Tuesday, January 9, 2018

Блузирање (224-254)

(прва кавадаречка колумна)

Еден од недостатоците на кавадаречкото секојдневие (ќе забележите секако, многу важен недостаток) е немањето реална и објективна критика на општествените вредности, во било кој сегмент на тоа исто општество, само во локални услови. Да, во сите сегменти - економија, политика, спорт, култура, уметност, туризам и така натаму и така натаму. Се судруваме со реалниот проблем со неверојатното субјективно размислување дека во Кавадарци ја имаме најдобрата економија, најдобрата политика, најдобриот спорт, најдобрата култура, најдобрата уметност и така натаму и така натаму. Да се разбереме! Овде стотици пати се критикувани општествените небулози кои му се случуваат на градот, па да се повториме – да го сакаш својот град не значи да ги прифаќаш сите глупости кои ти се сервираат и ги живееш секојдневно, туку да ги бележиш недостатоците, да критикуваш неквалитетни општествени производи и да поставуваш прашања. На пример прашањето – зошто некој не си ја заработувал платата а имал одговорност да го подобри живеењето во градот, нема никаков одговор од никакви “структури“, ниту надлежни за истото.
Во моментот Кавадарци живее во некаква чудна ретроспектива на нештата, како едни ги бивало, други не, а сето тоа завиено во обланда на “нечепкање“. Навраќајќи се на почетокот на овој текст, па и надоврзувајќи се на празничната еуфорија во која сите си посакавме благосостојба, како да таа ќе дојде “секунда“ по честитката, заборавивме дека веќе денес треба да се заработи за парче леб, треба да се купат нови панталони, ете прв братучед го женел синот па се потребни пари за поклон, па шминкањето на градот, дејствие кое ни го сведува животот на новогодишно ќесе чија содржина ќе биде изедена веќе денес, сакам да кажам – се е гола вода. Особено што статус – кво состојбата ќе не одводе ептен брзо во ситуација да не знаеме од каде ќе долета “куршумот“ кој нема да не убие, туку само ќе го “инвалидизира“ секојдневието наше насушно и ќе не врати на почетокот – на баналноста на живеењето во град кој прегорувајќи во желбата да биде град, ги стандардизира паланечкиот менталитет и карактер на касаба. Кавадарци пристојно место за живеење?! Продолжуваме да ги бараме одговорите на непоставените прашања (поради постојаниот и забеган страв де!) веќе во наредните епизоди на оваа самобендисано наречена прва кавадаречка колумна.
П.С. Нема П.С. Само - се читаме наредните денови! Особено што приказните дека блузерот се уморил не се ниту смешни, ниту сатирични, туку само блуење на малограѓанштина која има сосем основан страв дека може да биде “прочитана“ токму на ова место и  тоа од милион мали причини, онолку колку што ни е мал градот за кој овде станува збор со години наназад.

By
Марјан Т.
Бул. “Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment