Wednesday, February 2, 2022

Блузирање (274-304)

(прва кавадаречка колумна)

Кавадарци овие денови остана без едно од неговите врвни урбани и градски обележја, зградата на кавадаречкиот, популарно до денес наречен -  “Монопол“. Со децении простории на Тутунскиот комбинат “Мара Димова“. Илјадници кавадарчани, од многу генерации овде го вадеа своето парче леб, ги прехрануваа семејствата, не само како вработени. Туку и како кооперанти. Легендите велат дека во одредени години според производство на тутун Кавадарци го надминувал и култниот македонски тутунски град – Прилеп. Монополот замина во историјата. Од 1928 кога зградата е пуштена во употреба, тој стоеше стамено на истото место. Денес таму ќе се гради нешто друго, не е ни важно што, шансата градот да го зачува Монополот е од поодамна испуштена, така да денес можеме само да си раскажуваме приказни за испуштените шанси. Со ова дефинитивно и засекогаш завршува митот за Кавадарци пристојно место за живеење, едноставно го губи здивот, губејќи го единствениот урбан објект изграден пред Втората светска војна. Ќе останат само запишаните хронологии и фотографиите на кои се поретко ќе се осврнуваме. Некој ќе рече, сличните објекти низ светот се моментално репрезентативни станбени објекти, ексклузивни угостителски објекти и музеи, галерии, концертни сали и слични некои градски нешта за кои што нас овде и не ни е многу грижа. И ќе биде во право. Ама тоа е веќе завршено. Џабе визионери, џабе градители на модерно Кавадарци (?!), џабе урбани приказни. Да се свртиме кон денешницата, кон зградофилијата така ненормална за еден град кој спаѓа во помалите според број на жители во Македонија. Страв да го фати човек од урбанистичката мегаломанија. Мислам, да не се заебаваме, еден ден ќе нема кој да живее (не дај Боже) во тие (нови?!)згради, становите ќе зјаат празни, цените ќе паѓаат, ама ќе нема кој да ги купи. Добро, експанзијата нема да заврши наскоро, ама не сакам ни да  помислам на тоа дека непотребните мултимилионски градежни зафати ќе ја доживеат судбината на бројни викенд населби чии објекти фаќат мувла и се распаѓаат. Тука се, во нашата околина, ама сме слепи при очи.

За мене лично приказната за Монополот е поврзана со мојата драга тетка Јонка. За нејзиното семејство (сопругот Димо - мојот драг тетин, ќерките Маричка и Цанка, зетовците Ацо и Душко, внуците Иле, Дивна, Миќе и Раде) која живееше на “7 Септември“, една од првите згради воопшто плански направени во Кавадарци. А во зградата во приземјето продавницата на “Југопластика“ и дегустациониот салон на АК “Тиквеш“. Позади зградата “Дечки“, подоцна (реотворена1984) слаткарницата “Палма“, фризерницата на тетка Мара, Фото студиото на “Црвенко“(познат низ градот како Миле Келтонот) и нешто подоцна “Бос“. Тетка Јонка до своето (предвремено) пензионирање беше кувар во Монополот и моите сеќавања за Монополот главно се поврзани со кујната и ресторанот, каде низа години се правеле градски веселби (свадби, крештевки и сл.), се организирале матинеа и игранки и каде што никој не останал гладен. Тетка Јонка имаше една “маана“. Не присуствуваше на ниту една свадба на нејзините внуци од браќа и сестра како гостин (последна беше свадбата на братучед ми Тони Трпо). Беше главен кувар на нивните веселби, заглавена меѓу лонците и тавите и беше среќна поради тоа. Беше голема жена тетка Јонка. И по стас и по душа. Кувар и пол. Нејзиното кафе го пиевме “натенане“ на терасичката со поглед на “Палма“ и “Дечките“ и уживавме. Да, зградата и ден денес постои, ама нема некое битно влијание во градскиот живот. Освен како станбен објект во центарот на градот.

П.С. Остатоците на некогашното градско живеење се во сеќавањата на остатоците на градската чаршија, меѓу другото и во остатоците на Монополот. И тука завршуваат сите лични приказни на “блузерот“ за Монополот. Тој (веќе во ретките спомени) темел на урбано Кавадарци, кога и никој не сонувал дека Кавадарци од турска касаба, па провинциска паланка, ќе прерасне таму некаде крајот на седумдесетите, почеток на осумдесетите во фин средноевропски град. Денес?! Денес е некоја друга приказна. Поарна или полоша, зависи од сите нас.

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци