Tuesday, March 19, 2024

Блузирање (305-335)

(прва кавадаречка колумна)


Не гледам вести и не купувам весници,

се хранат со туѓи несреќи,

за во редовни рубрики – човечки судбини,

и не знам зошто

на секој рид по една џамија

и црква на секоја раскрсница,

а сите ја пиеме истата вода“

(“Жал ми е за децата“, Суперхикс, LP “Underground Evergreens”, 2017)


Си реков да оставам вештачката интелегенција овојпат да ја напише колумнава, та‘ раат да тегнам, ама се предомислив, оти сеуште можам да кажам што тоа има и нема во вечната тема на “Блузирање“ – Кавадарци. Нормално онака како што треба, со аргументи, со логика на постоечкото и веродостојноста на секојдневието. А секојдневието во Кавадарци – кому како дојде.

Некаде раните осумдесети, поточно, се сеќавам како гимназијалци трета средно се вративме од екскурзија (1983) низ (тогашна) Југославија, некои велат легендарното, јас велам толку му било речено, престана да постои кавадаречкото корзо. Она корзо во три реда – првиот за тинејџерите, пилците кои штотуку прелетале во младоста (таму се мотаа и градските мангупи), вториот за оние кои штотуку фатиле дечко/девојка за сериозно и третиот за оние кои веќе верглале накај самци/задоцнети моми и ергени. Интересно, оние од третиот ред денес се посреќни, со семејства, со среден живот, отколку повеќето од оние од вториот ред. Ама кој да ти биде паметен зошто и како. Корзото имаше обид – два повторно да заживее година - две потоа на градскиот плоштад, ама излезе дека бесмисленото вртење во круг успевало само на “Илинденска“. А потоа дојдоа дискотеките и кафиќите и се замина во друг правец. Градското живеење, особено кога станува збор за забавата и ноќниот живот и пред тоа да се случи на државно ниво, го напушти социјализмот и замина кон западот (истокот и онака овде никогаш во тие времиња не вирееше).

А денес?! Денес белосветските политички канализации виреат низ остатокот на кавадаречката чаршија, еден куп “паметњаковиќи“ на секое ќоше низ градот. Да, тоа се оние истите кои не знаат како пешачки да поминат и тоа на семафор, а семафори во Кавадарци има од раните седумдесети на минатиот век. Дел од нив се радуваат на белосветските теории на заговор, за нив земјата како планета е рамна плоча, во меѓувреме користејќи ги бенефициите на демократијата не убедуваат дека со војна се се решава. А бе војна по дома да си направите!

И така, се некои “фини нешта“ на десет километри од сите главни патишта во државата. Да, и за мене Кавадарци е центар на светот, во него живеам и творам и не барам ништо повеќе од пристојно место за живеење, малку мир меѓу озборувачките машинерии и сеанси, троа сонце меѓу облаците надвиснати над утрешниот ден. Не ви се бендисува ова до сега напишано? А зошто читавте? Е па ајт, на некоја друга адреса, оти ова парче виртуелна слободна територија наречено “Блузирање“ не признава политички притисок, не признава аматерски владетели и ситни души по дефиниција. Терајте си вие вашиот локален дистрибутерски експрес на лажни вести, на простотилак. И да, семафорот има три бои: црвено, жолто и зелено. Што тука не е јасно?!

П.С. Ова е кратка колумна. Оно и животот е краток па сакаме да го живееме. Арно ама да живееш и да животариш не ќе да е исто. Животарењето подразбира “клањање“ на измислените величини, а (со извинение) гомна од луѓе, а живеењето подразбира нешто сосем друго. За да живееш потребни ти се добри луѓе околу тебе, за животарење треба само да бидеш нечија бројка за поткусурување.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци