Wednesday, July 3, 2019

Блузирање (239-269)


(прва кавадаречка колумна)

“Ja sam snazan kao konj
ja nisam svestan, ja ne znam
za mnom ostaju tragovi
za mnom ostaje sve…”

“Ja sam tezak kao konj” - Elektricni Orgazam, LP “Distorzija” 1986

На “непризнатиот“ дел од плоштадот, некаде кај столовите и масите на “Тоскано“, сеуште стои бетонската клупа фино исполирана со терацо. Е таму, доцните седумдесети на минатиот век, минувавме дел од детството, броејќи ги ретките возила низ центарот на Кавадарци, уживајќи во летниот распуст (јебо нас, та и вас - фејсбук). Од горната книжара си купувавме тефтерчиња (со портокалово рапави корици), од трафиката кај чи’ Мирчето купувавме газози (вие другите ги знаете како џамлии) и чекавме маалските мангупи да заминат на корзото, па ние дечурланата да се истопориме на “џамовите“ на банката и да зјапаме во фотографскиот дуќан на Ќендо. Демек, интересни луѓе излегуваа од таму, парови кои се фотографирале за спомен, пред секој да тргне по својот пат и да се закуќи во новоизградената двоспратница, каде газдуваат свекорот и свекрвата и се знае – во дворот се садат ќушки и патлиџани, оти тревата и цвеќињата не се јадат. Пуста глад, од пусто турско, во генот влегла, та не излегува и во 2019.
Оти е лето, дури и во Кавадарци, па сеќавањата се редат, сеќавања на некои поинакви лета во градот, лета во кои престиж беа влечките од Југопластика и кусите панталони (преправени од постариот брат/братучед) од некој од чесните кавадаречки шнајдери. Сеќавањата велат уште и дека водата во кавадаречките фонтани беше кочан ладна, дека да не беше сентишот во диското во Младински од женско ни “ж“ немаше да видиме/доприме, а ноќите завршуваа кога полицајците позорникари ќе ти кажат – “Бриши дома!“.
Сите овие (дел од) сеќавања би ги фрлил во водите на “Луда Мара“, доколку денешните прикаскари низ социјалните мрежи не ја искривуваат (лажат) вистинската приказна за Кавадарци од крајот на седумдесетите на минатиот век. Така да, не станува збор овде за никаква носталгија, оти авторот на овие редови (оние кои го знаат – го знаат) живее во денешницата. Работи, креира, ствара, дугарува и живее во денот денешен. Иднината?! Кој ќе ја знае. Денот денешен е важен, особено добрата мисла која ќе ја фатиш некаде низ високите кавадаречки летни температури. Оти утре – само таа ќе остане.
П.С. Колумнава ја посветувам на мојата вујна Неша. На следната средба со неа. На деновите летни поминати во дворот кај неа и вујче Иван на “Ресавска“ број 3. На кафето кое таа ќе го свари на сред лето и финиот градски муабет кој ќе го разврзиме со неа за нашите луѓе и во оваа 2019 година, на масата под ѕенѕерот. Ама, не без Цанка и Надица, оти и тие имаат свои сеќавања од младоста пуста била – та не била, кои ќе ги претресиме длабоко во ноќта на терасата надвисната над кавадаречкиот Нов центар, па може троа и да “оговараме“ со ладно пиво. Зошто да не?!

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци