движи кон својот економски врв. Еден куп фабрики со илјадници вработени. Се оди на летен одмор на Јадранот, во Охрид, Преспа и Дорјан, по кампови и работнички одморалишта. На Јадранот започнува да функционира Јадранската магистрала, па по неа до Улцињ, Будва, Херцег Нови, Макарска, Јадранските острови се до Пореч. Па велелепните плажи крај Беќиќи, монденската “Словенска плажа“, па Башка Вода, Бабин Кук, Свети Стефан, па во Дубровник, да се нахранат гулабите, да се прошета низ Страдун. До Охрид и Преспа се одеше исто како и денес, преку Ресен. До Дорјан, на излезот од автопатот до езерото по недовршен локален пат (на дел од него се минуваше преку река), а таму камповите “Мрдаја“ и “Ачикот“ и култната “Кавадаречка плажа“. Грција штотуку почнува да функционира како “мека“ за македонските туристи. Денешните “ексклузивни туристички места“ во доцните седумдесети, почетокот на осумдесетите на дваесетиот век беа обични приморски села, со два колонијала, една слаткарница, три ресторана, една продавница за се и сешто и рибарски мрежи во недоглед. Се одеше на летување кај јужниот сосед по принципот пола – пола. Половина пари за летен одмор (претежно кампување), половина пари за шопинг во Солун. А од Солун теписи, лустери, сервиси за ручување, маслинки, лубеници, кафе и слични тракатанци и дребулии, натоварени на фиќињата и правец дома.
Инаку, за Јадранското море и летните одмори во тоа време има и други (вистински) приказни. На пример Релито до Сутјеска. Ама за тоа - во некоја друга прилика.
Лето е во Кавадарци и оваа тековна 2017 година. Една од годините во која летните доживувања се измиксани со политика, претежно дневна, сакате наречете ја и банално политиканство. Од гнасен и лажен патриотизам, до ефтин популизам. Патриотите се на одмор во Грција, Бугарија и Албанија (оние најпатриоти и на ексклузивни прекуокеански дестинации), а останатите во Охрид, Преспа и Дорјан, поголемиот дел на Тиквешкото езеро. Се друго што не спаѓа во двете категории се по полињата, на плантажите со грозје, продаваат бостан по пазарите. Ух, кога ќе ми текне дека солиден број се по белосветските дестинации, ама на работа, по парче леб, далеку од најблиските и кавадаречкото секојдневие на кое најверојатно доживотно ќе му се навраќаат само како гости. Не се тие виновни, виновно е ова мочано општество, општество на нееднаков третман и партиско вработување и делење по безвезална основа. Нејсе, лето е во Кавадарци и оваа година. Ама ептен лето, дури и улиците на овие пеколни температури нема кој да ги измие. Којзнае, можеби цркнаа камионите со прскалки и црева, фаповите од таму некаде после втората светска војна. Амин.
Со оглед на тоа што не спаѓам во ортодоксните патриоти, ниту пак спаѓам во оние “другите“, а го обожавам летото со сите негови перформанси (високи температури, кратки панталони, сонце бре), си го истерав годишниот одмор, таканареченото летување, онака како што сакам, таму каде што сакам, со тие кои што ги сакам. Оти, Кавадарци е сеуште на истото место, сеуште мороните се паркираат на пешачки, се помалку има место низ градот за (градски) велосипедисти,  а пешаците се тресат на семафорите. Сеуште Споменикот на слободата е на Градскиот плоштад , само што пораката “За слободата на народот свој“ е нечитлива и е нагрден тој истиот споменик со остатоци од плакати за кафански свирки и турбо – фолк забави.
Арно ама и утре е нов ден. Грозјето ќе го берат и идните генерации, вино и ракија ќе се прави и понатаму, само што нема да се вратат убавите луѓе кои по парче леб заминаа одовде. А не да ни недостигаат, се радуваме на било каков абер од нив. Особено ако се смилуваат да ни дојдат на гости, кога за тоа ќе имаат време. Оти, оние кои заминаа последните десетина години не се гастарбајтери, тоа се луѓе со нови татковини. Македонија и Кавадарци им се само попатни станици. И ако, нека е така.
П.С. И да не се заебаваме, отворете очи на четири, доаѓа време на “Тиквешки гроздобер 2017“. Истата компанија (или што ли е) која го организира, е организатор на многу други “манифестации“, една од нив и Пиволенд во Скопје. По кавадаречки кажано “кај ниј пар’те, кај нас ем празно меме, ем поганилок“. За вино и ракија да пијме - сите имаме по дома. Друго нешто ни треба бре организатори низаедни! Пејсет илјади евра за Северина, нели ве срам бе говеда!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Sunday, July 16, 2017

Блузирање (217-247)

(прва кавадаречка колумна)

“…Ostajem sam, ostajem sam
u ovom gradu strahom zatrpan
ovaj grad je nekad
bacao svetla daleko
ovaj grad je mogao bolje…”
(EKV “Zajedno”, LP “Neko nas posmatra” 1993)

Кога годините ти се нижат испреплетени професионално и приватно со културата и уметноста, задоволството од направеното не ретко ти се движи кон еуфорија. Но затоа, не се ретки и падовите, особено во оние каде рацете ти се врзани и не си моќен ништо да промениш, поради тоа што нештата и не зависат од твоите можности. Нејсе, на 10 јули годинава по шести пат ја реализиравме Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“ посветена на Дејан Костов Лиса, еден од последните вистински урбани ликови во Кавадарци, дете на поубавата страна на кавадаречката приказна. Задоволството дека манифестацијата беше успешна е големо, особено што бројната публика присутна таа вечер на платото под Винската куќа во Градски парк Кавадарци – го препозна моментот, ги препозна урбаните вредности и реагираше прекрасно. Секако, благодарејќи на сеќавањата за добриот човек Дејан Лиса, но и поради учесниците: Гордан Ристовски Гого со неговите уметнички фотографии, ептен фино вклопени во амбиентот, актерот Александар Малинков со неговото некласично водителство и интеракција со присутните и секако рок бендот “Лексикон“ со извонредниот репертоар и настап. Задоволството е уште поголемо, бидејќи е во организација на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, кое за пет години постоење се движи исклучиво кон целите поставени на самиот почеток – организација на алтернативни културни и уметнички случувања. Досега зад нас се шест реализирани Меморијални манифестациии “Денот кога се роди добриот човек“ (во моментот најдолготрајната манифестација во Кавадарци организирана надвор од официјалните институции), како и две реализирани манифестации “Пријателите за Ристо“ посветена на големиот уметник и човек Ристо Соколов Сокол. Да, за неверување е, ама следуваат подготовки за наредни манифестации кои го носат предзнакот урбани и алтернативни.
Да се вратиме на кавадаречкото секојдневие. Деновиве како гром одекна информацијата за содржината на годинашното издание на манифестацијата “Тиквешки гроздобер“. Организаторот ја потценил и обезвреднил оваа повеќе од половина век стара манифестација и годинава дефинитивно ја ставил на рамниште со селски панаѓур. Е па сакавме да го организира приватна компанија и сега ни се свети целата постапка и полека, но сигурно, ја губиме манифестацијата која бројни генерации ја граделе, оставајќи го својот ентузијазам и знаење во интерес на градот. Денес имаме манифестација во чија реализација организаторот нема вклучено ниту еден од креативците од градот. Акцентот е ставен на музичкиот дел, кој е како пресликан со сличните масовни манифестации низ државата. Денешната верзија на “Тиквешки гроздобер“ е нешто како “туѓо тело“ за градот. А манифестација која не живее со граѓаните на градот во кој се организира, манифестација на која речиси и да нема гости од страна, не ќе да е нешто со кое градот може да се гордее. Напротив. Карневалот со десетина поставки, кој навечер поминува низ несоодветно осветлената “Илинденска“ за таа прилика, е тажна приказна сам по себе. Во содржината на организаторот нема Земјоделски саем,  Вински парк, Меѓународна фолклорна вечер, спортски турнир, нема штандови за продавање грозје и производи од грозје... Ама затоа пак ја има Северина! Јебига, такви какви што сме, изгледа си го добиваме она што сме го заслужиле. По објавувањето на содржината на годинашниот “Тиквешки гроздобер“  пред некој ден, реакциите по социјалните мрежи (други реакции нема) траеја неколку часа. После тоа молк. Вообичаен молк. Традиционален. Ептен традиционален.
П.С. Пред 25 години, далечната 1992, во Кавадарци се одржа првиот “Тиквеш Рок Фест“. Учествуваа 11 бендови од Кавадарци, еден од Неготино, а гости беа Зијан (Гевгелија), Боб – Рок (Штип) и Александрија (Штип). Поголемиот дел од организаторите на овој рок фестивал кој доживеа три изданија денес се во веќе етаблираното Здружение за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци. Толку. Токму. А бевме дел од “Баухаус“. И сеуште сме.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

Thursday, July 6, 2017

Блузирање (216-246)

(прва кавадаречка колумна)

Жешко. Лето е насекаде низ Европа, па и во Кавадарци. Кавадаречките приказни ова лето се за нијанса поинакви од претходните. Оние секојдневни, кои се однесуваат на топорењето по летните бавчи, мизеријата од сообраќајна (не)култура и озборувањето – се исти. Друго нешто е различно, арно ама на повеќето од нас им е сеедно, оти за другиот станува збор, не за мене. Изминативе десетина и озгора години се изнаслушавме приказни за странските инвестиции, за олеснувањето на животот, за убавината на “туѓиот“ раскош, така да, ако сакаш да останеш при здрав разум – сади китки и вади ги, спростирај алишта и оди на доктор, да не случајно ти е подобро вчера отколку утре. Не ми е за друго, приказните низ градот за затворање на Фени Индустри, за драстично намалување на вработените во Дрекслмаер, не ќе да се на добро. И додека не се појават официјални информации за реалната состојба, можеме само да ги обвинуваме за лаги пренесувачите на лоши вести. Или па не?! Можеби проблемот е во Росоман, во трите илјадарки за секое новородено дете?! Сума на пари која тамошните власти си ја ивлекле од џепот таман пред локалните избори?! Не се заебавај! Арно ама,  според сите животни параметри и стандарди, инсајдерските информации велат дека тоа требало да се случи минатата година, некаде пред парламентарните избори. Истите тие инсајдерски информации велат дека со наши пари тоа не се случило. Јебига, како тоа со наши пари?! Ами така – инвестициски! Така барем велат луѓето кои ги познаваат нештата низ градот. Прашањето е зошто тоа нам жителите на Кавадарци не ни се кажува! Одговорот е најверојатно поразителен, ама да не се правам правник, оти според сите позитивни законски прописи, според Уставот на РМ, на граѓаните на Кавадарци некој требало да им го каже тоа. Кој? Оној кој од името на граѓаните, со право добиено на избори, раководи со градот и сите оние човечки штрафови кои земаат дебела плата за тоа. И немојте да ми ги топорите овде приказните дека сите сте на одмор, демек, имаат пари за тоа, а ваму сите до еден, вклучувајќи ме и мене, тераме патлиџан туризам. Оти со двеста евра плата се тера патлиџан туризам, а со 2000 евра се тера одмор на Халкидики, на Бора – Бора, на островите на Јадранот, наместо да се оди во затвор. Јебига! Тоа е тоа. Некого ќе фати клетвата, некого ногата.
А со оглед на тоа што паметам од поодамна, се сеќавам на некои лета низ Кавадарци, кога лежерноста на летните денови не се бараше, туку се подразбираше. И немам намера сега да ви раскажувам приказни, оставам сами да уживате во вашите сеќавања. Летната сиеста ја прават луѓето, не политичките деликвенти. Особено не оние кои ги товарија магарињата и денес нафатирани демек не знаат зошто обичните луѓе ги мразат. Неоти е добро, ептен лоши сеќавања ќе имаме од последниве години.
Филозофирање? Неее, на одмор сум. Терам патлиџан туризам.
П.С. Лето е. За некој ден и 10 јули. Денот кога се роди добриот човек Дејан Костов Лиса. Дете на поубавата страна на кавадаречката приказна. Во понеделник, на 10 јули 2017 навечер, ќе бидеме во Градскиот парк, на платото под Винската куќа, онака да се потсетиме и да му речеме благодарам што постоеше на Дејан Лиса. По шести пат ќе ја тераме Меморијалната манифестација “Денот кога се роди добриот човек“. Со троа урбани приказни и рокенрол. Оти така треба.

By
Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3