Tuesday, February 5, 2019

Блузирање (234-264)


(прва кавадаречка колумна)


“....................... ..................... ...................... .................................... .............“

(Ненапишан графит во Кавадарци, 2019


Од таму некаде почетокот на декември минатата година, нов сообраќаен тренд во Кавадарци е “пушти четири жмигавци“ и паркирај се каде сакаш – на пешачки, на тротоар, на сред улица, пред влез на зграда. И тоа сеуште трае.  Нема проблем, ќе те почекаат и оние кои ги почитуваат сообраќајните правила, пешаците ќе скокат преку возила, итната помош може и ќе стигне на време да спаси живот, пожарните возила може ќе имаат среќа да локализираат некој пожар низ градот, ама “четири жмигавци“ и никој не ти може ништо. Дури и полицајското комбе паркирано на три метри од тебе, ниту пак сообраќајците кои изгледаат каако да си играат “еци, пеци, пец“ кого ќе застанат да му ги проверат документите на возилата со “сомнителни регистрации. И да, со недостатокот на паркинг места (проблем кој се решава со години наназад во градот, ама ете не бива, некаде нешто ја кочи работата), “четири жмигавци“ и терај, пиј го кафето со саати, возилото и онака никој не ти го чепка. И да (уште еднаш), тука некаде меѓу редови лежи решението за проблемот над проблемите - сообраќајниот хаос во градот Кавадарци. Ма, снегот кој толку ви пречеше, демек неисчистен, па не можевте да се топорите со тоа машините (грото со странски регистрации/значи плаќате некаде надвор од Македонија данок) и не беше некој проблем. Оти, Кавадарци низ годините наназад имал бааѓи поголема “сантиметража“ снег, па живеевме некако. Да, имаше неколку тротоари кои беа “непроодни“, ама џабе муабетот кога “бунџиите“ и не одат пешки. О да, имаше и улици кои не беа исчистени, особено оние каде дворовите се истопорчени до “пола улица“, онаму каде гаражите и дворовите (во кои до пред дваесетина години се садеше лукче и кромидче) се претворени во дуќанчиња и магацини. Кавадаречките приказни, да се разбереме, се специфични, особено ако се прераскажани од џабалебарошите кои животот го поминаа озборувајќи ги сите предпладне, а попладне измислувајќи го својот “успешен живот“, во паузата меѓу кафе од нога од три саата и киснење на Градскиот плоштад (ма како и тој да изгледа).
Да се разбереме, Кавадарци е град во кој озборувањето по дефиниција ти (ни) е во генот. Исто како статусите по социјалните мрежи на “најчитаните“ кои со години се повторуваат и тие истите денес себеси се топорат како влијателни, на кои им се слуша демек муабетот. Види богати! Па, ај што се сметаат влијателни по тоа социјалните мрежи, мразејќи ги сите претпладне, мразејќи го цел свет попладне, туку патем “солат“ памет, како да тоа интелектуализмот со тапија го добиле додека шетат ко’ мува без глава низ Кавадарци незабележани од никого. А бе, заеби работа, оти ете ги истите на кои им сметаат (од квази патриотски причини) и Банско и Грција и Златибор и Боровец и Јадранот и Црно море и Егејот и Белград и Сараево и Љубљана и Берлин и Копенхаген и Лондон и Гетеборг и Париз, со “фини“ фотографии од истите тие места, истопорени со пијачките, со некои чудни пози на плажа покрај море, со скршени насмевки покрај некој случаен споменик. Истите тие не “утепаа“ форсирајќи ни ги Михајлово, Охрид, Дорјан, Преспа, Берово и сл. А бе сме ја прошетале Македонија “уздуж и попреко“, приказните чувајте си ги за по дома, па така да кога утре ќе се сретниме низ градот по маркетите купувајќи некое лиснато за појадок, може само да се насмееме на глупостите кои ги пишувате на вашите профили по социјалните мрежи и кога ќе бидете прашани дали бевте сериозни со тоа што го пишувате, немојте да одговарате со – а бе заебанција. Оти оние кои ви лајкуваат ве сфаќаат сериозно. Затоа, умот у главата, грицкајте си го тоа лиснатото и радувајте се на секое “добар ден“ од сериозните луѓе кои сеуште ги има низ Кавадарци. Баш така!
П.С. За патриотизмот, за Северна Македонија, за тоа зошто после толку време блузерот повторно се “ просерава“ низ интернетот, за културните и уметничките “апологети“ – во некој друга прилика. Денес само за тоа дека со мало закаснување, а по дебело размислување, заклучокот за таа иста култура и уметност, особено за 2018 година се извонредни. Само неколку настани (на кои вие не бевте) кои на суптилен начин донесоа мала, урбана промена низ градот на културната сцена.  Блузерот памети, а памети од поодамна, дека со најдобрите настани од областа на културата и уметноста споредувајќи се со изминатите пет-шеснаесет години, годината мината донесе ексклузивни настани, како на пример една промоција на фантастичната “Македонска Рок енциклопедија“ (на Тошо Филиповски), промоција на “Роман на годината“ (на Фросина Пармаковска), промоција на стрип едиција (на Темплум), промоција на првиот албум на “Smoke Shakers” (Алтер Центар), врвната театарска претстава “Пасивно пушење“ (Дом на култура “Иван Мазов – Климе“), промоција на првиот официјален сингл на “Leksikon” (Алтер Центар), концерт на блуз мајсторите “Igi Man Trio (Дом на култура Кавадарци) и секако враќањето на “Тиквеш Рок Фест“ (Алтер Центар) на фестивалската сцена во Македонија. Меѓу другото - малку повеќе од солидна културно – уметничка година во 2018 во Кавадарци. Да, слободно додадете некој настан кој вам ви оставил впечаток, а се одржал во Кавадарци минатата година. Ако имате сосем поинакво мислење од ова, ќе биде ваш проблем доколку коментирате надвор од ова писание. Повелете пријатели, имате опција – коментар! И да, имате име и презиме, па да се надвикуваме, надпишуваме и топориме со своите размислувања. Оти, за немање слобода на говор станува збор само во диктаторски општества. Денес Македонија е малку послободно општество од пред некоја година. Учиме, се радуваме и напредуваме. Така да почитувани случајни или намерни сопатници низ блузирањево, се читаме наскоро.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци