Saturday, July 9, 2022

Блузирање (278-308)

 (прва кавадаречка колумна)

 

“Толку години заебавме

Кристално чист твојот глас

Буди сеќавања на улиците

по кои одевме и газевме

Море марширавме...“

 

(Дел од песната “Сеуште сме тука“ од необјавената книга поезија “Заебан градски блуз“ на Марјан Т.)

 

Центарот на Кавадарци (кој денес не личи воопшто на тоа што беше пред само десетина години) е главно лоциран на шест улици: Илинденска, Пано Мударов, 7 Септември, Мито Хаџи Василев Јасмин, Тиквешко востание (поранешна ЈНА) и Цано Поп Ристов. И секако Градскиот плоштад во средината, чиј конечен лик е сеуште непознат. Е токму Градскиот плоштад, заедно со Градскиот парк (и тој непрепознатлив денес за многумина) се најважните геостратешки точки во градот, што би се рекло од општокултурно градско живеење – Центарот на Тиквешијата. Но, да се вратиме на градот и неговото ововременско и минатовременско градско живеење. Ако ве држат сеќавањата, овде освен поранешните референдуми за тоа дали да има или нема градски самопридонес за изградба на витални градски објекти, никој не ги прашал кавадарчани дали сакаат така драстично да им се менува ликот на родниот град. Нејсе, тоа трае заедно со факинг транзицијата и енормното богатење на градските велепоседници речиси триесет години, така да, џабе везеш блузеру. Оно џабе везат и тоа порталите и ѓоамити медиумите кои личат најмногу на билтени, ко’ од времето на врапчињата со партиски директиви, а кои го поддржуваат ситното везење. Нешто се нервирам?! Ма не, воопшто. Својата борба за Кавадарци пристојно место за живеење ја заклучив и го фрлив клучот од катанецот во Луда Мара.

Паметам, а паметам од поодамна, некое лето во Кавадарци, седиме деца на плоштадот под сенка, зад нас прска фонтаната, се токмиме чиј ѕенѕер да го “овршиме“, пумпаме тоа гумите на пони точаците и тргнуваме. Некаде под АК “Тиквеш“ (тогашен) накај пекарата, ги напаѓаме “каубојските ѕенѕери“, се враќаме на плоштадот и ајт’ сите по дома у WC. Акција – реакција. Ама тоа не не запираше уште истата вечер да се истопориме на фонтаната со човечињата пред (тогашно) “Борово“ и да раскажуваме приказни кој – колку е храбар и да ја гасеме жедта од (пре)солените пуканички, семки и леблебија. Деца бевме, фантазии безброј, си го сакавме градот, плоштадот беше полн зеленило, на градот не му беа потребни проект – еколози истото да биде заштитено. Оти бевме воспитани дека тоа што е заедничко е на сите. Во меѓувреме одевме на кино. Како растевме одевме и на Театар. Одевме и на добри концерти. Одевме во паркот, другарите и пријателите свиреа гитари, со саати се “ладевме“ од одсекогаш (пре)високите летни температури во Кавадарци. Дневната шема со табла, карти, јамб, шах во ресторанот “Бриони“ се случи во меѓувреме. Како и секое меѓувреме – и тоа траеше кратко. И тука прекинувам, затоа што во П.С. имам нешто важно да ви кажам. За патриотите кои денес се на протести, а утре на црноморските, егејските и јадранските плажи, а задутре на работно место во некоја буџетска установа - во некоја друга прилика. Да, во меѓувреме се сетив дека имам резервен клуч од катанецот.

П.С. Денес е сабота, значи утре е недела, 10 јули, ден кога заедно со добри градски луѓе го одбележуваме Меморијалниот ден “Денот кога се роди добриот човек“ посветен на денот на раѓање на добриот човек Дејан Костов Лиса. Лиса беше дел, своевидна дефиниција за урбан лик од вистинскиот центар на градот. Еден од последните. Лиса сеуште и денес не прави подобри луѓе. А токму утре од 18 часот, на youtube каналот на Алтер Центар, Здружението за алтернативна култура од Кавадарци кое со скромни можности изминативе години направи големи градски нешта, ќе се промовира една музичка тема, песна посветена на Лиса, на неговиот урбан и редок градски лик, еден од последните кои вистинско Кавадарци ќе ги памети. Проектот “Лиса“ со темата “Пријатели и другари“. Онака, за малку фино да се растрепериме, оти нели, малку поинакви, со сите белези и лузни кои ни ги оставил градот, ама со срце, искрено и со љубов, за Лиса, за градот и за сите оние  кои на Кавадарци му ги оставија најубавите урбани и градски приказни.


By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци