Saturday, October 14, 2017

Блузирање (222-252)

(прва кавадаречка колумна)

“Децата од нашата улица“ – Неџати Зекерија
“Зоки Поки“ - Оливера Николова

(книгите кои не ги прочитаа кавадаречките транзициски мераклии за политика)


Значи да се повториме од годините наназад: Кавадарци е град без тротоари; Кавадарци е град со хаос по улиците и булеварите... И што е најсимптоматично, Кавадарци последниве неколку месеци стана повторно нечист град. Катастрофалното влијание на изминатите години, ни се врати како камен по наша глава: Цело лето кавадаречките улици не видоа капка вода, асфалтот во моментот е покриен со некоја мрснотија (слична е состојбата со тротоарите од старата автобуска натаму, на потегот на ул. “Илинденска“ од Водната заедница до Стопанска банка и надолу по ул.“7-ми Септември“, па и на тоа ледината од плоштад без гранка зеленило и тоа дупката наречена “амфитеатар“ - прашајте ги археолозите/архитектите/уметниците поконкретно како се вика “градбата“), така да – Џабе везеш блузеру!
Викендот кој ни престои ќе се преброиме (колку и тоа да звучи грдо). Според моменталните градски банана состојби – ама баш буквално ќе се преброиме. На оние кои го сакаат Кавадарци и на оние кои сакаат да имат корист од Кавадарци. Ама ептен буквално. Ќе бидеме град, чии перспективи се големи, чиј модерен средноевропски архитектонски и економски код се подразбира или ќе бидеме паланка/касаба низ која ни се шетаат партиски полицајци (аман од униформи!) и не дај боже утре Ердоган, Орбан, Додик, Вучиќ и сличните да ни прошетат по “Илинденска“, та да му мафтаме знаменца... Арно ама, градот ќе продолжи да дише, урбаното подземје ќе живее. Особено поради тоа што е рането, а со тоа и поопасно по руралните накази кои изминатите години жестоко нагазија по градското живеење. На пример: Се ветува дека Кавадарци ќе има велосипедска патека од Ваташа до Моклиште. Да, океј, велосипедистите кои се движат надвор од градот и населените места, рекреативците и треба да го имаат тој потег на движење. Што со нас велосипедистите кои секојдневно се движиме низ градот и неговите факинг улици?! Да ги продадеме велосипедите и да седнеме по тоа узурпаторско/тротоарските  летни бавчи на кафеаните и кафулињата и да се топориме со по едно еспресо цел ден?! Ма немојте приказни за мали деца. Па со моменталната констелација во Кавадарци, ниту пешаците немаат простор за функцинирање. И нешто многу поважно - Господари на градот не ни се потребни. Ниту пак квази хуманитарци со сопствени возила. Кавадарци не е на продажба?! Не, Кавадарци има потреба од луѓе – домаќини. А домаќинлукот подразбира – да има за сите. И да, да не заборавиме на една основна работа, работа која градот го прави град – културата и уметноста. Ништо бре не слушнавме за најбитниот сегмент од градското живеење. Само трошки. 
И да заокружам за изборите со две реченици (?!). На Кавадарци не му е потребен менаџер, на Кавадарци му е потребен Градоначалник. Човек кој е добредојден во сечиј дом. Човек, чија партиска припадност нема да биде одлучувачка, туку четирите години фукнција ќе ги извршува беспрекорно и нема да размислува за тоа дека ако добие уште еден мандат, та вторите четири години да му бидат да си го “нап’не мемето“ и да не врати назад уште за десет години. А такви беа сите досега. Демек градоначалници, а? Плаќаме данок, па за нас како одговорни граѓани на (сеуште, колку - толку) град Кавадарци е најважно дека нема да се сведе на панаѓурско место. 
Неговото величество Граѓанин на град Кавадарци е на потег. Никакви партиски рекети не можат да бидат над основното граѓанско право – да се даде глас на демократски избори. И нека никој, повторувам, никој нека не ви продава приказни дека кога ќе застаните зад тоа гласачкото пано, дека треба да се потресувате дека некој “озгора“ гледа за кого гласате. Не, Вие сте Господар на тој простор и Вие одлучувате како ќе изгледа животот наредните четири години во нашата заедничка локална заедница наречена – Кавадарци!
П.С. Петок е... Почеток на викендот. Ова ќе биде бурен викенд секако. Не дека така сакаме, туку така ни е наметнато. Пола век битисувам во овој град. Од денот на моето раѓање. Во недела сакам Кавадарци конечно да осознае дека е град, а не нечија приватна прчија. Доста е бре! Да си дадеме шанса себеси. Барем малку.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment