Saturday, December 30, 2023

Блузирање (302-332)

(прва кавадаречка колумна)

Уште една тура додека не стигнат Загор те неј и Блек Стена, додека не не “распердаше“ Командант Марк, додека не ни “вреште“ по една Текс Вилер. Мистер Но секако ќе ни понуде авантура некаде во Бразил, а Дилан Дог ќе не одведе во неповратот на темните страни на Лондон. Добро сега, не дека Марти Мистерија ќе не пречека со мирно секојдневие, ама ете кај е Рип Кирби со неговата детективска упорност да не спаси од злото.

Се ближи крајот на уште една година. Радост ли е што иде Нова година, тага ли е што уште една година заминува?! Кој ќе го знае одговорот – Нобелова награда. Исто ко‘ што треба Нобелова награда за оној кој ќе ги израмни шахтите низ кавадаречките улици, па да возилата низ градот потраат уште некоја годинка. Проблемот е во тоа што нема проблем, има незнаење и непрофесионалност во изведбата на истите тие шахти. И улици!

Нејсе. Иде Нова година и на ден – два пред неа нормалниот свет прави рекапитулација на она што било претходната година, да се запише и верифицира она што било квалитетно, да се исправат грешките во периодот кој доаѓа од она што било неквалитетно.

Низ изминативе години, вообичаено последната колумна во тековната година блузеров ја посветуваше на најдобрите културни и уметнички настани кои му се случиле на Кавадарци. Но, со оглед на тоа што низ изминатиот период се намножија ликовни критичари, музички критичари, литературни критичари и слични критичари, еве сега не го правам тоа. Оставам на големите познавачи на кавадаречката култура и уметност да си го направат својот избор на најдоброто (има некој “муда“ да го направи тоа?!) . Секако, доколку присутвувале на некој културен и уметнички настан, па евала – повелете со свој избор и образложение зошто е тоа така. Јас ќе си приспомнам само на она што ми ја грееше душата, што ги радуваше љубителите на квалитетното и секако субјективно и лично. Се заебавам?! Има такви низ градот?! Нема?! Сериозен си блузеру? Ретко кога сум бил посериозен!

Два настани ми останаа при срце, па дозволете ми да објаснам зошто, како, каде и од кого, па и со кого. Во суштина и нема што да (до)објаснувам. Пролетта 2023, почеток на месец мај, во Дом на култура Кавадарци се отвори изложба на графики на Иван Мегленов. Кавадаречко дете, а скопјанче, ма извонреден уметник. И графичар и дизајнер. Една од изложбите последниве години која беше одлично посетена на отворањето, а во 2023 особено и бројно, ептен, ма најбројно. Заслужено секако, затоа што Иван има што да каже, а ние како посетители уживавме. Уметниче – секоја чест!Ама епте секоја чест!

Втората изложба и не се случи во Кавадарци. Туку во култниот МКЦ во Скопје. Изложбата “Некогаш и денес“ на големиот Ристо Соколов Сокол. Фантастично доживување, дружба со големи луѓе, новинари, ликовни уметници, музичари, книжевни издавачи, актери, пријатели и обични љубители на ликовната уметност. Горд сум на секој момент, од идејата до реализацијата на изложбата. Посетеноста голема, на изненадување на блузерот. Се друго кавадаречко во Скопје е една обична и извикана прикаска. Никој никаде! Ве немаше никаде бре да му изразете човечка почит на најголемиот од Кавадарци! Барем оние кои јадевте и пиевте на негова сметка! Со исклучок на петнаесетина кавадарчани од Скопје (останатите во Кавадарци доаѓаат да си ја земат зимницата, да се изнаиграт на турбо фолк музика на гроздоберот и слични тракатанци), на изложбата бевме оние кои Ристо го познаваа, го дружеа и не го заборавија. Нејсе, благодарност од се срце на сите кои дојдоа од Скопје, од Кавадарци, од Кочани, од Неготино и други градови, благодарност што ете бевте таму. Секоја ви чест! И ете, за блузерот и ова е настан на годината, можеби најголем, оти така треба! Фала им на Винаријата “Наумчеви“, на нашите Ѓоко и Мицка, на извонредните вино и ракија, фала и на Таца и нејзиното Радио Кавадарци без која изложбата којзнае дали ќе се случеше и толку! Никој друг рецка не ни удари за настанот. Секако благодарност до сите медиуми (дневни весници, сајтови, портали, над шеесет медиуми кои несебично објавија информација (најава, критика, објава и др.) за изложбата на Рики.

П.С.

Ова беше последното издание на првата кавадаречка колумна за 2023. Се понатаму е вовед во 2024, јубилејна, стратешки нели важна. Во 2024, веќе спомнавме,  ќе се одбележува 20 години и 350-то издание од почетокот на Првата кавадаречка колумна “Блузирање“. Среќна Нова година. Среќни празници се таму до Први мај! Кому како1

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Wednesday, December 13, 2023

Блузирање (301-331)

(прва кавадаречка колумна)

Колку само се радувам кога ќе разберам дека некој се грижи за рок музиката во Македонија, особено ако станува збор за кавадаречката рок музика. Извонредно. Мада не знам од каде излегуваат луѓето, се радувам кога некој се осмелил да сними и аудио и видео материјал со кавадаречките рок бендови, особено што тоа чини пари, а ние неколкумина, ентузијасти ли како ли да се наречеме, појма немам, ама се утепавме барајќи поддршка низ годините наназад за да помогнеме на кавадаречките рок бендови и никој рецка не ни удри, ама ете, супер е нештото што се случило. Изворите (на авторот) велат дека снимките ќе се појават за Нова година на јутјубето, би му дошло како новогодишна програма. Како се вели нека рока! Long Live Rock’NRoll from Kavadarci!

И од одовде ова станува (пред)новогодишна колумна. Влегуваме за дваесетина дена во изборна година, ќе биде интересно, оти ќе се судрат истите кои се судруваат триесет и озгора години меѓу себе. Арно ама, влегуваме и во јубилејна година.А тоа е милион пати поважно од изборите, наврем ли им ги избори. Во 2024 се навршуваат 20 години од објавувањето на првото издание на (самобендисано наречена) првата кавадаречка колумна “Блузирање“, плус уште еден скромен јубилеј, ќе дотераме до 350-то издание на истата. Така да, ќе биде весело. А за изборите? За македонската и кавадаречката рок музика и нејзините исполнители? Секако допрва ќе читате! Да сме живи и здрави секако, нека трае пенкалото.

А колумнава почна “скромно“ во двонеделникот “Тиквешка хроника“ кој “траеше“ две години. А истиот остави богами дебел белег во кавадаречкото новинарство. Особено што двонеделникот  беше независен и не зависеше од ниту еден “кобајаги“ фактор во државата и регионот. И да се разбереме: “Тиквешка хроника“ беше пред се кавадаречки новинарски производ. Дотука се е јасно нели?! Понатаму со свои зборови.

За предновогодишната еуфорија, ако ја има, сега за сега нека пишуваат други, мене ми е важно околу себе да имам добра музика, добри луѓе и фина секојдневна атмосфера. Ќе ги изоставиме овојпат сообраќајната и општата некултура, антиградското однесување, ситните души, душегрижниците и озборувачите, кодошите и ширачите на лажни вести. Нека си уживаат во нивните “смрдливи“ гнезда. Ние троа поразличните и свои, со сопствен став ќе си го тераме своето на раат. Доста ние се нервиравме. Време е фалбаџиите и нафатираните да си погледнат зад грбот. Ама нивно си е. Ние нашето, тие нивното. Оно нашето не би го дал за илјада пати нивно, така да (сабота ли, недела ли е, воопшто не е важно кој ден е денес) вечер со убави човеци и одлична музика во пресрет на нови денови исполнети со убавина од почит, дружби и разговори за фини мали нешта кои го прават животот. А култура и уметност? Па блузерот секојдневно зборува за тоа, па и овие редови се полни со култура и уметност. Оти за квалитет не се потреби зборови, потребни се човеци кои си ја разбираат работата. И ја сакат!

П.С. Е па сега и ПС ли да тераме. Е океј де, ќе тераме, оти денов кој трае којзнае што ќе донесе и каде ќе не однесе. Радувајте се на сијаличките, радувајте се на табуретките, радувајте се на деновите кои ќе ви ја донесат Новата година. А инаку по Новата година е први јануари, така да, вие си знаете!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци

Thursday, December 7, 2023

Блузирање (300-330)

(прва кавадаречка колумна) 

Еден ден, ама еден стварно убав ден, се ќе биде поинаку. Нас ќе не нема, а за тоа кои сме биле и што сме оставиле зад нас ќе зборува пред се зборот што сме го кажале. Дали тој бил издржан или вредел само таа секунда и пол од кажан до слушнат. Секако за многумина важи и што оставиле зад себе како дела, дали се реализирале како луѓе, дали чесно си го одживеале човечкиот век и не подлегнале на притисоците кои ги носат општества како нашето. Недоречени и нереализирани општества кои застанале на вратата на демократијата и се плашат да влезат. Запустено општество во кое оние кои се реализирани како луѓе и професионалци, а кои имат уште многу да кажат и придонесат се маргинализирани. Дел од нив се тивки затоа што така самите одлучиле, дали од непотребен страв или од некоја друга позлобна причина – сами си знаат. Добар дел од нив уценети, притиснати, повредени и навредени и немаат сила, изгубена им е попатно во нивната борба со секојдневието полно со самобендисани неостварени и болно амбициозни типчиња, од кодоши, од озборувачи и лажговци. Од самата злоба која како да е всадена во ова секојдневие кое не да тапка во место, туку тони со засилено темпо. А општеството има име, се вика држава, во случајот Македонија, има и градови затрупани во својата провинцијалност без намера да дозволат оние кои знаат и умеат да се раскрилат, та да се раскрили и општеството и сите ние да си тераме работа како знаеме и умееме, колку што можеме. Оти никој не е вечен. Ама по се изгледа овде ништо не значи ниту самата ограниченост на човечкиот живот. Мислиш ќе се живее вечно, а вечни остануваат само оние за кои идните генерации ќе прозборат некој збор, не оние на кои им креваме споменици само затоа што на некој кој во моментот владее му се присакало. И така триесет и озгора години, а никаков знак на надеж нема дека нешто во блиска иднина ќе се промени.

Нејсе, друго ми беше зборот. За луѓето кои не напуштија кога ни беа најпотребни. А во меѓувреме се случи трагедијата со малечката Вања и пензионерот Панче. Она што овде во изминатите изданија на колумнава е говорено, не од што авторот на овие редови е препаметен, туку од што не се научивме да бидеме добри луѓе, од што не научивме да се наумиме и да тераме низ животот без да им сметаме на другите, без да нанесиме некому болка. Така да нема друга приказна, туку најстрога казна по сите законски основи за сите злосторници! И да, најстрога казна за сите кои не почитуваат закон. Биле тие сообраќајни прекршоци, биле тие локални шерифи, биле тие на врвна функција, а сториле зло, биле тоа локални или национални дрипци кои ги заболе за нашиот обичен живот, биле тие криминалци од најголемиот маштап, ројки кое и не знаат, едноставно кажано – да се потпишат бре. Страшното е тоа што се полуписмени, а најстрашното е што писмените молчат и дозволуваат овие монструми да владеат со нив. Тешко нас и во иднина со ваквите. Непрокопцани и “храбри“ со нивните моронски навики да нанесуваат зло каде и да стигнат. Убиецот е лоциран, фатен и ќе одлежи затвор. До крајот на животот на државна храна, во некој затвор низ државата. За скоро ќе заборавиме и на убиецот, ќе заборавиме и на Вања и на Панче, ќе заборавиме и на нашите коментари по социјалните мрежи, ама едно останува. Најлошо во сето ова е што забораваме на себеси. На себеси и ројките околу нас чиј неприкосновен и убиствен шалабајзерки живот го крои и нашиот живот. Останува белегот дека имаме убијци околу нас! Бескруполозни убијци!

П.С. Нема П.С. Само тага и невиден пораз на сите обични и нормални луѓе. А такви сме повеќето, нели? Или само се занесувам со добрата мисла?!

By

Марјан Т.

Бул.“Џон Ленон“ 3

Кавадарци