Monday, October 23, 2017

Блузирање (223-253)

(прва кавадаречка колумна)

Кавадарци нит’ криво, нит’ должно, ќе чека и втор круг од актуелните локални избори. Јасно ни е кој се ќе седи во наредниот Совет на општината, само уште лежерно да избереме Градоначалник, па да продолжиме со животот. Можен ли е лежерен избор? И тоа како. Само соберете два и два, кратко размислете која е предноста на едниот или другиот кандидат и ете ви лежерен избор. Та од 30 октомври да се посветиме на кавадаречкото секојдневие кое во моментот и не е баш пристојно. Оти, такво ни го оставија речиси сите претходни “владетели“, со нивната преголема љубов кон Кавадарци. И нивните преполни џебови “љубов“. Да, не е се во кеш, има нешто и во некретнини кои ние сите ги гледаме сиве овие години, ама еве и по првиот изборен круг сме “слепи при очи“. Да, Кавадарци ќе биде пристојно место за живеење еден убав ден. Само немојте тоа да го направат вашите внуци. И немојте по 29 октомври 2017 да шепотите (како изминативе дваесет и пет и озгора транзициски години), да се вртите наоколу (немој некој да ве слушне кога дишете) и да го проколнувате денот кога сте ја испуштиле шансата со обично пенкало да им обезбедите колку – толку пристојна и слободна иднина на вашите деца. Навивачки? Не, само едно реално размислување по дебело лошите искуства живеење во овој град, со погрешни луѓе на погрешни места. Кои се тие? Ма драги мои и почитувани случајни или намерни сопатници во блузирањево – треба ли јас ништожникот блузер да ви кажам, та вие добро ги знаете, не е потребно јас да ви ги посочувам. Ете ви ја недела, втор круг на годинашните локални избори, па преесапете се, имате време и одлучете. Оти ниеден човек не е на продажба, ниту еден град, најмалку Кавадарци, не може да се купи со никакви пари. Џабе после олеле кога уште една генерација млади и перспективни луѓе ќе ни заминат некаде каде што почитувањето на вредностите на општеството и доблеста на граѓаните се секојдневна работа. Значи да се потсетиме на претходното наше дружење (14 октомври 2017): “На Кавадарци не му е потребен менаџер, на Кавадарци му е потребен Градоначалник“.
А какво Кавадарци имаме денес? Последните месеци ни се “случуваат“ голем број на мали депонии низ градот. Ликот на еден град меѓу другото го прави и централното градско подрачје, а во Кавадарци и тоа во строгиот центар (на потегот на улиците лоцирани по раскрсницата  Илинденска/Мито Хаџивасилев Јасмин/7-ми Септември/ЈНА) секојдневно распостелени со ѓубре и нечисти тротоари. Оти нечистотијата не се решава само со едноставно метење, мрснотијата останува, отворените одводни шахти шират смрдеа и џабе свртувате поглед нагоре, кога таму ве чекаат грди фасади, очи да ти истераат со тоа подизградените поткровја и преградените тераси со секаков, само не со пристоен градежен материјал. Некој им го дозволил тоа? Да, претходните “владетели“ на градот, со сите нивни калкулации за тоа како се води општина (град), со сите перформанси на малограѓанско решавање на социјалните проблеми. За жал, на дел од “владетелите“ децата и внуците од поодамна не им живеат во Кавадарци. Забиберени во некои светски и македонски центри ни се смеат на маката. Арно, ама ние останавме во Кавадарци и еве ни го моментот да си дадеме шанса себеси и на градот. Живи, здрави, се гледаме некаде низ градот, во едно ослободено од страв Кавадарци.
И да, ова не е место за поплаки и жалби. Ова е место за (субјективни?!) критики и пофалби. За блузирањево говорам. Овде има и промашувања, но и големи дострели. Ова не е место за големи политики, туку едноставно – парче слободна територија за пласирање на сопствено мислење. Ако тоа до сега не сте го разбрале, можеби ќе ви успее следното издание.
П.С. Да, на следниот Градоначалник останува да ги реши основните урбани недостатоци на градот Кавадарци, кој своевремено визионери архитекти му ја дале во градскиот код основната средноевропска градска насока за модерен град. Така да, доколку е некој подготвен да остане последен и да ја “изгасе ламбата“ нека каже ние другите навреме да си извадеме билет во еден правец. Оти тоа ни следува, ако не сакаме да бидеме дел од заебанциите (?!) кои се шират низ социјалните мрежи, а една е во стилот “Кавадарци е следно Кратово“. А Кратово нит’ криво, нит’ должно.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment