Wednesday, May 2, 2018

Блузирање (227-257)


(прва кавадаречка колумна)

Ме нема од поодамна, велат се уморил блузерот од пишување, му снемало инспирација?! Ма нее, напротив, семејни и службени обврски, тука – таму по некој мрзлив ден и ете ме повторно. Оти Кавадарци дава неверојатна инспирација за пишување, на овој или на оној начин – сеедно. За инает? Не, за незаборав. Оти напишаното останува. Затоа продолжуваме да се блузираме и понатаму, особено што, така да кажам, новите општествени прилики во Кавадарци го налагаат тоа. Ајде вака:
Паметам кога се радувавте на “реновацијата“ на кавадаречкиот Градски плоштад во времето на двајца поранешни градоначалници со по два мандати (Било – никогаш да не се врати!). Сите бевте чаршијарски архитекти, уметници, шумарски инжинери и градежници. И никој со ниту еден гласен збор не придонесовте центарот на градот да не умира во прашина, без зеленило. Сега сите пцуете по тоа “кој прв започна“, арно ама иронијата да биде поголема и бележита, сеуште сте истопорени на истиот тој грд (погрд не може да биде) плоштад од 11 до 13 часот и бистрите политика, “тепате“ време, сеуште “драпате мадиња – може и бетер“, се крстите во Тито и се што дојде по него до ден денешен.  Да, Градскиот плоштад во Кавадарци под итно бара нова физионимија, нов изглед, нови луѓе кои ќе го анимираат “мртовецот“. Градскиот плоштад бара заборав на оваа грдотија која мизерува во центарот на Кавадарци.
Туку, за друго ми беше зборот. Нешто за сите кои не мрднале од Кавадарци и не запознале човек од друга националност. Ма и за оние кои одат на разно – разни одмори, викенди и слични лежерни дострели по соседните земји, море и за оние кои по службена потреба одат на “подобрување на добрососедската соработка“, па со нивните квази патриотски статуси по социјалните мрежи ни продаваат пуфки. И уште нешто, ако најголемиот патриотски дострел ви се скопските молови во сопственост на странци, веднаш барајте друга страна за читање. Преиспитајте се троа, појдете во библиотеката, прочитајте некоја книга, распаметете се од убавина, оти светот е тоа – полн со убавини. Да, апсолутно се слагам дека има лоши работи: војни, сиромаштија, диктатури, криминал, лоши луѓе... И што? Да престанеме да се радуваме, насмевките да ни се за по дома?!
Токму затоа во моментот најважни се секојдневните кавадаречки херои, сите оние кои не се испозанесиле откога ги фрлиле опинците во првиот контејнер и ги наметнале лакираните чевли. Еден куп примери низ градот. Арно ама, без луѓето кои домашниот смет го фрлаат во првиот контејнер, без луѓето кои предупредуваат на тешките аномалии кои му се случуваат на Градскиот парк, без луѓето кои предупредуваат за повторното активирање на веќе исчистените градски диви депонии, без луѓето кои возат храбро велосипед по кавадаречките улици меѓу возилата кои мороните ги паркирале каде ќе му текне, нема остварени желби во стилот “Кавадарци пристојно место за живеење“. Да имаме уште десет комунални претпријатија во Кавадарци, нема да можиме глава да крениме од нечистотија ако не тргнеме од себе. Кавадаречкото секојдневие и покрај ужасите на ортодоксната сообраќајна некултура, неверојатната општа некултура, мора да даде чекор напред, токму заради парадоксите кои му се случуваат. Ако некој не го сака својот град, ако некое транзиционо синче или ќеркиче забегало со парите на татко му, ете ги позитивните законски прописи, ете ги казните и глобите, па да се преброиме во нашата љубов кон родниот град. На ред се институциите на системот, било локални, било државни, конечно да не ослободат од несовесноста и злото на поединци, од негрижата за заедничките добра, било да се тоа урбани недостатоци, било да е тоа (не)грижа за излетничките места, со нагласок на Тиквешкото езеро, било да е тоа ортодоксната негрижа за маалото во кое се живее.
П.С. Месец мај е. Пролетта е несебична, арно ама ние сме себични и злобни во неверојатната негрижа за тоа што ќе им оставиме на генерациите кои доаѓаат.

By
Марјан Тодоровски
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци