Thursday, September 3, 2020

Блузирање (257-287)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“Ostajem sam, ostajem sam

u ovom gradu strahom zatrpan

ovaj grad je nekad

bacao svetla daleko

ovaj grad je mogao bolje“

 

“Zajedno”, ЕKV, LP “Neko nas posmatra”, 1993

 

Летото е при крај. Дури и во Кавадарци. Годинава поради пандемијата нема манифестација “Тиквешки гроздобер“, ама затоа има забрефтани возила од сите типови, во кои предначат разно – разни мотори и моторчиња (не се тоа вљубеници во мотоциклизмот и професионални моторџии), распиштолени секоја вечер по “Илинденска“, преку кружниот тек, па низ цела “Никола Минчев“. Како по некоја команда започнува вриењето по единаесет навечер, па до (најверојатно) додека не ја потрошат дневната количина гориво. Што би се рекло - до доцна во ноќта. Распиштолените, воглавно без кациги, па на што помал мотор - задолжително двајца и врескаат ко’ нетокму додека ги гали ветерот. Баш им е гајле што е работен ден и денес и утре и задутре и што прекршуваат неколку закони (од неносење кацига, преку недозволена брзина, се до нарушување на јавниот ред и мир). Летаат тие златните покрај многуте паркинг места, дел од нив со чудно паркирани возила, некои и со четири жмигавци додека си ја допијат пијачката во некој од тренди локалите кои се распослани по тротоарите низ градот. А бе ќе ви рикне акумулаторот бре човеци. Ама по се изгледа баш ве заболе и за акумулаторот и за илјадниците граѓани на Кавадарци во тој централен потег на градот, кои се решиле да одморат некој час во пресрет на новиот работен ден. А беше Кавадарци едно време тивок град и без пандемиски мерки се почитуваа другите, онака како што приличи на мала и домаќинска средина. Јебига, ова не е тој град.

И што дека ЈП “Комуналец“ си ја тера работата според своите можности, Кавадарци секое утро е нечист град по нападот на невоспитаните. И повторно комуналните работници средуваат, за да некаде околу пладне си го покажеме нашето “кој што ми може“. Покрај секоја клупа мини депонија, тревниците никој и не ги ферма натоварени со пластики и картони. Да се разбереме, не зборувам за плоштадот, тој е приказна сам за себе. Така да и во некоја идеална ситуација “еден комунален работник на еден граѓанин“ не би ни го средило нашето домашно воспитување и (не)културата на живеење во урбана средина, културата на живеење во – град. Пандемијата не ни е виновна, таа само направи да експлодира нашето невоспитување и катастрофално однесување кон заедничките добра.А заеднички добра еден куп. Од Градскиот парк, преку тревниците и тротоарите, сосе новите (реновирани?!) фонтани (плавкасти и шарени), се до малите паркчиња и влезовите на зградите. Ма на кого му е до заедничкото. Заедничко - ко’ ничие. Така да си знаеш блузеру. Џабе везеш со години, кога везеното ти стое у подрумот. Не е тој град повеќе?! Не ќе да е до градот, така му доаѓа, туку до луѓето ќе да е, особено оние кои се кажуваат негови жители и шират чудна љубов кон градот на социјалните мрежи, по разни мизерни (дно) портали, заборавајќи притоа дека сеуште има луѓе низ градот кои паметат, но и кои знаат дека може и поинаку, далеку попристојно. Ширењето лажен локалпатриотизам, наметнувањето омраза кон се поинакво, па и кон секој што размислува поинаку, омраза кон професионалците со дебела километража од искуство и квалитетна работа зад себе во сите општествени дејности, не ќе да е добра слика за овој град, случајно или намерно наречен – Кавадарци. Инаку додека се редеа зборовите во оваа колумна, во позадина “вртеше“ музиката на Goran Bare & Majke  и еве сега оди неверојатната тема “Teške boje“.

П.С. Пред некој ден сонував чуден сон. Нереален би рекол. Сонував дека низ градот возам велосипед по велосипедски патеки. Се разбудив испотен, како по некоја ноќна мора. Го гледам својот велосипед како стои со дупната гума во предсобјето и се чудам. Немам желба една гума да залепам, не па да возам низ градот, меѓу разбеснетите возила, да возам по улиците плашејќи се да не ме “вреште“ со вратата некој паркиран со уклучени четири жмигавци или некој паркиран приучен таксист. И си велам, ма наредните денови ќе го средам велосипедот, само Министерството за култура нека се смилува и нека пушти плата, оти без пари нема ни гума, нема ни сајла, нема велосипед. И си велам уште, а бе блузеру, тојот ефтин велосипед за разлика од оние кои ги тера градскиот шминкерај, само ти докажува дека и по четириесет и пет години возење велосипед не се битни брзините и цената, туку ѕвончето. Вози, ѕвони и штрекај ги будалетинките кои се размножија по градските улици. А за велосипедските патеки?! Ние градските велосипедисти сме од чекачите. Додека не ни пукне!


By

Марјан Т.

Бул“Џон Ленон“ 3

Кавадарци