Sunday, May 7, 2023

Блузирање (289-319)

(прва кавадаречка колумна)

 

“Нашиот свет е знај поубав“

(тема “Мисла од свила“, текст Игор Станоевски/Иги Ман, вокал Бранислав Николов/Пијан славеј, музика Петар Станоевски, 2023)

 

Се мислев деновиве за што да пишувам, а да тоа биде исклучиво поврзано со Кавадарци. Оти нели, Кавадарци е најбитно на цел свет. Најбитно?! И така течеа деновите со бројни празници и проширени викенди, како измислени за новопечената буржоазија, за тендер – богаташите троа да се орасположат од маките и парите кои татко им ги турил под ќуп во времето на класичната и забегана приватизација. Оти, она што татко ти го заработил, не може никој друг да го потроше поинтелигетно освен тебе! Чест на исклучоци. А мене ми е најинтересно тоа што за време на овие проширени викенди можев да се паркирам на богаташките паркинг места. Оно, они обично се паркират на обележани инвалидски паркинг места, на сред улица или на пешачки, а мене тоа ми е ко’ некоа клетва! Паркирај се блузеру по закон, оти не ти држе газот, тендерите се за тебе некоја магична и мистична приказна, не си класичен патриот на кого му се верува на ура, не печалиш ебаго од патриотизам, туку со работа, не си мајмун кој се претворил во човек одеднаш, а не според еволуцијата, не те донел штркот на овој свет, не си ѓубре да се радуваш на туѓа несреќа. И сепак најголемата заебанција е тоа што факинг транзицијата сеуште трае. Дно – дна!

И се решив. Еве ме кај пишувам за кавадаречките дискотеки од “длабокото“ минато на Кавадарци. За дискотеките кои го одбележаа квалитетното градско живеење во Кавадарци раните девеесети на минатиот век. На пример за дискотеките “Ла Луна“ и “Парк Клуб“. Последните вистински дискотеки во градот ни Кавадарци. Инаку едно време беа три дискотеки во Градски парк Кавадарци. Кратко постоше и дискотеката “Дорс“. Од таму ми е останато сеќавањето на последниот концерт на “Леб и Сол“ во оригинална постава случен во Кавадарци. Извонреден концерт на кој присуствувавме (за жал, само) седумдесетина луѓе. Влатко Стефановски потоа, што со триото, што сам или во некој оркестар, неколку пати свиреше во Кавадарци, Леб и Сол со поставата без Влатко и Гаро, а со Бодан и Кокан, свиреа 2009 на Градскиот плоштад, Кокан Димушевски имаше самостоен концерт во Домот на културата. И сега пишувам и гледам дека се ова што сум спомнал - сум гледал. Дури и сум биле дел од организацијата на дел од концертите. Нејсе. Да се вратиме на дискотеките. А што да се пишува за дискотеките, места за пристојна градска забава во тоа време, освен дека беа најдобри на Балканот во тоа време, дека (во Ла Луна) свиреа Рибља Чорба, Галија, Lasт Expedition, Архангел, Здравко Чолиќ, Бајага, Викторија меѓу другите, а троа погоре во “Парк Клуб“ меѓу другите свиреа Рамбо Амадеус, ЕКВ, Партибрејкерс, Ена Веко, Електрични Оргазам, Skylab, Бајага и ред други во двете дискотеки. Среќа моја успеав да направам неколку интервјуа на кои се гордеам! Секако, благодарејќи на сопствениците на дискотеките, кои ете препознале нешто во блузерот. И дури терав и во живо од “Парк Клуб“ програма на тогашно Радио Кавадарци до три сабајле од концертите на Оргазам. Во меѓувреме, ни се случи и Галерија, правевме таму концерти на “Нерв“, на “Океан Пацифик“, почесни гости во клубот ни беа “Бајага и Инструктори“, а им пуштавме музика од “Бабе“, па ете и тоа дека во тој период во “Галерија“ се славеше со голема рок журка третиот “Тиквеш Рок Фест“, меѓународен ебаго, со бендови од Македонија, Бугарија и Црна Гора и се некои фини нешта на времето во овој град случајно или намерно наречен Кавадарци! Кога сме кај дискотеките низ времето минато ги имаше бааѓи низ градот: Младински, Тиквеш, Ламбада, Хај – Фај, Мост, Дискотека Бал(кан) привремено во дискотеки се претвораа и Стар Балкан и Гурман, па дури и кавадаречката Гимназија имаше своја дискотека. А денес? Денес (буквално) бев на Градскиот парк, џотнав едно кафе и ме фати троа сонцето. А утре?! “Утре“ нека си мисли само за себе, оти деновиве стигна и веста на годината, дека наесен правиме голема изложба на најголемиот – Ристо Соколов Сокол во Скопје, во нашето култно МКЦ! Во меѓувреме, другиот мој омилен ликовен уметник Иван Мегленов ја има (сеуште трае во Домот на културата) својата прва самостојна изложба во Кавадарци, отворена во саботата на 6 мај, што за мене е настан на годината кога зборувам за уметноста. Нели малку субјективно?! Та шооти! Извонредни графики се во прашање. Ама ептен! А бе убавини! Кој нема да дојде да ја види изложбата овие денови – зак’нато е! Да живее уметноста!

П.С. Нема П.С. освен – да сме живи и здрави во деновите кои доаѓаат! Пишува овој блузерот со години наназад за изгубени генерации и никому ништо. Па затоа кому – како дошло.

By

Марјан Т.

Бу.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци