Wednesday, October 23, 2019

Блузирање (242-272)


(прва кавадаречка колумна)

“Kao na strazi cuvam noc od budnih
ja sam samo jedan od sinova bludnih
pravih se reci uvek kasno setim
odgovor znam kad ostanem sam...“

“Cuvam noc od budnih” – Leb i Sol, LP “Kao kakao”, 1987

Постпанаѓурски денови во Кавадарци. Нервозни денови, особено за жителите на зградите чии влезови служеа како најмизерен клозет. И за мала и за голема нужда. Сега три месеци нема да можат да се ослободат од смрдеата на “културните“ посетители на панаѓурот, во пакет со тезгаџиите. Ма не би давел со панаѓурот, го “третира“ блузерот со години, ама певаљките, срциња едни, строфа од тоа турбо фолкот не споија (звучеше некако српско / ирански / турски / босански /авганистански / македонски / бугарски / колонијалистички / диктаторски / звучеше срање по дефиниција, по ретките кафеани на Бул.“Никола Минчев“). И толку за панаѓурот (есенски, како да имаме панаѓури за секое годишно време), оти времето не газе, ете не задоцнети, а 21 век започна пред 19 и озгора години. Да бе, како погодивте! За Кавадарци станува збор.
Некаде низ годините минати на ова место (парче слободна виртуелна територија) е пишувано за се и сешто, секогаш како сведоштво на авторот на овие редови, во оваа самобендисано наречена “прва кавадаречка колумна“. Друго ми беше зборот. За препознатливоста на градот наш, за растот и промените, лицето негово, а особено опачината. Како вредност, како место на раѓање, живеење и умирање, како ветер и магла гледани низ призмата на зборовите на сите до еден од оние кои се осмелуваат да се наречат политичари. Оти да се разбереме – како сте се дограбиле до некоја функција, вие сте тоа, политичари спомнати реченица – две погоре. Сите до еден – никакви. И така со децении наназад.
Си беше еднаш една фонтана. На делот од плоштадот познат како – кај Стоковната. Препознатлива наназад со децении дури и од ретките разгледници од Кавадарци. Да, некогаш беше, сега само се спомнува и во Кавадарци се продаваа разгледници по трафиките, денес јок, макар само како сувенири оти и да се продаваат, нема кој да ги купи и прати. Оно, според тоа што можам да посведочам, во нормалниот свет испраќањето разгледници сеуште функционира и поштите не служат само за плаќање сметки со дебели провизии. Еве кај и да е очекувам разгледница од Лондон. Ќе стигне.
Купувавме разгледници и ги праќавме, затоа што како луѓе имавме пријатели низ светот. Сега и да сакаме да пратиме, ќе мора да ги адресираме до некој од бројните роднини, пријатели и другари, кои низ последните дванаесет – тринаесет години си пронајдоа некоја нова татковина низ тој ист свет. Но и тие се со различен табиет и карактер. Додека грото од нив заминаа по парче леб за нив и нивните семејства, дел од нив добро ситуирани таму некаде зад седум гори и мориња, се обидуваат да си играт мајтап со нас и ни солат ум како тоа ние ретките кои овде останавме да живееме. Е добро де, ќе рече некој од вас, си можат – си терат. Е па добро де, ќе речам јас – нека дојдат овде да го платат данокот на заработените “парички“, па нека терат до каде можат. Би можел овде да го напишам со големи букви, ама не сакам – тие истите се жители на некои други земји, таму гласаат, таму плаќат данок, тамиу ги трошат своите пари – таму живеат!
Оти овде, оние ретки кои си ја знаат работата, што би се рекло професионалци на својот занает се нешто им сметат на оние кои се стуткаа во “нежните“ прегратки на некоја од политичките партии, се нешто се на удар на приучените политиканти со испран мозок, се нешто покажуваат со прст кон нив. А ваму, газолисците неиспаднати од дома – по дефиниција принтскрин дно – дна шалабајзери кои до крајот на животот ќе го чекаат својот конечен џек – пот во некоја од градските кладилници и коцкарници, трабантите на локалните врхушки, националисти од социјалните мрежи, градските скржлавци, крадците на општествените добра (што е водата за пиење, ако не општествено добро?!), модерните удбаши без сенка, кодоши кои заборавија дека нивните родители беа добри луѓе, ете чекаат на ред за фотелја, чекаат на ред за државна паричка од Република Северна Македонија, која така ревносно ја плукаат, меѓу два викенда поминати во омразените Грција и Бугарија.
П.С. А сакав нешто друго да пишувам. За неколку од кавадаречките маала кои добро ги познавам, поттикнат и инспириран од извонредната промоција од пред некој ден на книгата “Маалски прикаски 1+2“ на еден од најдобрите македонски новинари Синиша Станковиќ. Ма во некоја друга прилика, наскоро, на ова исто место, каде се сака Кавадарци така што се зборува за неговите маани и доблести. Оти, не сме само за денес и утре. Ќе да сме за подолго, се допаѓало тоа некому или не.

By
Марјан Т.
Бул.“Џон Ленон“ 3
Кавадарци