Saturday, June 10, 2023

Блузирање (290-320)

(прва кавадаречка колумна)

И додека 21 век ги дава сите уживанции на глобално достапните информации, додека некаде во модерниот свет (така блиску, а далеку) преку ноќ се реновират автопати, не пак банална уличка, чија калдрма седумтотиниишесетитрипати се рекламира по локални медиуми, смешни случки во нашето секојдневие ебати. И тие истите кои тресат глупости се самопрогласени новинари, добри луѓе и сезнајковци. Ма немој! Ситни души и така во круг! Раат да ви се тоа наградите. Плампајте и натаки, ќе ви се врате фино и заебано. Како тоа? Е па така! Подмочани и искастрени! Друго ми беше зборот.

Каде летово? Не ми дробите дека нема пари, дека се е отидено, дека Македонија каде и да е ќе се распадне, дека од таму од Аустрелијата, Свиденот, Ѓерманијата, Франциата, Америката и слични тракатанци ви се свидело и ви се посакало да ни солите ум! А ваму патриоти со тапија, повеќето со југословенски пасош (непостоечки?!) од кој и не можат да се разделат, па така денес имаме контрадикција. Имаме турбо фолк папазјанија таму каде би требало да се чисти душите. Ама не, имаме кафани во кои патриотизмот е навика, глобализмот е ѓубре додека не плати софра комшијата и така натаки, и така натаки...Заебано? Богами заебано! Особено ако сте некаде на Тиквешкото езеро и не знаете што да правите со себе. Дали да доградите или да рушите. Дали да се опиете или да се издружите со криминалците и да ја пеете “На бело, на бело...“. Што? Објектот е тоа во кој сте го дале животот! Во кој сте ја потрошиле животната заработка и сте направиле палата од три спрата. А зјае празна?!

Туку друго ми беше муабетот. Деновиве (13 јуни 2023) Фолкорниот ансамбл “Тиквеш“ кој што работи при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци од основањето на Домот на културата, далечната 1953 година, ќе ја одбележи 70 годишнината од основањето на ансамблот и од основањето на Домот на културата со голем концерт. Неверојатно, 70 години, 70 генерации на млади вљубеници во македонскиот фолклор, а во Домот генерации на актери и вљубеници во културата и уметноста. а институцијата која вака или нака постои 70 години , а е Дом на култура Кавадарци, неколку пати сменето името и основачот, ама ете функционира.

Некаде 2001 (година дена од кога се вработив професионално во Домот на културата) се појави покана за учество на Фолклорен фестивал во Егер, Унгарија. И тргнавме да го организираме учеството. Овде морам искрено да му се заблагодарам на мојот другар Пецо (Петре Ѓорѓиев, врвен играорец) кој и тоа како ме упати во работењето на Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“, за да десетина години бидам успешен организатор на неколку турнеи на кавадаречките играорци, на нивните годишни концерти и настапи, за да во една од моите емисии посветени на нивните турнеи ги наречам “Културни амбасадори на Кавадарци“. Се почна таму. И се редеа турнеите и учествата на големи европски фолклорни фестивали, на величенствените манифестации. А јас со позајмени камери (фала Зоки Дамјановски) и резервирани фотоапарати (фала Тиквешка Хроника) ги пратев и професионално и приватно кавадаречките играорци...

И да не претерам, ама петнаесет репортажно - документарни емисии реализирани за тогашната Радио Телевизија Кавадарци и Телевизија Тиквешија, сведоштва за врвните успеси на Фолклорниот ансамбл “Тиквеш“ при кавадаречкиот Дом на култура во Егер –Унгарија, Тавшанчил –Турција, Карловац – Хрватска, Крџали – Бугарија, Баваниште – Србија, Сараево – Босна и Херцеговина, Горњи Милановац, Зрењанин, Бољевац –Србија и други. Да, на сто отсто од мене организираната турнеја 2010 во Полска не успеав да отидам, оти едноставно немав релевантен пасош. Беше истечен пустиот. Ама дечките одработија (Фала Пецо). Од тогаш фолклорниот ансамбл “Тиквеш“ доживеа нови успеси. Да, во меѓувреме настапуваше на сите локални манифестации, покажувајќи дека деца кои го сакаат македонскиот фолклор, македонската музика има во Кавадарци. До денес реализирани се уште неколку големи турнеи. Не дека денес не соработувам (а како да не го правам тоа со прекрасните членови на ансамблот) со ансамблот, само сум потивок подржувач на нивните активности и приватно и професионално. Ете во вторник, на 13 јуни 2023 ќе се одбележи 70 години фолклорна дејност во Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, па ме замоли етнокорелогот Методи Глигоров, човекот кој го однесе кавадаречкиот ансамбл во нови квалитетни висини, да помогнам малку, па помогнав и ја дадов својата лична архива од видео и фото материјал за да ете се направи изложба и документарка за овој јубилеј. Му благодарам што се сети на мене!

П.С.

Колумнава ја посветувам на Фолкорниот ансамбл “Тиквеш“ кој работи од 1953 при Домот на културата “Иван Мазов – Климе“ Кавадарци, кој исто постои од 1953, ја посветувам на генерациите кавадаречки играорци со кои соработував, едни извонредни деца и личности.Фала им од се срце што соработуваа со мене.

By

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци