Saturday, May 4, 2024

Блузирање (309-339)

(дваесет години прва кавадаречка колумна)

Еден од бендовите кои ми ја дефинираа младоста на почетокот и младоста која сеуште ја живеам беше Парни Ваљак. Основани се 1975, првиот албум им е насловен “Dođite na show!“ (1976).Тука би требало да завршат сите приказни за бендот. Ама не, Парни Ваљак дојдоа и во Кавадарци и оддржаа феноменален концерт. Е сеа, оние кои ги слушат само нивните нови албуми, појма немат кои беа Парни Ваљак. А вака, ко’ мене, од првиот нивни албум до последниот со Аки, е тука сме свои на своето. Другите, кои се чудат што пишувам - ами терајте си своето.

Инаку деновиве се актуелни изборите. Уште едни. Смешки! И толку за тоа. На денот на избори на секое изборно место има по неколку паравани и пенкало на секое од нив, кои ја гарантираат вашата слобода на избор, каков и да е тој, бидејќи ваше неприкосновено граѓанско право е слободно да го заокружите вашиот избор. Никој не смее да ве праша, ниту да ве притиска ако имате свое јас и јасен став и сте го направиле изборот. Вие сте победник со самото остварено право на избор. Секако, за вашиот избор сте самите одговорни, оти од секој ваш глас зависи вашата иднина и иднината на вашето семејство, вашите сограѓани и сонародници. Да се надеваме дека денот потоа ќе биде само обичен работен ден во кој ги извршуваме своите секојдневни обврски и уживаме во својот комодитет на граѓани во слободна држава, граѓани со свои права и секако обврски. Да сме живи и здрави, ете кај е денот на уште едни избори во Македонија, држава која ја има таа несреќа над триесет години да живее во константна и незавршена изборна кампања од премногу недефинирани аспиранти за пусти фотелји од сите рангови, бои и бројки! За момент на човек му доаѓа да се запраша дали ние тоа имаме повеќе љубители на лагоден фотелјашки живот отколку обични гласачи?! Слободата е неприкосновено човечко право, се друго се прикаски за мали деца!

А сега нешто друго. Има ли друго? Секогаш има друго. А што тоа? На пример еден од најдолговечните и најдобрите македонски рок бендови “Суперхикс“ имаат нов албум и терат наскоро 30 години постоење и рокање ска! Која величенственост во еден регионален простор каде турбо фолкот е дефиниција. Затоа на 29 јуни 2024 сите сме на исклучителен концерт, своевиден рок фестивал со нивните гости и тоа на јубилејниот концерт на “Суперхикс“ во Скопје!

И да се потсетиме на уште нешто: Оваа година се навршуваат 35 години од основањето на “Архангел“, се навршуваат десет години од легендарниот настап на кавадаречкиот рок бенд Smoke Shakers како специјални гости на најголемиот рок демо фест на Балканот Demo fest Banja Luka, BiH, каде беа трети претходната година. Годинава се и 25 години од основањето на рок бендот Културно уметнички работници (К.У.Р.), така да, супер година за добра мисла за македонската рок музика. Се навршуваат и дваесет години од првото издание на самобендисано наречената прва кавадаречка колумна “Блузирање“. “А бе шо да ти распраам“.

П.С. Инаку пред некој ден беше 1 Мај, Меѓународен празник на трудот. Синоним на борбата за работнички права. Беше и помина. Ете утре е Велигден. И тој ќе помине. До следниот пат. Ништо не сме разбрале, ама баш ништо. За жал.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

No comments:

Post a Comment