Wednesday, September 26, 2018

Блузирање (231-261)


(прва кавадаречка колумна)

Летото заврши. Па и во Кавадарци. Намерната (и потребната) пауза на блузирањево овде прекинува. Кавадарци сеуште е на истото место, само дупката на плоштадот повеќе нема да постои и конечно онаа ледина наречена “Градски плоштад“ заминува во историјата. Новиот изглед на централното градско подрачје ветува. Сега - засега само со најава. Ќе видиме. Беше лето и оваа година, веќе е зад нас и се нешто ми се чини дека големите промени на Кавадарци почнаа да му се случуваат, големите промени на Македонија исто така започнаа да и се случуваат и ќе бидат уште поголеми доколку така сакаме. Умерениот оптимизам никого не може да убие, нели. Само има ли овде некој да ги забележи и тие промени да ги свати сериозно, без да плука по оние кои ги бива, оние кои ептен сериозно се зафатиле со работа за која се платени од парите на граѓаните. Не дека сите се такви. Сеуште сме далеку од тоа. Чекор по чекор, скалило напред, пред се кон Кавадарци како пристојно место за живеење.
А што тоа, ова штотуку заминато лето донесе во Кавадарци. Секако, од аспект на граѓани на овој град кој или го сакаме или не. Се друго е гола и мизерна приказна. И овде дефинитивно да се разбереме – градот се сака без розови очила, без лигавење и умилкување, туку со чиста мисла дека она што не чини треба да се каже, а не да се тешиме со квази поговорката “Има и бетер“.
Летото кое замина во најголемиот дел личи на летата изминатите години. Кавадарци сеуште е град на екстремна сообраќајна некултура, град каде на секое ќоше течат нечисти води од климите врз главите на случајните или намерните минувачи, Кавадарци сеуште е град на преполни контејнери уште рано насабајле од “мутанти“ кои се во состојба ѓубрето собирано со години да го истоварат “на увид на јавноста“ без око да им трепне. Посебен случај се дел од маркетите кои не затрупуваат со “картон“ како од дома тоа нивните газди да си ги донеле контејнерите, та трупај до небото. “Комуналец“?! “Комуналец“ последниве месеци извонредно си ја тера работата за која е платен од граѓаните, само што дел од граѓаните се посираат на секој новитет воведен од нивна страна и тоа за разлика од годините наназад, денес завршен според сите дефиниции за општествена одговорност на едно јавно претпријатие. Арно ама, не може “Комуналец“ да исчисти толку колку што ние може да закашкаме. Пример? Безброј! Сите нови зелени површини се избербатени, новите тротоари личат на приватни паркинзи и автомеханичарски работилници, а новите детски игралишта служат за подбишега на (мало) граѓаните кои живеат во нивната околина. А токму нивните деца се секојдневни корисници на истите. Неверојатно!
За “Тиквешки гроздобер“. Оние кои ме познаваат (или следат на интернет), знаат дека најважниот момент за мене е враќањето на Карневалот во нормален денски амбиент. Со тоа завршува “ноќната берба“. Организациски нивото на манифестацијата кренато за неколку пати, без посериозни инциденти, вратени се случувањата во полициското паркче и иако “Тиквешки гроздобер“ (самиот наслов на манифестацијата кажува се) не треба воопшто да се гледа низ призмата на “музичките“ изблици, сепак малку повеќе домашни (градски) исполнители на главната сцена и троа повеќе консултација со граѓаните на Кавадарци при изборот не ќе е на одмет. Се на се, според вложениот труд “Тиквешки гроздобер“ се движи кон манифестација од која нема да се срамиме како што беше наназад неколку години. Се друго што е најавено за наредната година, ќе го коментираме кога ќе биде објавено официјално.
А сега нешто сосем друго. Секојдневието не научи дека овде не постои критичка мисла, односно луѓе кои слободно ќе го изнесат својот став во интерес на вистината. Овде критиката се сфаќа толку лично, иако во основа е наменета на подобрување на нештата кои се случуваат во било која општествена дејност. Да, овде не вирее ниту почитта кон поинаквиот, кон различното мислење. Јебо нас Волтер!
И да, Домот на културата во Кавадарци има две сопствени претстави на репертоарот, а наскоро ќе излезе со добра изложба за љубителите на ликовната уметност, плус други програмски активности речиси секој ден - посетете го. Кавадаречкиот Музеј Галерија издаде извонредна монографија за ликовните дела кои се во нивна сопственост и има два објекта кои работат секој работен ден - посетете го. Кавадаречката библиотека функционира нормално и ете овој блузер го радува многу што се повеќе читатели се од младата градска популација. Библиотеката работи секој работен ден - посетете ја. Значи да заклучиме: успехот на културните и уметничките случувања не секогаш зависат од организаторите.
А кон крајот на летото пак, на Кавадарци му се случи возобнувањето на “Тиквеш Рок Фест“. Со организациската поставеност на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“,  Кавадарци успеа да се врати на фестивалската сцена во Македонија и пошироко. Малку необично за овој град, но ете, по завршувањето на “Тиквеш Рок фест 2018“ започна организацијата на “Тиквеш Рок фест 2019“. Зошто? Оти така треба.

П.С. И еве не постскриптумовски за она што му престои на Кавадарци и Македонија. Референдумот на 30 септември 2018. Периодов се изначитавме по тоа социјалните мрежи неверојатни размислувања за она што ќе биде “Ден потоа“. Лажните вести и теориите на заговор протекоа од сите страни и види ти ти се молам, најгласни се оние за кои земјината топка (?!) е рамна плоча. Токму за оние кои ги топорат насекаде теориите на заговор и (не) свесно лажат, мало размислување. Дел од нив секаде користат прилика тивко да го наметнат мислењето дека во Македонија по 30 септември ќе има граѓанска војна. Грозни и небулозни размислувања. Оти почитувани, има едно непишано правило - во војна секогаш залудно се гине. Болката трае со генерации. Да, ако не го знаете тоа - не дај Боже некогаш да го дознаете. Чисто, распрашајте се троа, има семејства во Кавадарци чија болка од не така дамнешни војни сеуште трае и не згаснува. Повиците за (граѓанска) војна најчесто доаѓаат од доживотни маргиналци, чиј изгубен “статус“ во општеството би се вратил само така – со крв до колена, за да можат и натаму да бидат тоа што се, вечни полтрони, ситни криминалци, воени профитери и се што подразбира под општествено неодговорни луѓе. Доколку сте потпаднале под нивно влијание, сеедно е колку сте чесни и работливи, вашата залудна жртва ќе биде заборавена првиот ден по крвавата победа. А мртвите се мртви, тагата е тага, коси и растура семејства и болката само се зголемува кога ќе ве удри по глава “победата“ од која користа ќе ја имаат оние кои по вашата “борба“ ќе уживаат во фотелјите со нивните заштитени семејства таму некаде далеку, со некои туѓи пасоши и идеи за благосостојба.
Затоа на престојниот референдум ќе гласам ЗА. За да го започнеме патот кон една фина и пристојна европска Македонија. За да и натаму во Македонија, на македонски јазик читаме преводи од врвни европски и светски литературни дела и автори. За да и натаму во Македонија одржуваат концерти врвни светски музички имиња. За да и натаму во Македонија се играат театарски претстави на македонски јазик од врвни европски и светски драмски автори. За да и натаму во Македонија читам лиценцирани изданија на оригинални стрипови на македонски јазик. И оти да не, за да и натаму во Кавадарци опстојува најголемиот вработувач во Македонија кој доаѓа од најмоќната и нам благонаклонета и пријателска европска земја. Оти, ако ја заебеме работата, ќе си пееме патриотски песни, ќе си ги трошиме последните (заштедени?!) парички и изолирани од сите страни полека ќе згаснуваме и ниту еден млад човек нема да ни остане за да ни поверува дека со бојкот сме си ја спасиле државата. Која ли само држава ќе биде тоа, јеботе?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци