Wednesday, November 28, 2018

Блузирање (233-263)


(прва кавадаречка колумна)

“Лоповите и онака секогаш први бегаат... Ама на крајот парите на мајка му ги трошат“
(графит од непознат автор)

Занимавајќи се изминатиов период малку повеќе со култура и уметност (и креативно и организациски), гледам зачестено е тресењето глупости по социјалните мрежи и петпарачките ѓоамити информативни сајтови. Генерално се забележуваат типови по социјалните мрежи кои себеси се сметаат за влијателни, па трупаат (несериозни, неписмени и сл.) статуси во потера по лајкови. Боже ме прости, па и лажат додека се топорат. Генијалци, јеби га! А дезинформациите, лажните вести, непроверените информации и слични глупости кои се главни написи по сајтовите кои се натрупаа низ интернетот, станаа секојдневие. Која мајка не може да си го најде детето, нека го побара како сопственик на сајт. Патем (родителот) нека му испостави некоја воспитна од името на сите оние кои животот го сваќаат сериозно, а не како политичка и криминална заебанција.
И кога сме кај криминалот и политиката, патем овде како секојдневна појава, сме стигнале до тоа дереџе каде најбогатите (со сомнително стекнато богатство) се и најпаметни, најслободни, арно ама и први кога ќе им дојде неприкосновениот обвинителен акт – да фатат џенем. А џенемот нема море. А морето не трае две години. Туку, друго ми беше зборот.
За слободата на говорот, за траењето на вечноста, за историјата која незапишана ни го заеба животот, за вошките кои не чешат и таму каде што не не апат. Ете пред некој ден, забележав дека сијаличките поставени (да ги видат и најглупите возачи во Кавадарци) пред пешачките премини, почнале да прегоруваат. Џабе добрата волја, џабе фотографии на дебили по социјалните мрежи, џабе неплаќањето паркинг место до догледно време, кога узурпацијата на просторот трае до недоглед. Се е џабе, кога не функционира казнениот систем, оти кога би фрчеле казните и мороните ќе замолчат. Ама ете, нит’ казни, нит’ казнети – па анархија пријатели. Џабе улици, џабе тротоари, џабе се, кога ароганцијата ни е неприкосновена и неказнета. Арно ама, се има почеток и крај. Додека некои други тафтаби на кои ние сме им дозволиле, па не почнат да се топорат и одново ја започнат анархијата. Платен ви е данокот? Не. Оти? Ами ептен многу пари. Оти? Ами за тоа гласавме, станчето од 45 квадрати да биде оданочено како палата на Водно!
Нејсе. Деновиве не напуштија два специфични, секој за себе, лика, секој посебно важен, не само општо за македонската култура, туку и за кавадаречките културно – уметнички збиднувања. Еден од големите актери на македонското глумиште (театарско, ТВ, филмско) Мите Грозданов, замина пред некој ден. Со децении беше присутен и на кавадаречката театарска сцена. Последната негова режија и глума во Кавадарци (претставата “Петли“), по премиерата и една реприза (пред полна сала) на сцената на кавадаречкиот Дом на култура “Иван Мазов – Климе“ ја прошетавме до Крива Паланка (таа година Град на културата во Македонија), каде ја дадовме пред четворица публика (еден вработен, нашиот возач и двајца залутани по ладното – зима беше). Ми рече: Марјан – ти си ја заврши работата (избор на музика и светло), јас си ја завршив работата, нека му ја мисли домаќинот. А да бидеш добар домаќин е многу тешко. Оти не е само вечерата за актерите, не е само “евала“ да му правиш на луѓето, треба да имаш “муда“ да и објасниш на потенцијалната публика зошто токму таа претстава е вредна да ја гледа публиката. Арно ама, како што му викаа кавадаречките актери “стрино“, ќе те паметиме. Не само по твоето пријателство со кавадаречкиот Театар, туку и по твојата големина – да бидеш свој. Последната моја средба со Мите беше на еден од кавадаречките панаѓури, во “Астрато“, каде прикажувавме за фестивалот “Денови на културата, уметноста и виното 2009“ каде неговиот Борче, благодарејќи на Ацо Малинков и Дејан Астрато имаше промоција на поетска книга. Ех!
И да. Синоќа (денес е 28 ноември 2018) не напушти Горан Стефановски. Најголемиот македонски драмски автор. Знаете ли дека тој беше и голем текстописец на рок теми? Не? Дел од најголемите теми на “Леб и сол“ текстуално се средени токму од Горан Стефановски.  А каква е неговата врска со Кавадарци? Токму преку неговите драмски текстови и тоа еден од најпровокативните, еден од најсодржајните – “Дупло дно“ (Неверојатно – напишан 1983). Го правевме во 2012 година. Со Театарот при Домот на културата во Кавадарци, во адаптација, режија и главна улога на Александар Малинков (одбележуваше 25 години театарска дејност). Извонредната сценографија беше дело на единствениот Ристо Соколов Сокол, феноменалниот плакат беше на Билјана Соколова, играа покрај Ацо и Диме Коцевски, Милица Гочевска, Благица Ѓорѓиева и Дејан Атанасов. Претстава во која мојата маленкост го правеше изборот на музика, го третираше светлото, претстава која е една од најсуптилните поставени на сцената на кавадаречкиот Театар последните дваесет години и која најлесно се дефинира по кавадаречки “Да се наежиш“!
П.С. Инаку, темата за колумната беше планирано да биде сосем поинаква. Арно ама, не престигнаа несаканите заминувања на битни луѓе по нормалната живеачка. Требаше да си поприкажеме за (културно – уметнички) настани кои годинава, како ретко кога му се случија на Домот на културата во Кавадарци, ма и воопшто на кавадаречката културна сцена. За односот на таканаречената “уметничка фела“ во нашиот град кон врвните уметници кои на наша радост гостуваа овде. Меѓу другото за извонредниот концерт на блуз бендот “Igi Man Trio“, за уникатната изложба на Стефанија Стојановска, за перфектната изложба на уметнички фотографии (на тема Театар) на Љупчо Илиевски, за промоцијата на Романот на годината “Одбројување“ на Фросина Пармаковска, за промоцијата на првата “Македонска рок енциклопедија“ на Тоше Филиповски, за ред други настани, за кои можевме да разговараме, да ги критикуваме и фалиме. Кога би сакал да бидам безобразен би ги спомнал и конецертот на Кокан Димушевски, промоцијата на првиот албум на кавадаречкиот рок бенд “Smoke Shakers”, промоцијата на првиот официјален сингл на кавадаречкиот рок бенд “Лексикон“. Да, овде падна соработка со организаторот на “Тиквеш Рок Фест“ – Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“ Кавадарци, тоа е екипата која ги прави “Денот кога се роди добриот човек“ (седум изданија), “Пријателите за Ристо“ (три изданија“)... Ај, во некоја друга прилика за тоа.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци