Sunday, June 17, 2018

Блузирање (228-258)


(прва кавадаречка колумна)

Месец јуни. Фин како и секоја година. Преубав поради многу нешта. Е сега луѓето кои го користат, не дека ќе се многу фини, педантни и културни. Особено ако направиш една површна прошетка низ Кавадарци, ги разгледаш новите зелени површини (за пофалба), море и постарите и се тревожиш на некултурата на солиден дел од твоите сограѓани, кои ја гнасат секоја педа од градот, каде на нормален човек му е “шубе“ книвче да фрли. Педантните хроничари на овој град (дај Боже да ги има) ќе го забележат ова премрежие од години како време на неверојатна негрижа за околината, како време во кое себичноста е главна карактеристика на тукашното население. Башка психијатриските случаи кои своите (од трета рака купени) моќни возила ги паркираат кој каде стигне, како да градските улици се оставштина од татко им. Хроничарите секако дека ќе забележат уште многу нешта и идните генерации  ќе се чудат на толкавата омраза кон својот град, кон се што е позитивно во неговото (денешно) секојдневие. “Џабе везеш блузеру“ – би рекле дел од вас. Ама ако, нека биде запишано.
Деновите кои врват неповратно, ќе се паметат по многу контроверзи. За жал, најмногу по нашата немоќ да бидеме вистински граѓани на својот град и својата држава. Особено по шалабајзеркото однесување кон општествените вредности. Да се потсетиме: Овде се што е заедничко е ничие. Ма има многу приказни за нас, за нашата глупост и за жал повеќето ќе останат незапишани оти нема толку многу страници во ниеден тефтер, тетратка или книга, нема толку медиуми кои што можат да посведочат. Ниту авторот на овие редови не е имун на општата состојба. Успеавме бре се да испоганиме!
Да, токму денес е актуелно потпишувањето на конечниот договор за завршување на спорот за името меѓу Македонија и Грција. И веднаш да се потсетиме уште за нешто: Со самото влегување во ОН со таканаречената привремена референца БЈРМ, сите знаевме дека еден ден Република Македонија ќе мора да го промени името. За жал. Но, со оглед на тоа што сите знаевме што ќе се случи (а некој изминатите десет и озгора години не потерал работа во интерес на државата туку само не затворал меѓу четири ѕида, ја плачкосувал државата и ни стварал непријатели) за да денес се обидуваме да одиме напред и ете не по сите европски и светски параметри со еден чекор напред кој може да не извади од калта. Може, ако ние сакаме и знаеме. Ако не, ќе си гниеме како последен испрдок на една националистичка и фашизоидна еуфорија, која, и вие тоа го знаете, не му личи на еден народ мал по бројка и територија. Ние сме големи по многу нешта, ама некои други параметри го прават светот тоа што е. Знам, пцовката веќе е упатена, ама ако де, нека ни стои и вам и мене, ама сам против сите никаде не се стигнува. Затоа, уште еднаш, ако сакаме и знаеме, некои многу фини нешта може да произлезат од денешниот ден.
И немојте со квази патриотските тупења во стилот дека имаме и ние природни убавини, дека не ни треба морето на јужните соседи. Ако ви држеа фактите истото ќе го упатевте и до оние кои одат на море во Бугарија, на Јадранот, на Средоземното море, по којзнае какви туристички дестинации. Оти токму денес, оние кои за вас се предавници тераат викенд во Преспа, Охрид, Струга, Дојран, Михајлово, Пелистер, Осогово, Берово, Моклиште. Особено што фејсбук патриотизмот со постови од грчките плажи (па и се тагирате од таму без грам добра мисла) од поодамна е прочитан. Така да, последен момент е да кинисаме кон нешто подобро. Оти Македонија е дел од Европа, па и со новото име, ама како македонци и со основниот дефенит на идентитетот – македонскиот јазик.
П.С. Во контекст на погоре напишаното, колку е мал светот и колку сите сакаат да бидат дел од него. Па дури и Русија, со актуелното светско фудбалско првенство која се “тресе“ над сите гости од целиот свет, дури и тамошниот Путин знае дека без другите не се може, па се преесапува за својата надворешна политика. Што ли само би дале разно – разни белосветски ердогановци и орбановци денес да бидат дел од поубавата страна на светската приказна?! Оти првиот чекор кон спокојот и доброто утро за генерациите кои доаѓаат треба да го направиме сами. Голем дел од нас денес го сторивме тоа.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци

No comments:

Post a Comment