Wednesday, October 10, 2018

Блузирање (232-262)


(прва кавадаречка колумна)

Корите и тараната стокмени уште со последните високи летни температури, време е на привршување со пржењето на пинџурот, се токмат разно – разните салати за зимница, ракијата на големо се пече, виното врие, есен во Кавадарци. Да, сето ова (масовно) за време на викенди, оти нели, во меѓувреме треба да се работи за плата во некој од бројните индустриски капацитети во кои немаш време ниту за селфи, ниту за патриотски статус, ниту пак смееш да мрднеш од производствената линија без да го прашаш надлежниот. Индустриски капацитети со кои Кавадарци полека (но сигурно!) преминува од земјоделски во индустриски град. Со сите перформанси кои индустријата со себе ги носи. Есента во Кавадарци ќе кулминира со “есенскиот панаѓур“ кој годинава ја смени локацијата за стотина метри, подолу или погоре, зависи од гледна точка на тој што ќе го прошета и ќе се снабди со нова гардероба (со сомнително потекло и квалитет) и слични тракатанци кои ги носат импровизираните тезги на кавадаречкиот панаѓур. Весело ќе биде во Кавадарци викендот кој доаѓа. Панаѓурштината полека ни станува дел од карактерот. Купуваме панаѓурска роба без верифицирано производно и оданочено потекло, па по завршувањето на панаѓурот ќе се жалиме нашироко и нависоко како робата на тезгите изгледала поинаку отколку потоа донесена дома. Па кому покус лев ракав, кому подолга десна ногавица, некому пакет од десет пара чорапи за ситна пара без половина чорапи внатре, а некому играчки кои се распаѓаат уште недонесени дома. Уште една есенска приказна во Кавадарци ќе заврши онака како што била со години наназад.
И после се чудиме што некои (анонимни флеки) загадуваат се што ќе допрат: од новоизградени тротоари, преку нови детски игралишта до новоодбележаните паркинг места, кои мороните уште неисушената (до небо видлива жолта) боја ја согазија, особено на местата кои се предвидени за инвалиди и местата кои се и законски забранети за паркирање. Ма, ми се гаде од нашето секојдневно растечко непочитување за се и сешто, кое во суштина и во нормални градови и општества служат за олеснување на секојдневниот живот на граѓаните. Заеби култура на живеење, да живее неудобноста на секојдневието!
Октомври во Кавадарци. Најверојатно наскоро ќе биде затрупана (конечно) дупката на Градскиот плоштад. Според промовираниот нов изглед на плоштадот, ќе има каде – каде повеќе зеленило. И додека траат работите на ребрендирање на кавадаречкиот Градски плоштад (своевремено, пред да стане гола ледина, еден од најпосетените и најпофалувани во државата од гостите намерници), со надеж дека ете, ќе киниса на поарно, скраја се наметнува прашањето до оние кои ја заебаа работата и ни го уништија центарот на градот – Ќе најдете оправдување за глупоста или да поставиме нови прашања?
П.С. Од деновите пред и по референдумот се изначитавме неверојатни статуси, коментари и размислувања (?!) за тоа и треба или не на Македонија да биде дел од НАТО и ЕУ. Особено величенствени беа статусите во стилот: “Поарно ќе извадам бугарски пасош отколку да гласам за Македонија во НАТО и ЕУ“. Ебати размислувањето! Како да Бугарија да не е во НАТО и ЕУ и како да пустиот бугарски “пасапорт“ да не е од корист во земјите кои се членки токму на НАТО и ЕУ. Не да сме станале нетокму, туку тоа треба да ни го пишува и во личните документи. Токму за “патриотите размислувачи“од ЕУ и НАТО земјите – ако се вратите овде, во Македонија, нема да ви простиме, туку ќе ви сеириме како тоа ќе се снаоѓате и крепите семејства со примањата кои ги имаме ние кои безрезервно дадовме поддршка и на договорот (оти не дадовте одговор кој е тој подобар договор што вие ќе го направите) и на прашањето дали сме за влез во НАТО и ЕУ. Да, авторот на ова блузирање на кое вие почитувани сте намерни или случајни сопатници, гласаше – ЗА! Оти, да се биде дел од модерна Европа е доблест и надеж.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци